ПРЕМИЕРОТ ГИ ОХРАБРУВА ЖРТВИТЕ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ДА НЕ ГИ ПОВЛЕКУВААТ ПРИЈАВИТЕ Мицкоски изрази жалење за трагедијата во Карпош

Ги молам сите оние жртви на девијантно однесување да не се повлекуваат кога ќе пријават - рече Мицкоски. 

248

Апелирам до сите жртви на семејно насилство сето тоа да го пријават и да останат на пријавата и да не ја повлекуваат, затоа што ако се повлече пријавата тогаш центрите за социјална работа и Министерството не можат ништо да направат, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој беше во посета на Штип, одговарајќи на новинарско прашање во контекст на настанот во скопски Карпош.

– Навистина трагедија. Жалам што тоа се случувало во минатото, што се случува и претпоставувам дека ќе имаме вакви настани и во иднина. Но, тој број треба да го намалиме. Ние како држвата и како Влада ќе застанеме целосно во функција на жртвите на ваков тип на девијантно однесување. Ги молам сите оние жртви на девијантно однесување да не се повлекуваат кога ќе пријават – рече Мицкоски.






На новинарско прашање за барањето на СДСМ министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да поднесе оставка поради трагедијата во Карпош, премиерот рече дека опозицијата бара оставки секој ден од секого.

– Без разлика на тоа какви се нивните аргументи институциите постапуваат, а министерот Тошковски на прес-конференција направи јасна ретроспектива на тоа што и како се случувало, така што јас нашата безидејна опозиција, мекотелна опозиција, не би сакал да ја коментирам. Јас мислам дека СДСМ е најголемата опасност врз македонскиот идентитет и македонската држава и ги замолувам граѓаните со резерва да ги прифаќаат сите оние лажни конструкции и соопштенија кои доаѓаат од Бихаќка бидејќи тие имаат само една цел а тоа е да го разнебитат македонското ткиво и да зададат удар врз македонскиот идентитет – рече Мицкоски.

Премиерот потврди дека ќе има ново ангажирање на асистенти за стари и изнемоштени лица, бидејќи за некои општини сѐ уште се чека изјави.

– Да, да, апсолутно и огласот е распишан и очекувам таа процедура да биде завршена. Средствата се одвоени, така што сето она коешто претставува добра пракса, ние ќе го продолжиме – рече Мицкоски.

Поврзани содржини