ПРЕМИЕРА НА „КАТАТОНИЈА“ НА СЦЕНАТА НА МНТ Претставата ќе се одигра на 3 јуни
Во актерската екипа настапуваат: Верица Недеска, Ања Митиќ, Сања Арсовска, Јасмина Билаловиќ, Јасмина Василева, Игор Ангелов, Дениз Абдула и Владимир Петровиќ.
На 3 јуни, со почеток во 20:00 часот, на големата сцена на Македонскиот народен театар ќе се одржи премиерата на претставата „Кататонија“, во режија на Васил Христов, по мотиви на драмскиот текст на британската авторка Алис Бирч, а во драматургија на Викторија Рангелова-Петровска. Претставата е продукциски потпишана од Вондерленд театар – Скопје и МНТ.
Во актерската екипа настапуваат: Верица Недеска, Ања Митиќ, Сања Арсовска, Јасмина Билаловиќ, Јасмина Василева, Игор Ангелов, Дениз Абдула и Владимир Петровиќ. Костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, сценографијата и изборот на музиката ги потпишува Васил Христов, додека дизајнер на плакатот е Денко Матевски, а Саво Ивановски е инспициент на проектот.
„Кататонија“ е претстава која, преку 24 различни приказни, навлегува во животи обременети од маргинализација, насилство, институционална неправда, вина, затворски живот и лична трансформација. Се отвораат прашања за патријархатот, судскиот систем и каењето, додека секоја сцена самостојно ја носи својата тежина, а истовремено е поврзана со другите преку заеднички теми, атмосфера или реченица што одекнува.
Претставата користи жесток, суров и директен јазик, следејќи ја традицијата на „in-yer-face“ драматургијата, слично на делата на Сара Кејн, Марк Рејвенхил и Керил Черчил. „Кататонија“ не штеди никого – таа шокира, провоцира и ги разоткрива системските аномалии со бескомпромисна искреност.