ПРЕМИЕРА НА „ЛЕЈДИ МАГБЕТ“ НА РИСИМКИН НА ТАНЦ ФЕСТ 2023 Холанѓаните ќе го отворат фестивалот со „Таленти во движење“
Билетите за сите настани се продаваат на билетарите на театрите каде се одржува програмата, во МНТ, МКЦ и во НОБ.
На 4 април во Македонскиот народен театар почнува фестивалот Танц фест Скопје 2023 поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Фестивалот под мотото „Танцувајќи создаваме иднина“ ќе биде отворен со претставата „Таленти во движење“ на Кодартс танцовата компанија од Ротердам, во чест на 30 години дипломатските односи помеѓу Холандија и Македонија.
На 26 април на сцената на Македонскиот народен театар ќе се изведе премиерата на најновата кореографија на Рисима Рисимкин, „Лејди Магбет“, која годинава е поканета да гостува на Шекспир фринге фестивалот во Верона Италија. Во склоп на фестивалот ќе се одржат и „Отворената програма“ со учество на студија од Скопје и други градови од земјава.
Програмата е извонредно богата, ќе бидат претставени 19 кореографи од земјава, како и од Холандија, САД, Полска, Чешка, Израел, Италија, Грција, Словачка, Романија, Шпанија и од Кина.
Македонската танцова сцена ќе биде претставена со кореографиите „Одење и слични кореографски решенија“ на Филип Петковски, на 28 април на Малата сцена на НОБ и „КОД 9“ на Ивана Балабанова и Алесандро Ола, која ќе се изведе на 24 април на сцената на Кино Фросина во МКЦ. Скопје танцовиот театар на 11 април во МНТ ќе ги претстави новите продукции „Место, многу посебно за неа“ на Адријана Данчевска и „Блокови“ на Дејан Битровски, во кои учествуваат танчерите на компанијата и студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“. На 10 април во МКЦ ќе се изведе новата кореографија на Бобан Русески, под наслов „Табу република“, во продукција на Скопје танцовиот театар.
Билетите за сите настани се продаваат на билетарите на театрите каде се одржува програмата, во МНТ, МКЦ и во НОБ.