Претпоследниот удар?!

Советот на европа, со мнозинство гласови од присутните, изгласува крај на пост мониторингот врз Бугарија. А веројатно како некаква шега, додава обврска на Софија да работи со своите соседи на надминување на проблемите кои сѐ уште постојат. Што е малку чудно бидејќи, прво, Софија си сработила во минатото сѐ што требала, и второ, зошто таа сега би работела нешто во таа насока кога некои групации кај нејзините соседи, особено во Македонија, одлично одработуваат за неа, нели?!

1,540

Просто е неверојатно дека и во дваесет и првиот век постојат толку лековерни (а наводно учени) луѓе кои мислат дека нештата – особено во меѓународната политика – се случуваат ненадејно, неочекувано, од ништо непредизвикани…, слично како летниот дожд или есенскиот снег. Иако ни тие природни нешта не се случуваат баш така случајно и необјасниво. На некои од тие „учени“ дури сега, после цели три години, им доаѓа просветлението дека онаа „случајна“ т.н. „специјална операција“ во Украина не е баш така ненадејна и неиспровоцирана (иако повторно грешат сметајќи ја за резултат на „погрешни потези“ на западните „фактори“, коишто всушност беа – намерни!). Други пак и понатаму, наспроти неодамнешните случувања во европскиот парламент (малите букви се…) со Македонија, а сега со новите провокации во советот на европа (малите букви се…) во Стразбур со Бугарија, настојчиво скандираат „Бугари во Устав“ и тоа го прогласуваат за „најпатриотска“ идеја.

Па за некои таа – како и „червените линии“ на Филипче! – е дури попатриотска и од проблемот со фертилитетот. Што можеби е и точно: заедно со исполнувањето на вековниот сон на Бугарите и нивното вметнување во Уставот, Македонија набргу неколкукратно (броено во милиони) би го зголемила „прирастот“! Само што Македонците би биле – малцинство! Ама тоа некому очигледно не му пречи. Напротив!






Но така е кога „учени“ луѓе се гледаат себеси како политичари, аналитичари, професори… Дури и некој кој, иако „завршил неврохирургија“, чудно патриотски „не гледа“ што иднина носат некои потези, но сака да се занимава со политика, и тоа на државно ниво. И не само тој „некој“, се разбира, туку многумина слични мислат дека нештата во неа се производ на влијанието на гама зраците врз сенишните невени! Или на нивните желби. Но тоа сепак е „политика“ за во некоја месна заедница, или селска задруга, зашто таму „гледањето“ односно политиката дофрла одвај до некој плот или нива, па и не е којзнае колку важно или судбинско.

За жал, таквите никогаш не се сами или осамени – ги следи цела сурија слепи послушници кои сериозно мислат дека во меѓународната политика дува некаков благонадежен повардарец, дека сонцето сепак се врти околу земјата, дека империјализмот е само некаков бауч од минатото… И дека можеби оној Руте или Мерц, онаа Калас и фон дер Лајен, па онаа Валтонен… се само инцидентни ликови на европската политикантска сцена. Ама не се, па дури и Данска, сосе нејзината ужасна геноцидна историја кон Гренланд и Инуитите, се осмелува нешто да коментира и да дели ум! Тоа е само нов, модифициран профашистички хор со јасни агенди и веќе проѕирни намери. Само нашиве слепци се доволно наивни и понатаму да реват: „Бугари во Устав“!

Секако, некој може да го види и како патетичен настапот во Стразбур на една македонска пратеничка од владејачката коалиција со цитатот од Петре М. Андреевски среде парламентарната сесија на советот на европа (малите букви се…). Тоа е веќе работа на проценка, некој ќе кажат и на вкус, но не ќе можат да негираат дека реченото е кажано на вистинското место и во вистинското време. Зашто, на сите оние кои и понатаму имаат некакви сомнежи, токму тој совет на европа, на таа седница, го задава безмалку претпоследниот удар во таканареченото „македонско прашање“. Она коешто – не постои, нели.

Зашто, токму тој совет на европа си дозволил на таа седница да дебатира дали Бугарија, по 25 години, заслужува да не биде под мониторинг за нејзините државни механизми – поточно „политики“! – за почитување на човековите права и владеење на правото. Што во прв ред се однесува на непочитувањето (како најблаг можен збор) на правата на бројното македонско малцинство во таа држава. И, се разбира, тој совет на европа, со мнозинство гласови од присутните, изгласува крај на пост мониторингот врз Бугарија. А веројатно како некаква шега, додава обврска на Софија да работи со своите соседи на надминување на проблемите кои сѐ уште постојат. Што е малку чудно бидејќи, прво, Софија си сработила во минатото сѐ што требала, и второ, зошто таа сега би работела нешто во таа насока кога некои групации кај нејзините соседи, особено во Македонија, одлично одработуваат за неа, нели?!

А што е уште почудно, токму кај тие нејзини засегнати соседи – поточно во Македонија – оваа скандалозна „пресуда“ на советот на европа останува само на пораката на Петре М. Андреевски односно на целосен јавен молк и од државните фактори, и од опозицијата, и од општеството во целина. Како ништо и да не се случило! Па ни за она Здружение на новинари на Македонија кое побрза да го исклучува Божиновски од нивните редови наместо да напише збор-два за ова.

Не е на одмет да се каже дека оваа и ваква Европа, сосе „семејството“ викано еу (малите букви се реален одраз на нејзината важност денес!), сака да го претставува оној совет на европа како водечка организација за човекови права на стариот континент. Уште од основањето во 1949 година таа Европа гледа на тој совет со некаква чудна, па и необјаснива гордост. Иако токму тој совет, не само заради последнава онаква одлука за Бугарија – за среќа не едногласна! – се става на опашката на човековите права. А така фалбаџиски уживаат да се прогласуваат за „зона ослободена од смртната казна“! Но, ваквите „пресуди“ не се ли многу, многу блиску до колективна смртна казна за едно малцинство коешто, според одделни извори, брои дури 1,5 милиони луѓе?!

Дотолку повеќе што и самата Резолуција (т. 14) потенцира дека во Бугарија „преку 90 многу важни пресуди на Европскиот суд за човекови права чекаат на имплементација, а една третина од нив најмалку 10 години“! Дури ни овој ноторен факт што најотворено ја негира од страна на Бугарија самата суштина на овој совет на европа не успеал да ги освести претставниците на земјите членки конечно да ја осудат таа земја за брутално кршење на човековите права! И не само тоа туку не прифатиле ниту еден амандман на македонските претставници за поцврст/поостар тон кон Бугарија и признавањето на македонското малцинство.

И сега, да се вратам на почетокот: и покрај сѐ, и покрај и оваа одлука на советот на европа, некои кај нас и понатаму ќе мислат дека ова е плод на некаква случајност, дека дури самите сме виновни за тоа, дека некои природни сили или некакви магии ни предизвикуваат вакви понижувања…? И понатаму ли ќе се сомневаат во оркестрираниот притисок, но и нешто многу, многу погрдо викано валкана политика контра Македонија, обиди за нејзино комплетно дезавуирање во секој поглед, па дури и во однос на човековите односно малцинските права.

Личи на теорија на заговор? Можеби, но сите елементи, уште од онаа 1991 година, упатуваат на тоа. Со сите неопходни модификации, се разбира, почнувајќи од ФИРОМ па до „француската рамка“. Сите тие се проверени и во литературата потенцирани елементи на културна војна против една држава, со препознатлива ескалација и веќе очигледни цели. Цели кои се поддржуваат – свесно или не, од незнаење или поради други причини – и внатре во државата, со краен резултат викан „Бугари во Устав“. Ако она во советот на европа е претпоследниот удар, „Бугарите во Устав“ ќе биде – последниот. Оној што самите треба да си го нанесеме.

Ако ни тоа не го разбираме, ништо не разбираме!

Поврзани содржини