Британски хуманитарец се бори против слепило и парализа откако беше каснат од кобра. Тој претходно се изборил со маларија, денга треска и ковид-19.
Јан Џоунс беше каснат од индиска кобра во регионот Џодпур во пустинската индиска држава и беше примен во болница во градот Џодпур, на околу 350 километри од регионалниот главен град Џајпур.
– Џоунс дојде кај нас минатата недела откако го касна змија во едно село во регионот. Првично се сомневавме дека е позитивен на ковид-19 по втор пат, но беше тестиран негативно за тоа. Додека беше со нас, тој беше свесен и имаше симптоми на каснување од змија, вклучувајќи заматен вид и тешкотии при одење, но тоа се обично минливи симптоми – изјави д-р Абхишек Татер, кој го лекувал пациентот во локалната болница.
Џоунс беше испишан од болница претходно оваа недела.
– Сметаме дека нема да има долгорочни ефекти. Ако веќе не се подобри, тоа ќе го стори во следните неколку дена – додаде лекарот.
Тој рече дека каснувањата од змија не се невообичаени во руралните области во регионот.
– Татко ми е борец, за време на неговиот престој во Индија тој веќе страдаше од маларија и денга треска пред да добие ковид-19 – рече неговиот син Себ Џоунс во изјавата на страницата GoFundMe, поставена да помогне во плаќањето на неговите сметки и да му се овозможи да се врати до островот Вајт во јужна Англија.
– Тој не успеа да се врати дома поради пандемијата и како семејство ја разбравме неговата желба да продолжи да поддржува многу луѓе кои таму се потпираат на него – додаде тој.
Џоунс работи со традиционални занаетчии во Раџастан и преку својата добротворна организација Сабиријан помага во увоз на стоки во Велика Британија за да им помогне да избегнат сиромаштија.