ПРЕК СУД ЛИ СУДИ ВО „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“? Судијата закажа седум рочишта, сака експресно да го заврши случајот

Судијата денеска настојуваше во февруари да закаже седум рочишта. „Брзањето ќе се одрази на квалитетот на одбраната, особено ако се имате предвид фактот дека за едно рочиште судот закажа сослушување на седум сведоци, што е навистина  претерано“, велат од одбраната на обвинетите.

1,330

На денешното судско рочиште за предметот „Плацеви на Водно“, судечкиот судија настојуваше да закаже седум рочишта во текот на февруари. На ова реагираше одбраната на обвинетите.

– Реагиравме и тоа од неколку причини. Пред се, во фебруар веќе се закажани рочишта и тоа главно од предметите кои се одложени од декември, па настојувањето да се закажат седум рочишта во најкраткиот месец во годината , кој е веќе пополнет во роковниците на сите адвокати со веќе закажани рочишта за други предмети, едноставно е неизводливо. Тоа нема да придонесе за забрзување на судењата туку напротив ќе предизвика лавина на одлагања на многу предмети – велат од одбраната.






Ги прашавме бранителите дали во нивната пракса како адвокати имале седум рочишта за ист предмет во еден месец.

– Се случувало и во други предмети да се закажуваат по неколку рочишта однапред, но не за месецот кој речеси почнува, туку за подоцнежните месеци, што е и коректно, затоа што ни дава можност да gi планираме и одбраната, но и термините за судења по другите предмети. Од секогаш судската пракса била во јануари да се закажуваат рочишта за март – велат адвокатите.

По реакцијата на одбраната, одлучено е најавените седум рочишта да се одржат во февруари и во март. Како ќе се одрази тој „блиц-криг“ врз правото на обвинетите на квалитетна одбрана?

– Ваквото „брзање“ во овој предмет, или овој „блиц криг“ како што вие го нарекувате, секако ќе се одрази на квалитетот на одбраната, особено ако го имате во предвид фактот дека за едно рочиште судот закажа сослушување на седум сведоци, што е навистина  претерано – велат бранителите.

Обвинетиот Јордан Камчев предлага дваесеттина сведоци на одбраната. Судијата сепак може да отфрли дел од нив како ирелевантни. Не се крие ли и тука опасност од злоупотреба на правото на одбрана?

– Судијата реши да сослуша седум сведоци, а јасно кажа дека за останатите сведоци ќе се изјасни понатаму, односно ќе донесе решение со кое истите ќе ги прифати како сведоци или не. Самиот факт што судијата воопшто ќе решава за тоа дали некој ќе сведочи или ќе биде одбиен и нема да се дозволи неговото сведочење е ограничување на правото на одбрана и примена на двојни аршини во корист на Обвинителството, затоа што никој на Обвинителството не му ги одбива сведоците, дури не ни проценува зошто истите ќе сведочат и на кои околности – велат од одбраната на обвинетите.

Додека случајот „Плацеви на Водно“ се „вози“ на супербрза лента, еден друг притворски предмет, во кој е обвинет Драги Рашковски, тече со бавна, нормална динамика. Дали ова значи дека има двојни стандарди и политички влијанија врз судството?

– Токму начинот на кој судот постапува со двојни аршини кога е во прашање Рашковски, каде предметот се одлага за крајoт на фебруари, а од друга страна брзањето на предметот „Плацеви на Водно“ се закажуваат седум рочишта, дава сериозни основи за сомневање за непристрасноста на судот и за политички влијанија – велат бранителите.

Останува да се види на што ќе личат судењата во февруари. Особено што сме среде пандемија, па реална е опасноста обвинетите, сведоците, адвокатите, но и судиите, да се заразуваат. Денеска обвинетиот Камчев дојде на суд со температура и позитивен брз тест, но без решение за изолација, поради што не смеел да ризикува да отсуствува. Пред некој ден го видовме тажна сцена како Миле Јанакиески беше доведен на патерици во судница. Што е следно?

 

Поврзани содржини