Предвремените избори можно е да бидат редовни?
Во партиските кругови веќе гласно се зборува дека голема е веројатноста целосно да се отпише можноста за одржување предвремени парламентарни избори, па наместо тоа, изборите да се одржат во редовниот термин во октомври.
Сè поизвесно е дека на денешната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски ќе биде донесена одлука за одложување на предвремените парламентарни избори закажани на 12 април. Поголем дел од политичките партии се согласија на ваквиот чекор поради опасноста од ширењето на коронавирусот, но од друга страна, засега не откриваат информации за тоа кој би можел да биде новиот датум за одржување на изборите. Како што неофицијално тврдат дел од партиските гласноговорници, новиот термин предвиден за гласање ќе биде одреден на денешната пладневна лидерска средба кај претседателот, а како што додаваат, засега сè уште е непознато дали изборите ќе бидат презакажани за крајот на мај, почетокот на јуни, или, пак, за наесен.
Сепак, во партиските кругови веќе гласно се зборува дека голема е веројатноста целосно да се отпише можноста за одржување предвремени парламентарни избори, па наместо тоа, изборите да се одржат во редовниот термин во октомври.
Либерално-демократската партија (ЛДП), на пример, ги повика политичките партии на денешната средба да ги одложат изборите и да закажат нов термин во октомври.
„Ги повикуваме сите партии да се водат, пред сè, од интересот на здравјето на македонските граѓани и да ја донесат оваа единствено исправна одлука кој во моментов е значајна. Како партија, ние, го предлагаме месец октомври како единствено реален датум за одржување на парламентарните избори бидејќи покрај справувањето со заканите по здравјето на граѓаните од коронавирусот, следно ќе биде справување со економските последици и преземање мерки во таа насока со контигентен план за фискалните мерки. За нас, последно за што треба да се грижиме во моментов се изборите и затоа сметаме дека во време на пандемија треба да заборавиме на нашите политички несогласувања и сите заедно сполотено да делуваме кон победата на злото кое се заканува по животите на луѓето“, наведено е во партиското соопштение.
Мислам дека предвремените парламентарни избори ќе бидат презакажани за почетокот на јуни или за крајот на септември.
Според политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, пак, во моментов постојат два најприфатливи термина за одржување на изборите. Едниот термин, наведува тој, е почетокот на јуни, а вториот термин е крајот на септември.
– Моја претпоставка е дека изборите ќе се одложат до јуни и дека целата оваа ситуација со коронавирусот ќе заврши во наредните месеци. Без разлика на тоа што во некои држави ескалираше состојбата со пандемијата, јас сметам дека мерките што ги презедовме ќе дадат резултати и дека наскоро целиот живот ќе ни се сведе во нормала. Мислам дека предвремените парламентарни избори ќе бидат презакажани за почетокот на јуни или за крајот на септември. Генерално, ќе се следи ситуацијата со пандемијата, а ќе се остави доволно простор за одржување на изборите во некое подобро време – изјави Пекевски за Плусинфо.
Претседателот Пендаровски во вила „Водно“ денеска е домаќин на лидерите на политичките партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, Беса, Алтернатива и Алијанса за Албанците.