ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ПУШЕЊЕ НЕ Е РЕСТРИКТИВЕН, ТУКУ Е ЕВРОПСКИ Тутунски производ користат 13,6% од децата од 13 до 15 години во Македонија

94

Предлог-законот за заштита од пушењето, кој се очекува да стапи во сила на 1 март, не е рестриктивен, тој е европски. Станува збор за воспоставување европски стандарди за заштита на здравјето, изјави за МИА министерот за здравство, Азир Алиу.

Министерството за здравство уредува сеопфатна заштита на населението од штетните ефекти од употреба на тутунот и другите никотински производи, како и изложеноста на тутунски чад во животната средина.






– Тоа ни е битен момент за да може да се уреди. Исто така, предлог-законот е усогласен со меѓународните стандарди и целта на законот е унапредување на јавното здравје. Усогласен е со глобалните јавноздравствени политики што ги имаме потпишано како држава и во рамките на таа конвенција за контрола на тутунот, која е потпишана. Законот не е рестриктивен, тој е европски. Европските стандарди за заштита на здравјето се воспоставени во овој закон. Преку податоците што ги добивме од Светската здравствена организација, над 45 проценти од возрасната популација пуши, што ја става нашата земја меѓу земјите со највисока стапка во Европа според начинот на користење цигари или некаков вид тутунски производи – рече Алиу.

Тој појасни оти е многу битно да се напомене дека, освен забрана за пушење во јавни институции, на јавен простор, законот предвидува и забрана за промоција на таков тип производи, кои во последно време се промовираат дека се модерни.

– Анализа е направена за дигиталниот простор и каков тип на пристап користат компаниите што произведуваат ваков тип на производи. Исто така, законот предвидува рестрикции во дигиталниот простор за да не може да се промовираат такви штетни производи за нашето население – истакна Алиу.

На прашањето дали вакви слични закони се применуваат во земјите од регионот, рече дека, дефинитивно, се применуваат и во Европа и во некои земји од регионот.

Според Алиу, целта е населението да се одвикне од пушењето и правилата се јасно дефинирани во сите европски земји.

– Значи, истите правила се анализирани и се стандарди и во нашиот предлог-закон. Законот не треба да се гледа како рестриктивен, туку како европски закон. Според направените анализи, младите користат некаков вид тутунски производи. Според глобалното истражување за употребата на тутунот кај младите (Global Youth Tobacco Survey-GYTS) во 2024 година, 13,6 проценти од учениците на возраст од 13 до 15 години моментно користат некаков вид тутунски производ. Ова е највисок процент евидентирани млади во државава – рече Алиу.

Тој смета дека со донесувањето на законот за заштита од пушењето ќе се придонесе за намалување на бројот на пушачи во земјата и за намалување на трошоците за лекување на заболувања предизвикани од пушењето.

– Затоа, паралелно со овој закон правиме цела програма за едукација и информации за штетноста и заболувањата што се поврзуваат со пушењето. И цела 2026 година ќе биде поврзана со имплементација на законот и едукација и информации, особено за младите во нашата држава – додаде Алиу за МИА.

Поврзани содржини