ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СУД ЗЕМА 180.000 ДЕНАРИ ПЛАТА, А ПРЕМИЕРОТ 155.000 ДЕНАРИ Мицкоски нема да го зголеми буџетот за правосудството
Буџетот кој Владата го издвојува за правосудниот систем е повисок од 75% земји членки на Европската Унија и јас не гледам потреба за зголемување на таа сума, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа причина да се зголеми буџетот за судството, затоа што, како што истакна, судиите бараат судски буџет далеку над европскиот просек.
– Кои резултати ги покажаа, за да го добиваат тој буџет – вели Мицкоски.
Тој презентираше анализа за македонските граѓани.
– Ова е европски извештај. Буџетот кој ние како држава го издвојуваме за правосудството е 0,39% од нашиот бруто домашен производ. За да знаат граѓаните, соседна Грција издвојува 0,26%, Франција издвојува 0,2%, да одиме чекор понатаму, Германија издвојува 0,3%, европскиот просек е 0,31% од БДП, а медијаната е 0,28%. Ние издвојуваме повеќе и од медијаната и од европскиот просек или во бројки, повеќе од 75% од земјите членки на ЕУ – посочи премиерот Мицкоски.
Додаде дека дури и земјите кои се стремат кон ЕУ издвојуваат помал буџет од Македонија, односно Албанија 0,295%, Молдавија 0,35%, Грузија 0,23%.
– Законот вели до 0,8% од БДП за судството. Во новите измени на законот бараат минимум 0,8% и минимум 0,5% за обвинителството или вкупно 1,3%, што нема теоретски шанси, затоа што би било три пати повеќе од земјата што издвојува најмногу за правосудството во Европа. Судија почетник, според европскиот извештај, годишно заработува 19.170 евра бруто плата, за Словенија од истиот извештај судија почетник заработува 34.101 евро бруто плата или некаде околу 80% повеќе, притоа БДП за Македонија е некаде 6.500 евра, а за Словенија е 28.000 евра. Или математички, судија почетник во Словенија има 80% поголема бруто плата од судија почетник во Македонија, при три и пол пати поголем БДП од тој кој го имаме ние. Каква е пропорцијата тука – вели премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека претседателот на еден суд во Македонија има плата околу 180.000 денари, а неговата плата како премиер е 155.000 денари.
– Во регионот буџетот за судови, Албанија 0,17% од БДП, ние 0,30%, а Молдавија фронтранери кои напредуваат кон ЕУ 0,18%, Грузија 0,15%. Ова кажува дека буџетот кој Владата го издвојува за правосудниот систем е повисок од 75% земји членки на Европската Унија, јас не гледам потреба за зголемување на таа сума. Што се однесува до делот за одобрување на планот за вработување и унапредување, немам проблем, Владата не се меша во судството, но Владата е одговорна за трошењето на секој денар народни пари, а кога тие пари ги троши некој орган од управата на државата, логично е да државата се грижи за тоа – изјави премиерот Мицкоски.