Преображение, од војна кон мир
Клучната константа е перцепцијата на закана од близина. Во Кубанската криза Советскиот Сојуз распореди нуклеарни ракети на Куба – непосредно до територијата на САД; Реакцијата на САД беше за трошка избегната – а тоа беше војна со Куба. А решението пак, покрај отстранувањето на ракетите од Куба, паралелно вклучи повлекување на американските ракети од Турција.
Како што ветив пред летната пауза, своите размислувања во форма на колумни, ќе ги продолжам на 20 август. Оваа колумна ја пишувам на ден Преображение, со надеж, макар ситна и невидлива, дека ќе поттикне некого на размислување, иако, дури и авторот на истата да беше премиерот или претседателот на Македонија, некои луѓе на големата шаховска табла – не се воопшто предмет на сослушување на нивните идеи. За жал. Ароганцијата и самобендисаноста на „светските лидери“ е во моментов на високо ниво.
Меѓународните односи денес се наоѓаат во состојба на дефакто студена војна која се стреми кон „топлина“ од милиони степени, предизвикана од нуклеарни експлозии. Иако нарацијата формално избегнува директно именување на НАТО и Русија како противници, дејствувањето на терен јасно го покажува спротивното: каде што НАТО интервенира со образложение на демократија и безбедност, Русија снабдува отпор; каде што Русија тврди дека води борба против фашизам или верски екстремизам, НАТО обезбедува вооружување и логистика. Балансот се одржува преку посредни војни, со растечки ризик од ескалација. Формалната нарација која почнува од „тој е луд“ и завршува со „ве бомбардираме за демократија“ – мора да биде јасно означена како лага. Ниту некој е луд, ниту постои начин демократија да се спакува во бомби.
Клучната константа е перцепцијата на закана од близина. Во Кубанската криза (1962) Советскиот Сојуз распореди нуклеарни ракети на Куба – непосредно до територијата на САД; Реакцијата на САД беше за трошка избегната – а тоа беше војна со Куба. А решението пак, покрај отстранувањето на ракетите од Куба, паралелно вклучи повлекување на американските ракети од Турција. Во денешната украинска криза, симетријата е јасна: ниту една голема сила не прифаќа стратешко оружје крај своите граници, ниту пак трајно губење на „стратешката длабочина“.
Во тој контекст, потребен е аналитички модел, таков што ќе ги обработува фундаменталните причини за овој и сите идни конфликти – елиминација на погоре споменатата клучна константа, но, воедно со внимание на желбите и идеите на државите учеснички.
Потребно е создавање категорија „придружни воени членки“. Тоа би бил статус на држави кои, по сопствен избор, се политички придружени, а со тоа и под воена заштита, кон НАТО или кон Русија (во поширок баланс – кон можната руско-кинеско-индиска оска), но, со строга воена ограниченост: без тешко вооружување, без стационирање туѓи армии, со капацитет сведен на специјални полициски сили и лесно оружје. На тој начин се формира контролирана тампон-зона што ја намалува веројатноста од директен судир.
Применето на украинското прашање, можен компромис е следниов: сегментот нарекуван „Новорусија“ (Крим и четирите анектирани области) да има статус на придружна воена членка кон Русија, но де јуре во федеративна врска со Украина; неспорниот дел на земјата, да е придружна кон НАТО. Двете федеративни единки немаат право на тешко вооружување. По најмалку триесет години – референдум под надзор на Обединетите нации, без притисок на поствоена психоза, во кој „Новорусија“ ќе има право на припојување кон Русија или останување во Украина. Верувам дека ветениот прогрес на „Европската Украина“ ќе има доволно време за одложена одлука со ладна глава.
Процедурално, моделот бара три заштитни механизми. Прво, клаузули за спречување идни воени интервенции со цел анексија на територија: секој обид земја-членка да присоедини придружна држава води до автоматска суспензија од сојузот и мерки на Советот за безбедност. Второ, историски пресек: државите кои веќе се членки на НАТО и граничат со Русија (Балтичките земји, Полска, Норвешка) остануваат како се; моделот важи за идни проширувања и за спорни простори. Трето, екстеритории: Калининград добива демилитаризиран специјален статус (аналогија: Аландските острови), со дозволена полиција и крајбрежна стража, но без стратешки системи и тешко вооружување.
Суштинската добивка е симетричноста. Ако НАТО не смее да постави офанзивно оружје во придружна држава – не смее ни Русија. Ако државата е придружна, таа станува економски мост: двоен пристап до пазари, стандарди и технологии, наместо фиксна линија на фронт. Надзорот го вршат повторно Обединетите Нации, но со задолжително учество на еднаков број претставници предложени од земјите на НАТО и Русија.
Овој модел не претендира на совршенство. Тој е алатка за предвидливост во систем во кој максимализмот (проширување без граници на едната страна, и трајна територијална ревизија на другата) произведува долги војни со кратки примирја. Важно е и следново: граѓаните не добиваат од распад на сојузи. Нема основа да се верува дека жител на земја од НАТО ќе живее подобро ако Русија се распадне; ниту пак Русите би живееле подобро ако НАТО исчезне. Историјата покажува дека ваквите вакууми раѓаат нестабилност, не просперитет.
Конечно, дозволете ми да фантазирам. Доколку предложениот модел за придружни воени членки успее да ја намали тензијата и да спречи долготрајни конфликти, светот би можел да направи чекор напред кон заеднички цели што го надминуваат натпреварот за моќ. Стабилноста создава простор за преосмислување на глобалните приоритети – од трка во вооружување, кон трка за научни откритија. Замислете: ако само мал дел, би рекол еден процент од огромните воени буџети на светот се пренасочи кон истражување и технологија, човештвото би можело да ја забрза својата траекторија кон нови хоризонти, како што се мисиите на Марс или трајна присутност и експлоатација на ресурсите на Сончевиот систем.