ПРЕГЛЕДАЈТЕ СИ ГИ ТЕСТИСИТЕ, ПЕНИСОТ И ГРАДИТЕ! Совети за машкото здравје од доктор Живко Попов

За мажот како мачо единка, кој долго не дозволувал да се дискутира за неговата машкост, за машкиот климакс, тестикуларниот канцер, самопрегледите на половиот орган, но и на брадавиците на машките гради, за ракот на простата, начините на лекување, машката неплодност и многу други машки работи, зборувавме со академик проф. д-р Живко Попов.

3,535

По повод месецот посветен на машкото здравје, за сите оние работи кои ги интересираат мажите, но можеби сè уште се срамат да прашаат, за машкиот климакс, самопрегледите и најчестите заболувања поврзани со машките полови органи, разговаравме со академик проф.др. Живко Попов, специјалист по урологија – трансплантолог во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Како свој придонес во месецот кој е посветен на машкото здравје „Аџибадем Систина“ нуди специјален попуст од 20 проценти на уролошките интервенции. На ваков начин Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ја крева свесноста за потребата од редовни прегледи, кои се клучни за навреме да се дијагностицираат сите уролошки промени и брзо да се постави дијагноза и да се почне со лечење.






Кои се најчестите здравствени проблеми кај мажите, според вашето искуство, праксата, статистиките?

– Најчестите проблеми кои се однесуваат на машкото здравје се оние кои се поврзани со половите органи на мажот: простатата, тестисите и пенисот. Тука спаѓаат многубројни состојби поврзани со конгенитални (вродени) заболувања на овие органи, воспалителни состојби, еректилната дисфункција, инфертилитетот (нарушувања на плодноста), состојби поврзани со возраста (бенигна хиперплазија на простата, хипотрофија на тестиси и др.) и пред сѐ, малигните тумори на половите органи на мажот, каде без конкуренција на прво место се наоѓа ракот на простата.

Се чини дека во споредба со жените, кога станува збор за машкото здравје, мажите како да се малку запоставени. На пример, постојано се зборува за рак на дојка, а многу ретко за рак на тестиси? Зошто е тоа така?

– Машкото здравје со децении наназад било запоставувано на некој неформален начин, пред сѐ затоа што мажот како мачо единка не дозволувал да се дискутира за неговата машкост, односно за проблемите на неговите полови органи во однос на сексуалноста, за причините за неплодност, одредени вродени аномалии (искривувања на пенисот, недостаток или неспуштени тестиси), азоспермија (недостаток на сперматозоиди) и др. Ова секако водело до одложување на прегледите и поставувањето на навремена дијагноза на малигни тумори кај погоре споменатите органи, како болест која го загрозува самиот живот.

Особено последната деценија ипол овие состојби драстично се менуваат и во нашата држава и интересот за машкото здравје постепено се изедначува со оној во развиените западни и други земји.

Инаку ракот на тестиси е многу поредок од ракот на дојка кој е на прво место кај жената и е еден од најчестите малигноми воопшто, но тоа секако дека не ја намалува важноста на неговото навремено откривање и лекување.

Кои се симптомите на рак на тестиси и како може секој маж да се самопрегледа, кои се работите поради кои би требало да се посомнева дека можеби има рак на тестиси?

– Тестикуларниот канцер обично е асимптоматски и се прикажува како унилатерална (еднострана) тестикуларна скротална маса детектирана при палпација од страна на самиот пациент или неговата партнерка, или како случаен наод за време на ехосонографски преглед. Физички преглед на тестиси може да се индицира и доколку при биохемиска анализа на крв се добијат покачени вредност на туморските маркери  AFP, B-Hcg и LDH.

Сомнението за тестикуларен тумор вклучува и физичка експлорација на препоните, абдоменот и супраклавикуларните зони.

Дали ракот на тестиси е поврзан со возраста, односно, дали повеќе заболуваат помлади, повозрасни или постари мажи, или нема правила?

– Поврзувањето со возраста е посебно потенцирано кај овој вид канцер, бидејќи тој се појавува скоро исклучиво на возраст од 20 до 40 години. Пред и после овој временски период од животот на мажот неговата појава навистина е многу ретка. Потоа во моментот на дијагноза кај 1-2% од случаите се обострани со предоминатна хистологија за тумори на герминативните клетки (90-95%), при што пикот на честотата на несеминематозните и мешаните тумори е во третата деценија, а на чистите семинематозни поврзани со сперматогенезата е во четвртата деценија од животот, што значи дека има доста правила во развојот на овие малигноми.

Која земја има највисока инциденца на рак на тестиси, а која најниска, каде сме ние тука? 

– Ракот на тестиси претставува 1% од неоплазмите кај возрасните и 5% од уролошките тумори, со инциденца од три до десет нови случаи на 100.000 мажи годишно во западните држави. Забележано е зголемување на неговата зачестеност во текот на последните децении особено во индустријализираните земји, па и нашата земја во однос на оваа статистика битно не се разликува.

Која е причината за рак на тестиси и како се лекува? Колкава е смртноста, а колкав процентот на излечивост?

– Епидемиолошки ризик фактори за настанување на рак на тестиси претставуваат компонентите на таканаречениот синдром на тестикуларна дисгенезија (разни конгенитални/вродени аномалии и состојби) во кои спаѓаат: крипторхизмот (неспуштени тестиси во скроталното кесе), хипоспадиите (аномалии на пенисот и мочниот канал), намалена сперматогенеза и суб-инфертилност или инфертилност (неплодност), како и фамилијарна историја (наследност) помеѓу блиски роднини од прв степен и др. При тоа, кај разни видови на тестикуларни малигноми и стадиуми на болеста откриени се разни генетски сигнификантни пореметувања во предел на повеќе хромозоми (7, 8, 11, 12, 13, 18, 21 и др.) кои придонесуваат во донесувањето на соодветна терапија и прогнозата на болеста.

Современиот третман на ракот на тестисите се состои најпрво од хируршко радикално отстранување на заболениот тестис, неговите овојници, сперматичната врпца и евентуално отстранување на суспектни зголемени ингвинални (препонски) лимфни жлезди, потоа доколку е потребно следи хемотерапија и/или радиотерапија, со последователна ретроперитонеална лимфна дисекција (RPLND), односно хируршко отстранување на метастази во лимфните жлезди во ретроперитонеалниот простор на абдоминалната шуплина кои не реагираат на конзервативниот третман. Нашите искуства, како и оние во светот, резултираат со исклучително висок процент на излекување кај овие млади луѓе и токму затоа вреди раниот скрининг.

Со ваквата комбинирана хируршка и адјувантна радио-хемотерапија во светски рамки 5-годишното преживување на пациентите со герминативен рак на тестис (семинематозни и несеминематозни), зависно од стадиумот и присуството на метастази во лимфни жлезди и бели дробови, кај групата со добра прогноза изнесува 95-96%, кај групата со средно добра прогноза 88-89% и кај оние со лоша прогноза 67%.

Освен за рак на тестиси, дали може мажите да си прават уште некој друг самопреглед за евентуално забележување на некакви промени на своето тело?

– Да, секако се препорачува повремена контрола на градите во предел на брадавиците каде можат исто така да настанат одредени малигноми или жлездена хиперплазија, промени кои би можеле да бидат поврзани со одредени ендокринолошки состојби.

Исто така, би требало да се следат патолошки промени во пределот на главата на пенисот и препуциумот (кожата која го препокрива глансот) како што се разни зацрвенувања, инфламаторни промени и ранички кои не поминуваат, верукозни промени (брадавици), како и појава на папиломатозни мали туморски формации во меатусот (отворот) на уретрата (мочниот канал). Сите овие промени може да означуваат воспалителни промени на глансот и препуциумот на пенисот наречени баланопостит, како резултат на присуство на Herpes papilloma virusi (HPV), Herpes simplex virusi (HSV I/II) и др. патогени, преканцерозна состојба или канцер на пенис за чие што успешно лекување е потребно негово рано откривање.

Што е специфично за ракот на простата, кои се неговите симптоми?

– Често болеста е асимптоматска или започнува со дизурични тегоби, како зачестено дневно и ноќно мокрење со промени во јачината на млазот кои одговараат на бенигно зголемена простата со возраста. Понатаму понекогаш прв симптом може да биде појава на крв во спермата, но најчесто се открива преку зголемени вредности на туморскиот маркер ПСА, дигиталниот преглед на простатата преку ректумот во комбинација со ехосонографија, за време на систематски рутински прегледи.

Во која возрастна група најчесто се јавува, колку често, како се лекува, колкава е смртноста, а колкав е процентот на излечивост?

– Ракот на простата е втор најчест канцер кај мажот или 15% од сите карциноми. Најчесто се јавува почнувајќи од шестата и седмата деценија на животот и понатаму, при што резултатите од аутопсиите покажуваат негово присуство од 59% (48-71%) на возраст од >79 години, односно преку 90% кај мажите кои се во десеттата деценија од животот. Во последните години многу се дискутира за оваа окултна, скриена форма на ракот на простата, нејзиното преминување во клиничка форма и можностите за прекумерна дијагноза и терапија. Постојат три добро етаблирани фактори на ризик за рак на простата: зголемена возраст, етничко потекло (Австралија, Нов Зеланд, Северна Америка, Западна и Северна Европа, црната раса) и генетската предиспозиција, односно фамилијарната историја на болеста кај 2-3 и повеќе блиски роднини од прв ред. Сѐ уште не постојат доволно квалитетни податоци за мерки со кои би се намалил ризикот од рак на простата.

Современото лекување согласно индикациите се состојат во хируршко радикално отстранување на простатата по пат на отворена, лапароскопска или роботска операција, хормонална антиандрогена, таргет имунолошка терапија, радио, криотерапија и др.

Простатичниот канцер е комплексна болест чии што карактеристики, возраста, коморбидитетите и она што пациентот го преферира имаат големо влијание на изборот на третманот. Во секој случај современата хирургија и медицина обезбедуваат лекување кое гарантира повеќегодишно преживување. Секако дека квалитетот и должината на животот во голема мерка зависат од раното откривање (скринингот) и навременото одпочнување со соодветна терапија.

Многу се зборува и за климакс и менопауза кај жените, но веројатно постои нешто слично и кај мажите… Може ли да ни кажете малку повеќе за ова, кои се симптомите на климакс кај мажите, со какви тегоби се соочуваат тие, што може да преземат?

– Слично на менопаузата кај жената и кај мажот настануваат промени со неговото стареење, почнувајќи од шестата, а уште повеќе во текот на седмата деценија од животот. Тие настануваат со инволутивните процеси на организмот пропратени со хормонски промени, кои доведуваат до намалување на мускулната маса, кондицијата, еланот за напредување и воведување новини во професијата, лесно изразени депресивни промени, намалување на либидото, еректилна дисфункција и др. Понекогаш е потребно да се интервенира хормонски кога вредностите на тестостеронот во организмот се ниски, се советува одржување на интелектуалните и социјалните активности, како и физичката активност и спортувањето согласно навиките и можностите.

Во светот веќе постои и посебна медицинска дисциплина наречена машко стареење (male aging), која кај нас е сè уште недоволно развиена.

Интересен е и податокот дека во последно време е зголемен бројот на мажи кај кои е утврден некаков проблем во однос на плодноста. Дали вашата пракса го потврдува ова и ако е така, која е најчесто причината?

– Околу 15% од паровите не успеваат да добијат бременост во текот на една година сексуална активност без употреба на контрацептивни средства, при што терминот примарна инфертилност (неплодност) се однесува на оние партнери кои никогаш пред тоа немале бременост. Точно е тоа дека во последните десетина години имаме зголемен број мажи кои побаруваат медицински третман, за што можеби добро објаснување е фактот што во државата имаме повеќе обучени специјалисти уролози, гинеколози и други специјалисти: ендокринолози, андролози и биолози, кои работат тимски во повеќе центри за третирање на оваа проблематика, во која државата сериозно финансиски интервенира. Се препорачува симултана медицинска евалуација на обата партнери со цел да се категоризира причината за неплодноста.

Машката плодност може да биде ослабена и оштетена како резултат на повеќе причини: вродени или стекнати урогенитални аномалии, токсична изложеност на тестисите при радијација, радио-хемотерапија и др., малигноми, инфекции на урогениталниот систем, зголемена температура на скроталната кеса како последица на проширени вени (варикоцела), ендокринолошки пореметувања, генетски алтерации и имунолошки фактори.

Што им препорачувате како прв чекор кон подобрување, на оние кои имаат проблем со бројот и квалитетот на сперматозоидите?

– Покрај медицинска и репродуктивна анамнеза и физикален преглед најпрво да се направи анализа на сперма (спермограм) согласно стриктните препораки на Светската здравствена организација за референтни вредности на карактеристиките на човечката сперма. Независно од евентуална хируршка и хормонална терапија пациентите можат веднаш да почнат со емпириски третмани: намалување на телесната тежина доколку е прекумерна, регуларна и рекреативна физичка активност може да ги подобри параметрите на спермограмот, прекин на пушење на цигари, намалување на консумирањето алкохол, третман со антиаоксиданти и фито препарати.

Што би им порачале на мажите во контекст на здравјето? 

– Редовни годишни систематски прегледи на урогениталниот систем, самопрегледи на органите каде што е тоа возможно, а посебно во однос на ракот на простата, воведување на задолжителен скрининг на туморскиот маркер ПСА после 50-годишна возраст, еднаш годишно или на секои две години во подоцнежна возраст (на пример над 70-годишна возраст), водење на здрав живот, здрава исхрана и редовна физичка активност пропратена со спортување и пешачење зависно од возраста и можностите.

Поврзани содржини