ПРЕЛЕЖАНИТЕ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ ПОРАНО Филипче уверува дека вакциналниот имунитет е потраен

Има јасни меѓународни препораки од релевантни институции дека природниот имунитет по прележување на болеста со тек на време се намалува, а вакциналниот имунитет е потраен, вели Филипче.

784

Министерот за здравство Венко Филипче апелираше граѓаните да се вакцинираат. Тој рече дека има од сите типови вакцини и во доволно количини, посочувајќи дека нема наплив во болниците во градовите каде што е висок процентот и интересот за вакцинирање.

– Нема разлика за пациентот кој се опоравува  дали ќе се вакцинира по еден или по шест месеци, за него нема никаква разлика, но има разлика за колективниот имунитет. Нема зијан или контраиндикација да се вакцинира порано – вели Филипче за препораката за вакцинација 45 дена по прележувањето.






Според него, не секој развива ист имунитет после прележувањето и вели дека вакциналниот имунитет е траен.

– Граѓаните мора да знаат дека додека сите не се вакцинираме, ова нема да престане и тоа е единствениот спас. Има јасни меѓународни препораки од релевантни институции дека природниот имунитет по прележување на болеста со тек на време се намалува, а вакциналниот имунитет е потраен. Сите препораки укажуваат за што пократко време луѓето да се имунизираат. Така ќе се зголеми степенот на вакцинација и ќе се постигне колективен имунитет. Треба да спречиме следни бранови, ова мора да го прекинеме. Природниот имунитет со тек на време се намалува и затоа нема потреба да се чека – рече Филипче појаснувајќи зошто во најновите мерки се препорачани 45 дена, а не подолг период од оздравувањето.

На прашање зошто во угостителски објекти не може да се влезе со негативен ПЦР-тест, одговори дека не е потребно да се изложуваат на трошоци зашто така би требало секој ден да прават тестови.

Во однос на сертификатите за вакцинација и можноста за фалсификување, Филипче одговори дека контролата е во надлежност на инспекторатите. Тој потсети дека од пред неколку дена е потврдено дека нашиот сертификат се признава во Европската Унија. Соопшти дека покрај апликацијата CommonPass, од средината на следната недела европскиот сертификат ќе може да се симне и на нова апликација – Мое здравје.

– Ги имаме сите електронски алатки за инспекторатите да бидат сигурни дека граѓаните имаат веродостоен документ – додаде министерот за здравство.

Поврзани содржини