ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА Е ТУНЕЛ БЕЗ СВЕТЛО НА КРАЈОТ Бараме преговори со ЕУ со предвидлива и јасна цел
Преговорите со ЕУ нема да ни ги решат сите проблеми, треба сами да ја завршиме домашната задача и како Влада сме фокусирани на тоа, вели премиерот Мицкоски.
Владата сака да биде проевропска и сака да ја види државата интегрирана во рамки на ЕУ, но не по секоја цена, туку по нормална траекторија во која што би биле со сочувано достоинство. Владата е фокусирана на решавање на домашните проблеми и на решение за ЕУ кое ќе биде предвидливо, рече вечерва претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во Отворено студио „100 дена Влада“ на МРТ.
– Треба да бидеме дел од европското семејство и тука нема дилема. Дали имаме поддршка? Не од една, ние имаме поддршка од 26 земји членки и за сите тие не е важно какво ќе биде решението, туку да има решение. Освен една, тоа е нашиот источен сосед, кој е сега во предизборен период. Да почекаме кој ќе биде исходот од тоа. За сите останати 26 земји членки е важно да има решение и меѓу нив има помалку гласни и повеќе гласни поддржувачи – рече премиерот Мицкоски.
Тој нагласи дека на таа тема многу гласен во Загреб беше хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како и унгарскиот премиер Виктор Орбан при неговата билатерална посета во земјава.
– Поентата е дека ние мораме заеднички да работиме, ако сакаме да дојдеме до решение кое што ќе биде предвидливо. Ние сега немаме предвидливо решение. Многумина велат таа е преговарачката рамка и е јасна. Да, но нејасен е патот и целта. Тоа е проблемот. Не би се сложил со констатацијата дека мнозинството граѓани мислат дека овој процес на преговори нам ќе ни ги реши сите проблеми, како животната средина, повисок стандард, повисоки плати и така натаму – посочи премиерот.
Мицкоски додаде дека ние денеска ги имаме европските фондови на располагање, но проблемот е друг, дали ние сакаме да си ја завршиме домашната задача.
– Ако сакаме, ќе ја завршиме и со ова сега што го имаме на располагање. Преговарањето не значи членство, туку подразбира процес во кој ние ќе го зголемуваме капацитетот на институциите и ќе добиеме поинакви вештини во рамки на администрацијата. Од нас самите зависи дали сакаме да си ја завршиме домашната задача. Ние како Влада сакаме и сме фокусирани на тоа – изјави Мицкоски.
Вели дека е чудно тоа што Бугарија го одбила предлогот на Унгарија како претседавач на Европската унија да биде медијатор во целиот процес, иако претходно велела дека проблемот е на Европската унија.
– Бугарските политичари сега викаат дека нема потреба некој да биде медијатор, ќе преговараме билатерално, а до скоро викаа дека ова е проблем на Европската унија. Сега, кога претседавачот на ЕУ вика да седнеме на маса, велат нема потреба. Нели е тоа малку чудно и создава сомнеж и недоверба дека овој процес ќе има изгледни шанси да заврши еден ден – вели Мицкоски.
Според него, подобро е да се преговара, отколку да не се преговара.
Тој додаде дека сето она кое се случуваше во изминативе децении создаде еден вид фрустрација кај граѓаните и таа фрустрација денеска е огромна, затоа што оваа преговарачка рамка нема јасна цел и светло на крајот на тунелот.
– Сите почнале и го завршиле процесот, ние немаме таков јасен показател и параметар. Кога ќе има, тоа би го зграпчиле. Нашиот став околу одложеното дејство не е ништо повеќе од формула која функционирала во Преспанскиот договор, кој велеше дека уставните амандмани ќе станат ефективни кога грчкиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за државава во НАТО. Велат дека Преспанскиот договор бил ремек-дело на дипломатијата, ајде тогаш тоа да го реплицираме тоа, уставните амандмани да важат кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор за ЕУ. Ако е тоа добро, само да го копираме и примениме – истакна Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека после сè што сме направиле, што никој не го направил, ниту еден народ, ниту една држава која е членка, сме заслужиле да го добиеме ова прашање за одложеното дејство.