Премиере, не можеш да направиш омлет без да скршиш неколку јајца!
Христијан Мицкоски многу брзо ќе дојде до сознанието дека „бонусот“ што им го даде на клучните луѓе во обвинителствата и во судовите, со намера да не ја кочи истрагата за трагедијата во Кочани, бил погрешно разбран, умешно спинуван и на крајот – бесполезен. Ништо во правосудството не е сменето. И нема да се смени. Сè додека не се појават вистински луѓе на вистинските места.
Ужасната трагедија во Кочани ги запре напорите на владејачката коалиција да спроведе кадровска реформа на клучните позиции во правосудството.
Имав целосно разбирање за фактот дека во околности кога целата нација беше во жалост и гневна поради она што се случи во Кочани, промената на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, на пример, ќе беше разбрана како „блокирање“ на истрагата, па дури и како обид таа да се забошоти.
Спин по спин – приказна
Но, знаев дека таа изнудена одлука на премиерот Христијан Мицкоски да го поштеди Коцевски од смена ќе биде разбрана погрешно, а потоа и спинувана во спротивната насока. Така се прошири наративот дека Мицкоски му дал шанса на државниот обвинител, со намера да го држи под контрола и за да ја насочува истрагата.
На сличен начин се спинува и запирањето на притисокот за смена на петте членови на Судскиот совет на кои парламентот им изгласа недоверба. Брзо се прошири спинот дека на тој начин партијата на власт сака да ги стави под контрола тие членови и целиот Судски совет, како и судиите кои зависат од нив.
Да се разбереме, кога јас би бил „спин-доктор“ на опозицијата, веројатно и јас би креирал таква манипулација. Така се прави тоа. Најбезобразно.
Не можеш да „рестартираш“ зарибана „триосумшестка“
А состојбите во правосудството, дури и после трагедијата во Кочани, воопшто не се променети и нема да се променат. Најмалку под притисок на јавните протести под мотото „кој е следен“.
Сите оние повици на протестите против „системот“ ниту сменија нешто, а ниту ќе сменат. Бидејќи „системот“ не е апстракција, туку жив организам кој се состои од прописи, институции и луѓе кои треба да дејствуваат согласно со процедурите и со правилата на игра.
Заблуда е дека „системот“ може да се „рестартира“. Тоа е како да се обидете да „рестартирате“ стар компјутер, како оние зарибани „триосумшестки“ што ги имаме по подрумите. Не постои волшебно копче што може тоа да го направи.
Не ми зборувај за реформи без кадровски резови
Едноставно, мора да сфатиме дека „системот“ е корумпиран, искомпромитиран и нефункционален, затоа што луѓето се такви. Луѓето го прават системот таков, а не обратно.
Не се дрогира „системот“, не беснее тој по улици, не зема тој мито, не купува тој дипломи и не е тој што прави триста други глупости. Луѓето го прават сето тоа, а потоа го приспособуваат „системот“ на тие лоши практики, ги заробуваат институциите, бараат „дупки“ во законите и се снаоѓаат за да се извлечат. Успеваат во тоа, но не затоа што се многу паметни, туку затоа што знаат дека се несменливи.
Затоа, не ми зборувајте за сериозна промена на правосудниот систем, ако не сте спремни на сериозни кадровски резови, ако на клучните позиции во обвинителствата и во судовите на дојдат саглам луѓе, кои ќе спроведат законски, институционални и секакви други реформи на сите нивоа.
Ако не дојде до такви промени, сите ние заедно, на чело со премиерот Христијан Мицкоски, како неспорен лидер на владеjaчката коалиција и на државата, со големо разочарување ќе гледаме дека „системот“ продолжува да „преде“ по формулата што своевремено и официјално ја промовираше Али Ахмети – како до сега!
Кој Судски совет – оној со петте членови на кои парламентот им изгласа недоверба?
Всушност, веќе сме сведоци и на такви разочарувања.
Ете, читам, премиерот изјавил дека бил „згрозен“ од пресудата со која човекот што одзеде еден млад живот во сообраќајка во Тетово е осуден на казна затвор од две години. Мицкоски ќе барал Судскиот совет да ја „преразгледа“ работата на судијата кој ја донесе пресудата што предизвика жестоки реакции во јавноста.
„Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?“, праша премиерот.
Ова е добро прашање, се разбира. Наскоро премиерот Мицкоски ќе има прилика пак да го постави. Но, не треба да не прашува нас дали е задоволена правдата. Се знае кого треба да праша, освен себеси. Лидерот на владејачката коалиција не треба да се надева дека Судскиот совет, со петте члена на кои парламентот им изгласа недоверба, ќе биде субјектот што ќе ја задоволи правдата во случајот на несреќната Теодора од Тетово.
Се плашам дека зад оваа изјава ќе остане само уште еден спин, дека Мицкоски наводно врши притисок врз судството. Пак … Како до сега …
Дали некој ја води и истрагата за трагедијата во Кочани во слепа улица?
Би сакал во оваа прилика да предупредам и на некои гласини што ги слушам, кои се однесуваат за досегашниот тек на истрагата за случајот во Кочани. Добро информирани извори ме убедуваат дека истрагата се води со сомнителни јавнообвинителски наредби, со кои таа се насочува кон спорни правни квалификации за сторените кривични дела. „Кваката“ веројатно е во тоа однапред да се подготви ситуација во која судското процесуирање на овој случај ќе почива на кревки правни темели, што ќе им даде шанса на вистинските виновници да се извлечат.
Не знам дали е точно ова за истрагата во Кочани, но истражувам и веќе имам некои сознанија кои ги зацврстуваат моите сомнежи. А кога ќе погледнам кои луѓе го водат „шоуто“ и со каков бекграунд се тие, можам да кажам само едно – би бил многу поспокоен кога клучни луѓе во истрагата би биле некои други, постручни и поодговорни обвинители.
Што е фатално – терапијата или апатијата?
Како и да е, мислам дека владејачката коалиција во Македонија веќе доаѓа до сознанието дека „бонусот“ што им го даде на клучните луѓе во правосудството веќе е погрешно разбран и сигурно нема да ги натера да бидат она што не се и што никогаш не биле – стручни, одговорни, непристрасни, бескомпромисни, некорумпирани и некомпромитирани.
На крајот на денот, Мицкоски пак ќе дојде до сознанието дека тој самиот не може да преземе политичка одговорност за реформи во оваа област, без да спроведе кадровска обнова и за таа цел во полн капацитет да ги искористи надлежностите и на извршната и на законодавната власт.
Дали таа „терапија“ предизвикува контраиндикации и нуспојави? Да, ама не се фатални. Фатална е оваа апатија од која никако да се извлечеме.
А најфатално е кога терапијата доцни. Кога операцијата ќе успее, а пациентот е мртов.
Затоа една позната изрека вели – не можеш да направиш омлет без да скршиш неколку јајца.