ПРЕТХОДНАТА ВЛАДА НАПРАВИ ХАОС КАЈ ПЛАТИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР Ристески вели дека треба време за да се создаде ред
Заменик министерот за економија смета дека сите прашања кои ги тангираат работниците и работодавачите треба и се дискутираат на ЕСС и сите решенија треба да произлезат преку дијалог на инволвираните страни.
Мораме сите заедно да соработуваме во рамки на Економско-социјалниот совет за да ги решаваме прашањата кои се во насока на подобрување на економијата и животниот стандард на сите граѓани, изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
– Ние како влада и министерство за економија и труд спроведовме голем број на мерки и активности за подобрување на животниот стандард и раст на сите плати. Изминатиов период се работеше на финансиска консолидација и стабилизација по еден навистина турбулентен период во економијата изминативе 7-8 години, имаме позитивни резултати и врз истите треба да ги градиме идните економски политики – рече Ристески во денешното гостување на емисијата „Стадион“ на радио Канал 77.
Тој додаде дека сите прашања се дискутираат на ЕСС и сите решенија треба да произлезат преку дијалог на инволвираните страни.
– Оваа Влада не поддржува ад хок решенија за важни економски прашања, истите не треба да се административно-политикантски одлуки со кои може да се нанесат и други потреси во економијата, туку истите треба да се производ на сериозен пристап, анализа на економските параметри и преговори на инволвираните страни. Токму овој несериозен пристап од минатата политичка гарнитура во јавниот сектор создаде хаотична ситуација со платите, каде истите се регулираат со разни колективни договори, правилници и одлуки, а како резултат на тоа имаме состојби каде денес во исти ресори, па дури и во исти институции, вработени на исти позиции да имаат различни плати -рече Ристески.
Тој додаде дека во делот каде што владата е работодавач, досега потпишани се колективни договори .
– Со нив на најголемиот број од вработените во јавниот сектор им се зголемија платите во повеќе сектори (образование, здравство, МВР, култура, социјалните центри…), а остануваат околу 7.300 вработени во министерствата. Ние како Влада предложивме скалесто зголемување и формула со која до 2028 година и на овие вработени би им се зголемила платата за околу 40% – рече Ристески