Преговорите може да завршат на два начина, откри Каракачанов по седум часа разговори со Заев ВИДЕО

2,424

Преговорите може да завршат на два начина, односно или добро да завршат и за Бугарија и за Македонија или Македонија да почека за преговори на неодредено време, изјави бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов попладнево на свеченоста при отворањето на спомен плоча посветена на Гоце Делчев во бугарскиот град Самоков.

Според него Бугарија денеска ги потврдила своите досегашни позиции и рече дека немаат намера да отстапуваат од нив, зошто се „суверена држава со достоинство и суверена политика“.






По разговорите со македонската страна, рече Каракачанов, се покажало дека „Бугарија не води политика на инает, туку принципиелна политика“.

– Бугарија не може да направи никаков компромис со прашањата поврзани со бугарската историја и со идентитетот на сите оние луѓе кои ги нарекуваме дел од нашата заедничка историја – изјави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана коментирајќи ги денешните разговори на делегациите на Македонија и Бугарија во Софија.

Ние го искажавме нашиот став, кој е јасен, недвосмислен и целосно се совпаѓа со рамковната позиција што беше усвоена од Парламентот во октомври минатата година. Објаснивме дека не можеме да правиме никаков компромис за прашањата поврзани со бугарската историја, со идентитетот на бугарскиот херој, на сите оние луѓе кои ги нарекуваме дел од нашата заедничка историја, додаде Каракачанов.

– Можеби денес некој во нашиот западен сосед не ја прочитал добро историјата и се прашува што бил е Гоце Делчев. Ако има сомнеж, може да ги прочита стотиците писма, статии и други материјали што ги напишал Гоце Делчев – изјави Каракачанов.

– Иако има само неколку дена до крајот на процесот, до петок, тие имаат можност да корегираат сè што во меѓувреме пропуштиле oд договорот, па да видиме дали тоа ќе е доволно за почеток на преговори. Разговорот со македонската страна беше долг, започна во 10 часот изутрина и буквално заврши во десет минути до 17 часот, односно малку пред да тргнам за Самоков. Долго разговаравме во една навистина добра атмосфера, имавме пријателски разговор, без потреба од преведувачи, па мислам дека не разбраа. Отсега во нивни раце е да ја прилагодат нивната политика, бидејќи никогаш не е доцна, подобро доцна отколку никогаш – рече бугарскиот министер.

 

 

Поврзани содржини