ПРЕСВРТ ВО „ТАРГЕТ-ТВРДИНА“ Грчките сопственици на ОНЕ со години незаконски го следеле спроведувањето на судските наредби за ПИ мерки и можеле да прислушуваат без никој да знае за тоа!
Вработени во компанијата пред судот изнесоа скандалозни сведочења дека по усна наредба на тогашниот менаџмент, од централата се ваделе исписи за сите мерки на УБК и за тоа се правеле приватни архиви на мејлови кои завршувале во Грција. Дали судот и ЈО ќе реагираат по службена должност за шпиoнажа?
Државата и нејзините највисоки институции, додека на власт беше ВМРО ДПМНЕ, во периодот пред да се решава прашањето за името, повеќе години биле предмет на следење и документирање од страна на грчките сопственици на вториот мобилен оператор во Македонија.
Двајца вработени во операторот, на високи позиции во тоа време, вчера, под заклетва, пред судот сведочеа дека компанијата, без да ги информира надлежното Јавно обвинителство, МВР или судот и без да побара согласност од нив, подготвила програма којашто ја инсталирала во централата и преку таа програма на дневно ниво ги ваделе сите наредби за посебни истражни мерки коишто се издавале преку судот и обвинителството до УБК. Ова без разлика дали станувало збор за следење телефонски комуникации на лица осомничени за тероризам, за трговија со наркотици или за економски криминал. Со тоа, компанијата и нејзините сопственици, преку вработените кои помагале во процесот, точно знаеле од кого е загрозена државата, против кого има мерки и истрага и кога евентуално тие мерки се прекинувале.
Извештаите од класифицираните информации за сите мерки кои ги преземале институциите, функционерите во ВИП ОНЕ ги добивале на мејлови, за кои и самите инженери не можат да тврдат дека соодветни биле обезбедени, бидејќи имало можност и да бидат препраќани од мејловите.
Сведокот Дејан Зенделов, на прашање на одбраната дали тогаш имал сертификат за располагање со класифицирани информации, потврди дека немал и дека сертификат му бил даден многу подоцна, откако е формирана Оперативно техничката агенција (ОТА). Но, според негово кажување, тогаш и завршила праксата на следење на мерките што ги преземаат надлежните институции. Зенделов посочи дека сите овие дејствија во грчката компанија се правеле исклучиво по усна наредба од менаџментот, а прв контакт во МВР му бил Ѕвонко Костовски, кој призна вина во првиот предмет „Пуч“.
Одбраната му го цитираше на Зенделов членот 4 од Законот за следење на комуникации, кој вели дека „податоците собрани со овластено следење на комуникациите и регистрите во врска со нив имаат карактер на службена тајна и се под посебен режим на заштита и дека со посебен режим на заштита се регулира постапката на користење, чување и заштита на податоците собрани со следење на комуникациите“. На ова Зенделов се правдаше дека не го знаел законот.
Податоците кои, спротивно на законот, ги прибирала компанијата, според признанието на сведоците, пристигнувале секое утро во 5 часот. Системот, сам по себе, немал можност да чува податоци за таргетирани броеви, односно по деактивирањето на некој број, за истиот не можело веќе да се тврди преку увид во системот дали бил или не бил следен.
Незаконски прибавени докази чија веродостојност не може да се потврди, го рушат обвинението на СЈО
Единствен материјален доказ на СЈО во целата постапка против обвинетите во „Таргет-Тврдина“ е вештачењето, кое се базира исклучиво на податоците добиени од ОНЕ ВИП, бидејќи Македонски Телеком уште тогаш одговорил дека не поседува никакви информации за следењето на комуникации, токму поради фактот дека законот не дозволувал такво нешто.
Вештачењето само по себе е спорно, бидејќи со едноставна споредба на логовите извадени од системот на ВИП ОНЕ со податоците во МВР, лесно се утврдува дека стотици броеви кои постојат како следени во незаконската евиденција на операторот, ги нема кај МВР. Тоа укажува дека е можно да биле таргетирани од друго место.
После вчерашното сведочење, вештачењето станува и беспредметно, со оглед на тоа што е јасно дека се базира на незаконски прибавени докази. Дополнителен проблем е тоа што истото се потпира само на увид во документацијата составена во грчката компанија, што ја предале вработените, а не и на директна анализа во опремата со која што би се потврдила веродостојноста на исписите предадени во СЈО.
Според тврдењата на експертите, такво вештачење на опремата на операторот не е направено, бидејќи дури и да се направи, без скриптата која правела исписи на броевите кои се следат во моментот, не постои никаква можност централата да ги чува тие податоци.
Тоа, практично, значи дека судот сега треба беспоговорно да им верува на грчките сопственици и на нивните мотиви и покрај тоа што во тој период имаше силен анимозитет кон македонските власти и обид за нивно компромитирање. Практично, без никаква проверка и споредба, судот треба да ги земе како веродостојни докази податоците кои не биле проверени и кои биле прибавени и манипулирани спротивно на закон.
ОНЕ ВИП можел и сам да следи телефонски комуникации
Според сведочењата на стручните лица од ОНЕ ВИП, доколку се случело да биде активиран или деактивиран некој број што бил од интерес на службите, тогаш преку интермедијацискиот уред во УБК до надлежните ќе пристигнел аларм. Сведокот Зенделов никогаш не видел како изгледа тој аларм, но според него, би требало системот некако да сигнализира одредена аномалија.
Сепак, тој и неговата колешка Милка Чемерикиќ потврдуваат дека системот би можел да креира и други влезови и излези преку кои би се маркирале броеви за следење и преку нив би се испраќале снимените разговори до крајниот корисник. Во таков случај, би изостанал алармот до УБК и службата не би имала никакво сознание за тоа што се случува преку централата на операторот.
Единствена трага од функционирањето на ваков паралелен систем би можел да биде само програмата која би вадел пресек од броевите кои се следат во моментот. Сепак, доколку некој би знаел како функционира, и оваа програма во операторот би можел лесно да ја заобиколи. Едноставно, броевите кои му се таргетирани ќе ги вклучува 5 минути по 5 часот и ќе ги исклучува 5 минути пред 5 часот, а самата програма, според кажувањето на сведоците, пресекот го правела токму во 5 часот наутро. Така би ризикувал само да испушти некој разговор кој би се водел токму во тоа време, но фреквенцијата на разговори во 5 наутро е исклучително мала.
Засега се знае дека за програмата знаеле менаџментот на грчката компанија и неколкумина вработени, кои потврдуваат дека контактирале со Ѕвонко Костовски, кој призна вина во предметот „Пуч“.
Дали обвинителството и судот ќе се охрабрат да расчистат со незаконитостите во работењето на ОНЕ ВИП? Дали ќе се осмелат да го отворат прашањето кој и зошто ги следел судските наредби за ПИ мерки? Тоа ќе се види во продолжение на предметот „Таргет-Тврдина“, кој е во повторена постапка.
Апелација го врати предметот на повторно судење, токму поради неправилно утврдената фактичка состојба и побара од обвинителството и првостепениот суд точно да разграничат кој телефонски број од каде бил прислушуван.