Наместо денеска, премиерот Оливер Спасовски и министрите кои се во изолација, Бујар Османи, Венко Филипче и Арбор Адеми, в четврток ќе се тестираат дали имаат ковид-19, потврдија за Плусинфо од Институтот за јавно здравје на РСМ.
Тогаш, според најавите, ќе им бидат земени брисеви од нос и грло за микробиолошка анализа којашто ќе се врши во лабораторијата на Институтот, а резултатите треба да бидат готови за 2-3 часа.
Премиерот Спасoвски и министрите, но и државниот секретар во Здравство, Владимир Милошев, како и претедателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, но и други лица од Владата, во средата беа на состанок на Кризниот штаб во Куманово, само еден ден пред градоначалникот Максим Димитриевски да ги добие резултатите дека е позивен на ковид-19.
Набрзо откако Димитриевски обелодени дека е заразен со вирусот, сите државни функционери и други лица кои беа во негова близина, меѓу кои има и новинари и сниматели, беа ставени во домашна изолација.
Досега, според сознанијата, сите се чувствуваат добро и се без симптоми на ковид-19.
Период на инкубација на ова заболување е до 14 дена.