ПРЕСВРТ ЗА ВТОРА ПОБЕДА Македонија ја скрши Украина во Швајцарија

По слабото прво полувреме, македонската репрезентација одигра моќно второ полувреме и стигна до втора победа на турнирот во Швајцарија

161

Македонската машка ракометна репрезентација ја забележа втората победа на меѓународниот турнир во Швајцарија, откако вечерва со пресврт ја совлада селекцијата на Украина со 31-26 (13-17).

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров до триумфот стигнаа благодарение на одличната игра во второто полувреме, откако во првиот дел настапија под своето ниво. Нападот и одбраната не функционираа како што треба, што Украина го искористи и на паузата замина со предност од четири гола – 17-13.






Во второто полувреме на теренот во салата во Винтертур беше видлива сосема поинаква македонска репрезентација. Клучна улога одигра голманот Галевски, кој врза неколку значајни одбрани, по што Македонија направи серија од 6-1 и во 39. минута за првпат поведе со 19-18.

Во продолжението, македонските ракометари ја контролираа играта, постепено ја зголемуваа предноста и без поголеми проблеми го приведоа натпреварот кон крај, запишувајќи убедлива победа.

Македонија турнирот во Швајцарија го отвори со победа над Бахреин од 32-28, а во завршното коло ќе се соочи со домаќинот Швајцарија. Натпреварот е закажан за утревечер со почеток во 18 часот.

За избраниците на Лазаров, дуелот со Швајцарија ќе биде последен контролен натпревар пред настапот на Европското првенство, каде Македонија во воведното коло, на 16 јануари во Хернинг, ќе игра против актуелниот домаќин Данска.

Поврзани содржини