ПРЕПОЛНА САЛА СО 6.000 СКОПЈАНИ, А ГРЦИ САМО 200 Грчки АЕК бара нов термин за финалето, тврдат дека Алкалоид ги прекршил правилата
Вториот натпревар од финалето не се одигра бидејќи играчите на АЕК одбија да излезат на теренот во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
АЕК од Атина денеска повторно упати барање до Европската ракометна федерација (ЕХФ) да се презакаже вториот натпревар од финалето во ЕХФ Европскиот куп, кој требаше да се одигра во неделата во Скопје. Од грчкиот клуб обвинуваат дека Алкалоид ги прекршил прописите на ЕХФ, а не АЕК, и бараат одговорност и фер услови за одлучување на натпреварите на терен.
„Барањето не е само наше, туку и на сите кои сакаат натпреварите да се решаваат на терен, со праведност и еднаквост“, се наведува во соопштението на клубот, кое го пренесува дописничката на МИА од Атина.
Од АЕК тврдат дека уште од почетокот водат „голема битка“ за да ја одбранат честа и достоинството не само на клубот, туку и на грчкиот ракомет и нивната земја. Посочуваат и на, како што велат, провокација – спречување на грчки државјани да ја преминат границата за да присуствуваат на натпреварот.
„Кој навистина може да ја оправда блокадата на границата и забраната за легален влез на грчки граѓани, кога не постоеше никаква директива за ограничување на движењето? Зошто не беше почитувана правилата „90-10“ на ЕХФ? И ако навивачите на АЕК добија само 200 билети, зошто тогаш не им беа доделени само 1.800 билети на навивачите на Алкалоид, кога видовме полна сала со повеќе од 6.000 Скопјани?“, прашуваат од АЕК.
Клубот истовремено го поздрави писмото што Ракометната федерација на Грција вчера го испрати до ЕХФ. Тие истакнуваат дека претставници на грчката федерација и на самата ЕХФ биле присутни на безбедносниот состанок пред натпреварот и, како што велат, добро знаат што се договорило и кој ги прекршил правилата.
„Се надеваме дека ЕХФ ќе биде на висина на задачата и ќе покаже дека сака натпреварите да се решаваат на терен, согласно утврдените прописи“, велат од клубот.
Вториот натпревар од финалето не се одигра бидејќи играчите на АЕК одбија да излезат на теренот во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.