Предизборни бисери
Досега ние Албанците знаевме дека Питу Гули (влав) всушност бил „албанецот“ Pjetër Gurri од Илиндитското востание, сега дознавме дека и Гоце бил наш! Така ние Албанците покрај славните Дуа Липа, Рита Ора, Али Паша, основачот на модерен Египет (овие денови и Борис Џонсон!) во наше конто го зголемивме бројот на славните и со името на Гоце Делчев - само поради кечето!
Следејќи ги внимателно предизборните дебати како неутрален индиректен учесник во тие дебати не можам да се воздржам до таа мерка за да не ги изложам и моите ставови за неколку јавно изнесени прашања и дилеми во однос на нашите политички (не)согласувања веќе три децении.
ПРЕАМБУЛА
Професорката Гордана Силјановска, која високо ја почитувам, во една неодамна емисија на тв Aлфа зборуваше, како професор по уставно право, за многу аспекти од нејзините размислувања во однос на многу уставни дилеми и несогласувања присутни во нашата јавност од осамостојувањето до денес на Република Македонија. Прво сакам да истакнам дека со нејзините ставови по однос на изборот на претседател на владата потполно се согласувам со една додавка дека секоја политичка партија има право да ја изнесе својата платформа без право некоја друга партија да ја анатемиса а граѓаните да го дадат својот краен збор во однос на таа проблематика. Изборот на претседател на влада е право на одлука на политичката партија победник на изборите, или во случај на недостаток на пратенички бројки, меѓусебен консенсуз на идната владина коалиција и нема етничка боја.
Второ: омилената тридецениска тема преамбулата, или попрецизно граѓанскиот концепт на државата и тоа не само дефиниција на државата сама по себе туку и практичната примена на напишаното. Правејќи ретроспектива на соддржината на преамбулата професорката истакнува дека наместо во текстот на преамбулата да доминира граѓанскиот концепт на државата таа стана сопственост на народи, наместо сопственост на граѓани-сувереноста припаѓа на граѓаните! Госпоѓа Силјаноска намерно тоа го пласира во јавноста оти длабоко сум уверен дека формулацијата „делови на народи“ според дефиницијата се малцинствата или поблаго „европски“ речено „националните заедници“. Сакам да ја потсетам професорката дека во анексот на работниот текст на трипартитните разговори предводени од германскиот амбасадор Geеrt Ahrens од 17 јуни 1992 претставен и дискутиран во Под-групата за Македонија и Косово на Карингтонската конференција, во точката 5 стои дека „…Подгрупата се сложи дека член 1, параграф 1 од Уставот би требало да се измени и да гласи: „Република Македонија е суверена, независна, демократска и социјална држава на сите нејзини граѓани…“
Зошто не е така и е како вели професорката, објаснување дава поранешниот спикер Стојан Андов.
На страна 595 од неговите мемоари Андов пишува „…штом во новиот текст на Преамбулата отпаѓаат зборовите македонскиот народ тогаш се отвараат многу сложени и длабоки политички проблеми пред кои ние едноставно немаме право да ги затвориме очите“. (Андов, Ст., На мој начин, Матица, 2018) Сегашниот текст на Преамбулата е резултат на заеднички политички компромис. Подетално (во интерес на просторот каде се објавува)за овој проблем читајте на страна 594, 595,596,597 и тука ќе ги најдете одговорите на тоа прашање.
Денеска не сум сигурен што ќе беше подобро за државата: Амандман 4 да беше првичната Преамбула која е дел од Охридскиот Договор (со граѓански концепт) предложена од македонските политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ а не од албанските (Андов, 2018) или сегашната Преамбула со „многу народи“ од претпоследните и последните уставни измени.
На почеток не сакав да се осврнам на оваа тема но едно јавно обраќање на лидерот на ВМРО за неговиот концепт на идното уредување на односите во државата (иако во предизборна кампања cе е дозволено) не ме остави рамнодушен, иако темата е многу широка и бара голем простор и многу време за објаснување. По изборите сигурно повторно ќе се актуелизира актуализира.
ЛАЖНИ ВЕСТИ
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски интеграции Бујар Османи на последното интервју во тв Алфа, истакна дека ѝ забележува на актуелната влада за недоволното ангажирање околу борбата против лажните вести кои го уриваат нашиот државен апарат и политички систем.
Зборувајќи за достигнувањата на неговата политичка партија за време на нејзиното владеење, тој вели дека пред владеењето на ДУИ Албанците беа претставени во јавната администрација со 0.2% а за време на ДУИ –досега 98% од 100% вкупните вработувања.
Тоа е лажна вест!
Статистиката покажува дека во 1993-94 Албанците беа претставени со 4% во полиција, со 1.7% во УКИМ (студенти). Реална голема дискриминација. Во МНР во 2000 година имаше 17.5 % Албанци. Тогаш за три месеци преку ПДП и ДПА се школувани од страна на ОБСЕ и САД и вработени 500 полицајци, и т.н
Ако е за шифрите за вработување на Албанците за време на ПДП можно е да објавиме еден многу голем список на лица уште во периодот 1990-1994, потоа список на директори, заменици, претшколски установи, и др. Во Министерството за труд и социјала раководена од министер на ПДП до 2002 биле вработени 16.9 Албанци,а не 0.2% како што лажно тврди Османи.
Османи покрај пофалбите за вработувањата на ДУИ вклучувајќи ги и тие млади луѓе кои ги плаќа без еден ден работен стаж, но со голем партиски стаж за време на изборите, не е информиран или не сака да знае дека во некои институции, како Агенцијата за пошти, НУБ Климент Охридски и други не знам дали бројот на Албанците стигна до 1%!!!
ДУИ именуваше прв Албанец спикер, Талат Џафери?
Лажна вест.
Прв Албанец, спикер на Парламентот бил Луан Старова уште пред осамостојувањето на земјата. Во 2000 год. кандидатот за спикер на Собранието Абдурахман Алити изгуби против Андов со (9) гласови против од пратениците на ДПА!
Сепак еден факт мора да се признае: од кога ДУИ именуваше свој претседател (Албанец) на Собранието на РСМ, почна „рапидно“ да расте бројот на фамилјарници на нејзините функционери во престижната државна високоплатена ЕЛЕМ, од баџанакот на спикерот како антикорупционер, потоа сестрата на министерот Бектеши за која министерот „не бил информиран“ дека е вработена (!) ќерката на спикерот примена без конкурс, за која антикорупционерите „открија“ дека била „одлична“ со успех а не поради неговото влијание(!) и така бројот почна да расте и во Академијата за судии и јавни обвинители со деца на функционери дуисти, а ние секој ден зборуваме за реформи и департизација на судството!
За време на владата на Георгиевски и Џафери, во сосема мирни политички води и взаемен договор многоструко вработување во администрацијата беа секојдневна појава, низ демократски процес а не како резултат на воен конфликт, како што тие се фалат.
Понатаму заменикот за евроинтеграции на Зоран Заев вели дека е првиот вработен лекар Албанец во Клиничкиот центар во Скопје.
Тоа е лажна вест.
Вистината е дека најмалку четири лекари специјалисти Албанци што ги познавам јас биле многу време пред него вработени во Клиничкиот центар – Скопје. Можеби тој само себеси го смета како Албанец и можеби смета дека „сертификат за албанство“ луѓето треба да земаат од него и од неговата партија!
Вели дека ДУИ вработил 26 илјади Албанци.
Тоа е лажна вест!
Вистината е дека (бројот не е важен!) ДУИ вработил Албанци – ДУИ иако за време на конфликтот Албанците беа во редовите на ОНА без ниедна партиска боја. Јас сум длабоко убеден дека во неговиот кабинет нема вработен Албанец од друга политичка партија а такви ги има во кабинетот на Заев па дури и во кабинетот на Мицковски можеш некого да најдеш.
Дуистите се фалаат дека го легализирале Тетовскиот универзитет, го основале Штуловиот Универзитет.
Лажна вест.
Вистината е дека Тетовскиот универзитет е основан во просториите на ПДП а легализиран (без ДУИ да побара!) од страна на Црвенковски.
Штуловиот Универзитет е основан од двоецот Георгиевски – Џафери. Тоа е вистинската вест.
ДУИ вели дека ја внеле Македонија во НАТО и сега на ред е ЕУ. ,
Лажна вест.
Македонија во НАТО е заслуга на сите политички партии од осамостојувањето на земјата. Посебни заслуги имаат Заев, Ципрас, Димитров, Коцијас никако ДУИ, иако и Османи сме го виделе често пати како непродуктивно трошеше пари за авионски билети за едно „срдечно“ раковување со Коцијас. Можеби бил на шопинг во Солун?!
ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ И АЛБАНСКОТО КЕЧЕ!
Конечно една радосна вест: Бугарија веќе „нема“ да стави вето на одредување на датум за започнување на преговорите со РСМ за членство во ЕУ. Заедничката комисија за толкување на историските настани брзо ќе ја реши дилемата за етничкото потекло на Гоце Делчев. Лидерот на ДУИ овие денови на еден предизборен митинг ја „откри“ вечната дилема: Гоце Делчев бил Македонец кој носел албанско кече и често пати држал говор пред Албанците! Кај тоа Али го читал останува енигма. Ниту во историските дела на Ноел Малколм , ниту пат во комплетот на Јусуф Буџови можеш такво нешто да најдеш!!!
Досега ние Албанците знаевме дека Питу Гули (влав) всушност бил „албанецот“ Pjetër Gurri од Илиндитското востание, сега дознавме дека и Гоце бил наш! Така ние Албанците покрај славните Дуа Липа, Рита Ора, Али Паша, основачот на модерен Египет (овие денови и Борис Џонсон!) во наше конто го зголемивме бројот на славните и со името на Гоце Делчев – само поради кечето!
O tempora, o mores!