ПРЕМИЕРКАТА НА ЕСТОНИЈА СТАВЕНА НА РУСКА ПОТЕРНИЦА Каја Калас вели – нема да ме замолкнат!
На листата на „барани лица во Русија“ се и државниот секретар на Естонија, Таимар Петеркоп и министерот за култура на Литванија, Симонас Каирис. Анонимен извор за руската државна новинска агенција ТАСС открил дека тројца балтички политичари се гонат за „уништување споменици на советските војници“ во Втората светска војна.
Руското Министерство за внатрешни работи соопшти дека естонската премиерка Каја Калас е ставена на листата на барани лица во Русија.
„Каја Калас… Основа за претрес: претрес по член од кривичен законик“, се наведува во соопштението.
Министерството не прецизира за кој член од Кривичниот законик на Русија станува збор.
На листата се и државниот секретар на Естонија, Таимар Петеркоп и министерот за култура на Литванија, Симонас Каирис.
Руски безбедносен извор, кој сакаше да остане анонимен, изјави за руската државна новинска агенција ТАСС дека тројца балтички политичари се гонат за „уништување споменици на советските војници“ во Втората светска војна.
Калас е гласен поддржувач на Украина од почетокот на целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година.
Таа беше еден од најсилните гласови во Европската унија и во НАТО кои се залагаа за обезбедување повеќе оружје за Украина.
Естонската премиерка реагираше на одлуката на Русија да издаде потерница по неа по кривична пријава поврзана со уништување на споменици од советскиот период.
Имајќи предвид дека ова е прв пат Русија да распиша потерница по лидер на една земја, овој чин предизвика голема тензија, а Калас рече дека одлуката на Москва воопшто не е изненадувачка.
– Активностите на Русија не се изненадување. Тоа е нивна вообичаена тактика на заплашување. Руската Федерација смета дека фиктивната потерница ќе помогне да се замолчи Естонија. Јас нема да молчам и ќе продолжам силно да ја поддржувам Украина и ќе настојувам да ја зајакнам одбраната на Европа – рече Калас.
Премиерката на Естонија исто така, истакна дека Русија историски ги користела судските власти за да ги оправда своите прогони.
– КБГ во минатото издаде потерница за моето семејство – посочи Калас.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Калас и другите балтички претставници се бараат поради непријателски дејствија против Русија и „бришење на историската меморија“.
– Тоа се луѓе кои преземаат непријателски дејствија против историската меморија и нашата земја – изјави Песков.