ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ КУРШУМИ ВО ВОЗДУХ Фатен возач што удрил полицаец и побегнал
Возачот не застанал на полициска наредба, удрил службеник и се обидел да избега пеш, но бил совладан по потера.
28-годишен жител на кумановското село Романовце е приведен откако со автомобил удрил полициски службеник, одбил да застане на полициска наредба и се обидел да побегне.
Инцидентот се случил синоќа околу 22:30 часот во селото Отља, во општина Липково, кога полицијата се обидела да запре возило „ауди А3“ со скопски регистарски таблички. Наместо да застане, возачот продолжил со движење и со возилото удрил во еден од полицајците, по што избегал од местото.
Потерата завршила во близина на селото Романовце, каде што осомничениот го оставил автомобилот и се дал во бегство пеш. За да го запре, еден од полициските службеници испукал два предупредувачки куршуми во воздух.
Набргу по тоа, бегалецот бил стигнат и совладан, но и тогаш пружал отпор и физички нападнал полициски службеник. Станува збор за С.Ч. (28) од Романовце, кој е приведен и задржан во полициска станица.
Од полицијата информираат дека по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.