ПРЕДВРЕМЕ ЈА ЗАВРШИЈА ЕВАКУАЦИЈАТА ОД АВГАНИСТАН Земјите од ЕУ побрзаа пред најавениот напад во Кабул
На пет дена пред официјалниот рок кој талибанците им го дадоа на Американците и на нивните сојузници, Белгија, Холандија, Данска, Франција и Германија денеска излегуваат од Авганистан. Колку луѓе ќе останат заглавени?
Дојава за голем самоубиствен напад со бомба кој може да се случи на аеродромот во Кабул ги натера ЕУ-земјите денес или најдоцна до утре да ја прекинат евакуацијата на свои граѓани, јавува МИА. На пет дена пред официјалниот рок кој талибанците им го дадоа на Американците и на нивните сојузници, Белгија, Холандија, Данска, Франција и Германија излегуваат од Авганистан.
Колку луѓе ќе останат заглавени во Авганистан? Допрва ќе се открива. Евакуацијата е уште потешка, откако САД, Велика Британија и Австралија им рекоа на своите граѓани да не се приближуваат до аеродромот по дојавата за бомбата.
А, еве како петте најголеми европски земји се справија со ситуацијата.
Белгија
Белгискиот премиер Александер де Кро денеска изјави дека земјата ја завршила операцијата за евакуација „Црвен змеј“, откако американски извори ја известиле Владата во Брисел за непосредната опасност од самоубиствен напад на аеродромот во Кабул. Де Кро рече дека Белгија евакуирала повеќе од 1.400 луѓе од Кабул, а последниот белгиски авион слетал синоќа во Исламабад, Пакистан.
Холандија
Холандската Влада планира денеска да го изведе последниот лет од Кабул, за што Парламентот беше писмено известен.
„САД не известија за сè, така што Холандија најверојатно денеска ќе го направи последниот лет. Ова е тежок момент, бидејќи тоа значи дека луѓето кои имаат право на евакуација ќе бидат оставени во Кабул“, се наведува во писмото.
Данска
Данската министерка за одбрана Трине Брамсен предупреди дека „повеќе не е безбедно да се лета од или за Кабул“. Таа посочи дека останале 90 луѓе, како и последните дански војници и дипломати, испратени да помогнат во евакуацијата, кои ќе бидат земени на последниот лет.
Франција
Премиерот на Франција, Жан Кастекс, најави дека од утревечер земјата повеќе нема да спроведува евакуација.
Германија
Германската војска-Бундесвер, денеска ја завршува последната фаза од мисијата за евакуација. Еден од четирите планирани авиони утринава слета во Кабул. Причина за предвременото завршување на евакуацијата е, како што истакнуваат во Берлин, зголемената опасност од тероризам.
За денеска се планирани четири авиони „А400 М“, со германски војници и два хеликоптери да летаат од Кабул до Ташкент од каде што утре ќе го продолжат патот за Германија. Според податоците на Министерството за одбрана, Бундесверот префрлил 5.193 лица од почетокот на мисијата за евакуација од Авганистан, а биле извршени вкупно 34 летови.