Претреси во Скопје, запленета дрога наменета за турскиот пазар
При извршен преглед на такси возило, во кое се превезувал А.Р.,пронајдени се две ќеси со наркотична дрога марихуана, која требало да биде предадена на друго лице за да го изврши транспортот до Турција.
На булевар „Србија“ вчера се приведени двајца скопјани кои во такси пренесувале дрога наменета за турскиот пазар, информира МВР.
– Лишени се од слобода А.Р.(43) и Е.С.(29), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. При извршен преглед на такси возило, во кое се превезувал А.Р.,пронајдени се две ќеси со наркотична дрога марихуана, која требало да биде предадена на друго лице за да го изврши транспортот до Турција – велат од МВР.
Полицијата додава дека малку подоцна на истиот булевар, запрено е патничко возило „цитроен С4“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на А.Р., а управувано од Е.С.
– Во координација со полициски службеници од СВР Скопје, по добиена судска наредба, извршени се претреси во домовите на двете лица, при што се пронајдени и запленети повеќе пакувања со марихуана, со тежина од околу пет килограми и вага. Двете лицасе приведени во полициска станица Бит Пазар и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје – велат од полиција.