ПРЕКИН ПОД ЛА МАНШ Возовите меѓу Британија и Франција запрени поради дефект
Проблеми со електричното напојување и дефект на воз го запреа сообраќајот низ тунелот под Ла Манш, компанијата им препорачува на патниците да ги одложат патувањата.
Поради проблеми со напојувањето со електрична енергија и дефект на еден воз, денеска е во прекин железничкиот сообраќај низ тунелот под Ла Манш, соопшти железничката компанија „Еуростар“ (Eurostar).
Од компанијата ги повикаа патниците да ги одложат патувањата со возовите што сообраќаат меѓу Франција и Велика Британија, вклучувајќи ги и композициите што превезуваат возила.
„Им препорачуваме на сите наши патници да го одложат своето патување за друг датум. Ве молиме да не доаѓате на станица доколку веќе немате билет“, се наведува во соопштението на „Еуростар“.
Подводниот железнички тунел под Ла Манш е долг 50,5 километри и ги поврзува Фолкстон во Англија со Кокел во северна Франција. Низ тунелот сообраќаат патнички и товарни возови.