ПРЕТПРИЕМАЧИТЕ САКААТ СТАБИЛНА БИЗНИС-КЛИМА Македонските стартапи немаат време за чекање
„Природно, политичката ситуација има влијание врз стартапите од аспект на тоа дека не секогаш може да се планираат покрупни инвестиции во држави каде има несигурна регулаторна клима и претприемачите не се сигурни дали законите кои важат во моментот, ќе важат и во периодот кој непосредно следи, како и имаат сомнежи околу добивањето ефективна и ефикасна судска заштита во случај да е тоа неопходно, вели Симона Чаминска, националниот координатор на Глобалната мрежа на претприемништвото.
Македонија врие од стартапи и нови идеи за мали и средни бизниси од млади луѓе кои сонуваат за дигиталната иднина: преку ноќ тие се вмрежуваат меѓу себе и со светот, а минатата недела земјава ја прослави Глобалната недела на претприемништвото, настан кој од идеја на милијардерот Ричард Бренсон станал традиција во 180 земји.
Плусинфо зборуваше со Симона Чаминска, национален координатор на Глобалната мрежа на претприемништвото. Македонија е на пат да биде европска жешка точка, или хаб на нови идеи, а патот е полн предизвици. Според Чаминска, не е тајна дека бизнисите секогаш бараат стабилна почва и закони, предвидлива бизнис-клима, но и правично судство кое би можело да ги заштити. Но, тоа не ги предомислува младите од Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, практично од десетина градови да ги прават првите чекори во новата дигитална македонска економија.
Таа ни открива дека сите стартапи имаат свој збор на настанот, а често се зборува за иднината: како ќе изгледаат работните места, каков тогаш ќе биде протокот на средствата, како стартапџиите да се образуваат … и фактот дека сè повеќе жени стануваат и треба да бидат на челните места во компаниите.
Иако имаме извонредни приказни на жени-претприемачи, само третина од бизнисите во земјава се управувани од жени, а таа вели дека тоа може значително да се подобри.
ГНП кај нас се случува повеќе години наназад. Имате амбициозна програма од 45 настани, гости од странство и „пијалак со претприемач“ каде бизнисмените си ги кажуваат маките и своите патешествија. Што го одбележа овогодишниот настан?
Всушност ГНП се случува од 2007 година наваму, прво во организација на ПСМ Фондација, додека во улога на домаќин од 2018 година наваму се јавува Стартап Македонија. Оваа година, како организатори се обидевме да интегрираме и теми од областа на иновациите, футурустички теми, разни технологии и да отстапиме доволно простор на сите партнери од екосистемот да ги промовираат програмите и проектите на кои работат, со цел да се обезбеди поголема размена на информации меѓу посетителите на настаните и самите партнери. Стартап Македонија оваа година посвети внимание на тоа како ќе изгледаат работите (работните позиции) во иднината, па во организација со Македонски Телеком АД Скопје и ИМЕ Програмата поддржана од Швајцарската Агенција за Развој и Соработка организираа настан каде имаше три панел дискусии предводени од Академијата, Неформалните академии и тренинг центри и приватниот сектор за тоа како од нивна перспектива ќе се менуваат работните позиции во иднината, со цел да се доловат некои очекувања и отворат перспективи за присутните за она што би можела да го донесе иднината. Други настани кои беа многу интересни опфатија теми поврзани со социјалното и женското претприемништво, претприемачко образование, промоција на младинско претприемништво и секако пристап до финансии.
Македонија има 60-тина стартапи, односно толку учествуваат на настанот. А сите се од десетина различни градови. Што најмногу им треба на нашите млади бизнисмени: контакти, финансии, меѓусебно вмрежување, поддршка од државата? Како политичката ситуација на Балканот влијае на стартапите?
Најчесто, стартапите и претприемачите кои земаат учество на ваков вид иницијативи и настани, но и сите останати заинтересирани лица, се мотивирани од тоа да остварат што е можно повеќе контакти, да разменат искуства, да запознаат потенцијални инвеститори и дури и да запознаат лица кои подоцна би ги зеле во рамки на своите тимови. Оттука, не постои една и единствена алатка или тип на помош која би им била од корист, туку се работи за комбинација од потребни ресурси зависно од степенот на зрелост на компанијата. Природно, политичката ситуација има влијание врз стартапите од аспект на тоа дека не секогаш може да се планираат покрупни инвестиции во држави каде има несигурна регулаторна клима и претприемачите не се сигурни дали законите кои важат во моментот, ќе важат и во периодот кој непосредно следи, како и имаат сомнежи околу добивањето ефективна и ефикасна судска заштита во случај да е тоа неопходно. Оттука, што постабилна политичка клима, тоа посигурни инвестиции и поохрабрени стартапи за развивање на иновативни решенија.
Малку терминологија за читателите. Што се стартапи, што акселератори, а што мали и средни бизниси?
Стартапи се млади (новоосновани) компании кои за свој производ имаат иновативна идеја или услуга, користат нов или дисруптивен вид технологија и претставуваат високоризични компании за привлекување на инвестиции. Согласно Законот за Иновациска Дејност, акселераторите се субјекти кои даваат инфраструктурна поддршка за забрзување на успешниот раст на старт-ап претпријатијата во нивната рана фаза на развој, преку обезбедување на низа на потребни ресурси и услуги, а пред сè преку вложување и стекнување на сопственост во истите. Мали и средни претпријатија (бизниси) се компании кои согласно Методологијата на Комисијата на ЕУ за класификација на претпријатијата според големината, имаат одреден дел на вработени. Така, малите претпријатија вработуваат до 50 вработени, додека средните до 250 вработени.
Во едно поранешно интервју рековте дека жените, но и сите други треба да бидат инклузивно вклучени во екосистемот за да можеме да функционираме. Имаме ли бројка колку жени и како се вклучени во домашното претприемаштво?
Од исклучителна важност е да се обезбеди целосна интегрираност на жените во бизнис заедницата, за што говорат и успешните политики кои се носат на тоа поле, како што е Националната Платформа за женско претприемништво донесена во Мај годинава во соработка со Владата и Здружението на Бизнис Жени. Претседателката на Здружението на Бизнис Жени г-ѓа Валентина Дисоска, во свое интервју за порталот Иновативност изјави дека генерално состојбата на жените претприемачи е на стаклени нозе бидејќи во услови на здравствена криза, економијата е многу падната, но и дека економската активност на жените е многу падната заради семејните обврски. Според неформални податоци, само околу 30 отсто од претпријатијата во Македонија се во сопственост на жени претприемачки, што секако остава простор за подобрување и дополнително стимулирање на женското претприемништво. Оваа година, програмата на ГНП предвиде два настани за женско претприемништво и тоа споделување на успешни приказни од жени претприемачки во организација на Алумни Асоцијацијата на Школата за млади лидери на Ѓорѓе Иванов и претстојниот настан во петок за дополнителни можности за усовршување на жените во разни области, во организација на Women in Tech Macedonia, Македонија 2025 и Иновативност.