Предлогот на владата на Христијан Мицкоски за уставните промени е одличен – и за нас, но уште повеќе за Бугарите

Со прифаќањето на предлогот на владата на Мицкоски – Бугари во Уставот, со важност од денот на приемот на Македонија во ЕУ – Софија може само да добие, а не може да изгуби ништо. Баш ништо!

7,325

Со години, од првиот ден на објавувањето на Преспанскиот договор, трубам дека станува збор за добар договор. Поттикнав многу сомнежи и стекнав многу непријатели со тој став, но и денес упорно тврдам дека овој билатерален договор – во целина, а особено неговиот клучен член 7, кој ги дефинира и ги легитимира нашето и грчкото разбирање на името Македонија – е квалитетна завршница на ирационалниот спор којшто долги години ги оптоваруваше односите меѓу Атина и Скопје.

Премиерот Христијан Мицкоски завчера ме потсети на уште еден важен аргумент во прилог на мојот став дека Преспанскиот е добар договор. Тој аргумент што го бев изгубил од видното поле. Бев фокусиран на мојата клучна теза – тоа што во основата на спогодбата меѓу Атина и Скопје лежи еден болен компромис, кој ни наложува да го смениме официјалното (службено) име на нашата земја во „Северна Македонија“, сепак не значи промена на македонскиот идентитет.






Мицкоски потсети дека Преспанскиот договор, како и амандманите на македонскиот Устав во кој беше преточена спогодбата, содржат силна гаранција дека Грција нема да го попречува приемот на Македонија во НАТО.

Преспанскиот договор и уставните амандмани се условени со ратификацијата на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО

Да се потсетиме, во врска со ова, во Преспанскиот договор, меѓу другото, е запишано: „… По добивањето на известување од Втората страна (Македонија – з.м.) дека ги завршила сите нејзини внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа спогодба, вклучително и по завршувањето на можен референдум на национално ниво со исход кој е конзистентен со оваа спогодба и по завршувањето на постапката за усвојување на амандманите на Уставот на Втората страна (Македонија), Првата страна (Грција) ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Втората страна (Македонија) во НАТО. Оваа постапка за ратификација ќе се заврши заедно со постапката за ратификација на оваа спогодба.“

Во Одлуката за прогласување на амандманите 33-36 на Уставот, во кои се имплементира договорот, се вели: „Притоа, согласно конечната спогодба со Република Грција, се предвидува стапување во сила на амандманите со денот на ратификација на Спогодбата и Протоколот за пристапување во НАТО од страна на Парламентот на Република Грција. Следствено, во случај на невлегување во сила на овие два документи, нема да влезат во сила ниту предвидените амандмани.“

Значи, Мицкоски е во право кога вели дека Преспанскиот договор е договор чија реализација е условена со ратификација на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Грција – ако тоа не се случи, амандманите на Уставот нема да влезат во сила.

Духот е поважен и посилен од словото на спогодбата

Сите знаеме што се случи по склучувањето на Преспанскиот договор и по усвојувањето на амандманите на Уставот. Македонија стана полноправна членка на НАТО. Ние се уште се мачиме со некои ефемерни прашања поврзани со техничката имплементација на спогодбата (промената на личните документи, на пример), но и Грците се мачат со исполнувањето на своите обврски.

Дополнително, владата на Зоран Заев се потруди да уфрли „вирус“ во односите меѓу Скопје и Атина, со едно екстензивно толкување на обврската за примена на новото официјално име на државата и во неслужбената комуникација. Имаше дури и обиди за директно кршење на Преспанскиот договор и на Уставот, со измислување на именката „Северномакедонци“ и на придавката „северномакедонски“.

Како и да е, ниту едно од овие прашања суштински не ја загрози спогодбата до степен една од страните да побара раскинување, или, во нашиот случај, да каже – уставните амандмани нема да стапат во сила. Ние, „втората страна“, одржавме и референдум, на кој мнозинството граѓани се изјаснија против овој акт. Па и тоа не беше доволна причина Преспанскиот договор да се отфрли, иако, судејќи строго според словото на спогодбата, тоа можеше и да се случи.

Зошто не се случи таква хаварија?

Затоа што правните акти, освен слово, содржат и дух. Во духот на Преспанскиот договор, двете страни, Македонија и Грција, ги исполнија своите клучни политички обврски и го надминаа долгогодишниот спор. Проблемите на целосната имплементација одамна не се од таква природа да можат да ја загрозат политичката суштина на договореното, духот на спогодбата.

Зошто е добар новиот предлог на владата на Мицкоски за внесување на Бугарите во Уставот

Премиерот Мицкоски со право прашува – зошто во случајот на фалениот Преспански договор, условувањето на неговото стапување во сила е прифатено како нормална гаранција, а во случајот со промените на Уставот со кои Бугарите треба да влезат во Преамбулата, не би било дозволено тие да се условат, буквално на истиот начин како што тоа е сторено во спогодбата меѓу Атина и Скопје?

Спогодбата и амандманите ќе стапат во сила кога Грција ќе го ратификува Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО. Уставните амандмани за внесување на Бугарите во Уставот ќе стапат на сила кога Македонија ќе стане членка на ЕУ, а Бугарија ќе го ратификува документот за тоа. Па не е ли тоа апсолутно исто?

Да, исто е.

И така би било фер.

А најважно што овој предлог на владата на Мицкоски, освен што е добар за Македонија – бидејќи ја содржи потребната гаранција дека нема да има натамошни уцени и политика на вето од страна на Софија – е уште подобар за Бугарија.

Ова последново го тврдам сериозно и би сакал да го образложам.

Што може Софија да изгуби ако го прифати предлогот на Мицкоски?

Еве, на пример, да го разгледаме „најцрното“ сценарио што би можело да произлезе ако Софија го прифати предлогот на премиерот Мицкоски.

Во договор со Софија и со Брисел, владејачкото мнозинство во парламентот во Скопје ги внесува Бугарите во Уставот, со клаузулата дека уставните измени ќе стапат во сила кога Македонија ќе влезе во ЕУ. Потоа владата на Мицкоски ги почнува преговорите. Но, Софија продолжува со старо-новите условувања, бара решавање на историските спорови, става вето во пристапниот процес и пак става сопки на секој чекор на Македонците на европскиот пат.

Што би можела да стори владата на Мицкоски во таков случај?

Дали би се обидела да оформи ново двотретинско мнoзинство во парламентот, за да ги избрише Бугарите во Уставот? Не. Тоа ќе биде не само политички самоубиствена, туку и невозможна мисија.

Дали владејачкото мнозинство во парламентот ќе го исфрли новиот член, Бугарин, од Комисијата за односи меѓу заедниците? Се сомневам. Што со тоа?

Дали владата ќе почне да ги дискриминира припадниците на бугарското малцинство во Македонија? Глупости. На сите им е јасно дека и сега, во ситуација кога Бугарите (како и Хрватите и Црногорците) не се спомнати во Уставот, припадниците на овие малцинства не се дискриминирани. Барем не повеќе од оние кои се запишани во Уставот. Ромите, за споредба, одамна се запишани во Уставот, ама имаат реални и сериозни проблеми со дискриминација и интеграција во македонското општество.

Што друго може да стори владата во Скопје ако дојде до реализација на „најцрното сценарио“?

Ништо посебно. Владата на Мицкоски и Парламентот може да усвојуваат декларации во кои ќе тврдат дека уставните измени веќе не важат, но тоа во пракса нема да значи буквално ништо. Нема да се намали симболичното значење на внесувањето на Бугарите во Уставот. Да, односите меѓу Скопје и Софија ќе бидат влошени, но не повеќе од сега, бидејќи сега се на историски најниско ниво од прогласувањето на независноста на Македонија.

Со еден збор, со прифаќањето на предлогот на владата на Мицкоски, Софија може да добие, но не може ништо да изгуби. Баш ништо!

Предлогот да се зграби, односите меѓу Скопје и Софија да се вратат на нивото од раните 1990-ти

Без оглед со какви думи ќе се услови внесувањето на Бугарите во Уставот, духот на уставниот амандман со кој ќе се стори тоа ќе биде поважен од словото. Македонија и Бугарија веќе се дел од западната политичка хемисфера и имаат потреба да соработуваат, а уставните амандмани ќе бидат силен поттик односите да се подобрат. Верувам дека е можно да се вратат дури и на нивото од раните 1990-ти години, кога Бугарија прва ја призна независноста на Македонија и беше заслужна што моќната Русија го стори истото.

Бидејќи дури ни „црното сценарио“ не е така црно како што изгледа, убеден сум дека предлогот на Мицкоски е шанса да се затвори спорното прашање и две земји да почнат да пишуваат многу посветли сценарија за историски пресврт во меѓусебните односи.

Да сум јас во позиција да одлучувам за Бугарија, со должен респект кон сите бугарски аргументи и со разбирање на фактот дека бугарските политичари и историчари и во наредните децении ќе продолжат да ја оспоруваат самобитноста на македонската нација, предлогот на премиерот Христијан Мицкоски би го зграбил веднаш, без задршка.

Да повторам: можеби Бугарија нема многу да добие, но нема што да изгуби ако го прифати тој предлог.

При тоа, верувам дека од Софија нема да се бара ништо повеќе од политичка декларација на Националното собрание за прифаќање на иницијативата на Скопје, по што Брисел би ја поддржал таа декларација и би ја свикал првата меѓувладина конференција со Скопје, ден откако македонското Собрание ќе ги усвои уставните измени според предлогот на владата на Мицкоски.

Не е потребна никаква промена на Преговарачката рамка.

Не е потребна ниту промена на Договорот за добрососедство, кој по својата содржина повеќе е писмо на намери, своевиден преддоговор, одошто договор со вистинското значење на еден таков правен акт.

Прво добивме софиско, ќе добиеме ли сега и бриселско вето?

Би сакал овој мој своевиден апел до нашите бугарски пријатели да не се разбере погрешно, а особено да не се атрибуира погрешно. Пишувам и говорам само во лично име, со надеж дека моето мислење се совпаѓа со ставовите на луѓето кои ја креираат надворешната политика, но и со чувствата на илјадници Македонци и Бугари кои сакаат Македонија брзо да напредува кон ЕУ, а на тој пат нејзин клучен поддржувач да биде токму Софија.

Што ако предлогот на Мицкоски не се прифати?

Македонците веќе се длабоко разочарани од односот на најмоќните земји членки на Европската унија и на Бугарија. Отфрлањето на една разумна иницијатива, без сериозни и разумни аргументи – такви, едноставно, нема! – за нас, сепак, нема да биде нешто ново. Се навикнавме на такви безобразни фаули. Евроскептицизмот ќе се продлабочи, бидејќи ќе се засили чувството кај нас, Македонците, дека Европа, едноставно, не нè сака во своето семејство. А љубов со сила, нели, не бидува.

После софиското вето пред неколку години, сега, со почетокот на преговорите со Албанија и евентуалното отфрлање на иницијативата на новата влада во Скопје, Македонија ќе биде изложена на едно ново, овој пат – бриселско вето. Не знам како тоа ќе го оправдаат бирократите во ЕУ и политичарите во водечките европски земји, но ние конечно ќе се убедиме дека европските вредности во кои верувавме со години се крајно компромитирани и – веќе обезвреднети.

До таа мера што навистина се прашувам дали воопшто веќе има смисла човек да се „ложи“ на таа приказна …

 

Поврзани содржини