Прележаните на своја рака примаат една или две дози од вакцината против ковид-19

Засега Министерството нема прецизна препорака за вакцинирањето на прележаните иако некои здравствени работници кои го прележале вирусот веќе примиле две дози од „Фајзер“ или се подготвуваат да ја примат и втората доза од „Спутник V“.

2,257

Има една препорака прележаните да се вакцинираат со една доза од вакцината против ковид-19, рече министерот Венко Филипче денеска на прес конфернеција одговарајќи на новинарско прашање. Но, тој не кажа прецизно како треба да постапат оние кои го прележале вирусот и дали тие граѓани да примат една или две дози. Засега Министерството нема прецизна препорака за вакцинирањето на прележаните иако некои здравствени работници кои го прележале вирусот веќе примиле две дози од „Фајзер“ или се подготвуваат да ја примат и втората доза од „Спутник V“.

– Има и една препорака прележаните да се вакцинираат со една доза од вакцината. Тоа се тие стручни препораки и затоа планот е направен да биде флексибилен да може да се менува согласно нови препораки согласно достапноста на вакцините – рече Филипче.






Тој додаде дека и лицата кои ќе примат една доза ќе можат да добијат соодветен сертификат.

– Чекаме одлука за тој сертификат а после тоа сме спремни да направиме и такви сертификати за да им служат на граѓаните – додаде Филипче.

Во однос на безбедноста на вакцините тој рече дека сите вакцини кои влегуваат и ќе влезат во нашата земја се безбедни за граѓаните и дека експертски тим ги следи сите известувања од националните агенции за лекови и ќе се води само според официјалните препораки.

Министерот Филипче посочи дека воопшто нема проблем самиот да се вакцинира со вакцината на „АстраЗенека“ која неколку земји деновиве ја стопираа за употреба.

Тој информира дека е закажан состанок на Комитетот за безбедност на Европската агенција лекови (ЕМА) на кој ќе се анализираат несканите случаи поврзани со вакцината на „АстраЗенека“, за кои рече дека се малку во однос на вкупниот број вакцини кои што се дадени. Министерот за здравство додаде дека ќе се извлечат поуките кои што евентуално би требало да се аплицираат при давањето на оваа вакцина.

– Сите експерти од нашиот тим ги пратат и несаканите ефекти од страна на оваа вакцина, одлуките на националите агенции, а ќе се водиме секако според официјалните препораки како на ЕМА, така и на производителот – додаде министерот.

До почетокот на следниот месец се очекува да профункцинира Ковакс системот преку којшто би стигнале околу 100.000 вакцини во земјава.

Се разговара со кинеските и со руските претставници за вакцините, се чекаат нивните најави, но нема конкретен датум.

– Но имаме причина да веруваме дека тоа ќе биде некаде до почетокот во првата недела на април, со што би започнала практично масовната вакцинација за што системот е целосно спремен. Продолжуваат разговорите со компанијата „Фајзер“ во делот на тие дополнителни прашања коишто практично секојденовно ги имаат – рече Филипче и додаде дека компанијата „Фајзер“ го подигала нивото на внимателност во однос на сите земји со кои што сега преговара и веројатно ќе бара некои построги критериуми.

– Ние денеска ќе го добиеме тој документ така најавија, во однос на тоа што точно ќе се бара и ќе ја известиме јавноста но сакам да кажам дека јасно ни беше кажано дека овие мерки на внимателност важат за буквално сите земји во светот и веројатно тоа е една од причините зошто толку се чека на деталите за овој договор – рече Филипче.

Заклучно со вчерашниот ден има 5.300 вакцинирани здравствени работници.

– И ова е многу битно, имајќи предвид дека сега притисокот кон болниците е навистина голем, ризикот здравствените работници да се заразат е сериозно висок и ова е заштита на нивното здравје – рече тој.

Поврзани содржини