ПРЕКУ СИЛЕН СУДСКИ СОВЕТ ДА СЕ ВРАТИ ДОВЕРБАТА ВО СУДСТВОТО Јошевска-Анастасовска и Кадри-Шахиновиќ дадоа свечени изјави во Собранието

Претседателот на Собранието Гаши рече дека со свечената изјава Јошевска-Анастасовска и Кадри-Шахиновиќ ја изразија својата подготвеност да ја извршуваат својата функција со висока одговорност, независност, интегритет и професионализам, во служба на зајакнување на судскиот систем и владеењето на правото во земјата.

874

Новоизбраните членови на Судскиот совет, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска и вонредната професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ, денеска во Собранието дадоа свечена изјава пред претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, им честита на новите членки. Тој потенцира дека тие се додадена вредност на Советот и смета дека институцијата ќе може да застане на здрави нозе и да ја остварува својата надлежна функција.






Јошевска-Анастасовска нагласи дека денеска дале изјава за лична одговорност. Очекува дека заеднички ќе успеат од Судскиот совет да изградат силна институција.

– И чекор по чекор храбро, отчетно, одговорно и трпеливо да почнеме да се движиме во позитивен правец и да придонесеме да се зголемува довербата во судството. Време е за интегритет. Време е за одговорност. Сметам дека треба да почнеме да го применуваме новиот Закон за Судскиот совет, да ги донесеме подзаконските акти, кои се врзани со новиот закон, и натаму со нови сили да биде добра основа за градење силна институција – нагласи Јошевска-Анастасовска.

Претседателот на Собранието Гаши рече дека со свечената изјава Јошевска-Анастасовска и Кадри-Шахиновиќ ја изразија својата подготвеност да ја извршуваат својата функција со висока одговорност, независност, интегритет и професионализам, во служба на зајакнување на судскиот систем и владеењето на правото во земјата.

„Срдечно им честитав за нивните нови должности и им посакав успех во исполнувањето на оваа важна мисија за институциите и за нашето општество“, објави Гаши на Фејсбук.

Судскиот совет го сочинуваат 15 члена, од кои 8 се избираат од редовите на судиите, тројца избира Собранието и двајца членови се на предлог на претседателот на државата. Тие се избираат со мандат од шест години, со право на уште еден реизбор. Членови без право на глас се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда.

Поврзани содржини