ПРЕДИЗБОРЕН МАРКЕТИНГ НА ВУЧИЌ ИЛИ НОВА НАБАВКА? Никој не знае кој барал увоз на 50.000 тони пченица и 25.000 тони пченка од Србија
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, пак, тврди дека до жетвата има доволно количини на пченица. Стоковите резерви се полни, а дополнителните нарачки течат нормално. Споменатите количини, според него, се планираните количини на увоз на пченка на стопанските субјекти и не се за стоковите резерви.
Не се знае точно кој барал 50.000 тони пченица и 25.000 тони пченка колку што најави синоќа српскиот претседател Александар Вучиќ, но се знае дека досега во земјава се увезени 70.000 тони од годишните потреби од 100.000 тони пченица. Бизнисмените имаат договорени поединечни нарачки од српските извозници, но не се знае за колкави количини се работи. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, пак, тврди дека до жетвата има доволно количини пченица. Стоковите резерви се полни, а дополнителните нарачки течат нормално. Споменатите количини, според него, се планираните количини на увоз на пченка на стопанските субјекти и не се за стоковите резерви.
Претседателот на групацијата на мелничко-пекарската индустрија на Стопанската комора Горан Малишиќ вели дека најверојатно станува збор за предизборен маркетинг на српскиот претседател, бидејќи овие количини на пченица се многу повеќе од она што треба да се увезе од потребните годишни количини.
– Во земјава годишно се увезуваат 100.000 тони пченица. Најголемиот дел од тоа е од Србија, но увоз има и од други земји. Досега се увезени 70.000 тони пченица што значи преостанува да се увезат уште 30.000 тони. И овој увоз нема да биде само од Србија, туку и од другите земји од кои вообичаено увезуваме пченица. Познато е дека нашите стопанственици имаат направено договори со српските извозници и тие договори течат, а за колкави количини станува збор не може да се каже. Како групација не сме барале од владата да увезува за нас пченица, ниту пак владата ни ветила дека ќе увезува пченица. Не знам дали ќе се увезуваат дополнителни количини за стоковите резерви и во колкав износ би биле тие. Ние како бизнисмени немаме директен контакт со српскиот претседател за да порачуваме пченица. Сепак, најверојатно станува збор за пресметките кои ги правела српската влада колку тони пченица по задоволување на потребите ќе може да извезе, а спомнувањето на количините за земјава, мислам дека е само предизборен маркетинг на српскиот претседател – вели Малишиќ.
Од владата вчера соопштија дека земјата има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви. Со преземените мерки на Владата, не се очекува ценовен шок на основните прехранбени производи. Моментално нема потреба да се стават во функција стоковните резерви, институциите продолжуваат со снабдување на државните резерви, а се разгледуваат и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви.
И министерот за земјоделство Љупчо Николовски на Фејсбук објави дека земјава има доволно количина пченка и пченица, a во домашните мелници има резерва од 45.000 тони пченица, количини кои се доволни за потребите на домашниот пазар до следната реколта.
„Министерствата за земјоделство на РС Македонија и на Република Србија имаат континуирана комуникација за сите земјоделски производи што се извезуваат и увезуваат од двете страни, вклучително и за пченица и пченка. Споменатите количини се во годишните планови на стопанските субјекти, кои им се планирани да ги увезат до почетокот на жетвата со цел како и секоја година да бидат покриени потребите на домашниот пазар и работата на мелниците, пекарите и други субјекти, не за потребите на државата или стоковите резерви“, напиша Николовски.
Претседателот Стево Пендаровски, синоќа за телевизија Сител изјави дека е тоа голем потег од Србија.
– Која е големината на тој потег? Србија пред пет дена, на првиот или вториот ден кога почна руската интервенција во Украина, донесе одлука да го забрани извозот на сите витални стратешки производи. Од пред 2,5 години Руската федерација ја надмина Украина според продукцијата на пченица на светско ниво и Србите ги имаат тие конекции од претходно како неутрална земја – рече Пендаровски.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска уште еднаш предупредија на алармантното ниво на стоковите резерви во земјава.
– Откако излеговме со сознанија дека има недостиг на стокови резерви, Ковачевски, Бесими и Битиќи експресно ги демантираа ваквите информации кои сега се покажаа за точни. Иако уверуваа дека стоковите резерви се стабилни и полни, вчера, соседна Србија ни откри дека Владата на Македонија испратила барање за испорака на вкупно 75.000 тони пченка и пченица. Владата ја донесе Македонија во опасност и веднаш треба да одговори дали стоковите резерви биле празни и поради тоа не се интервенираше на пазарот?! Ако ја земеме за веродостојна и изјавата на Пендаровски дека уште пред пет месеци имале сознанија за војната во Украина, што чекале до сега и зошто не обезбедиле неопходни резерви? Владата треба да одговори и зошто дозволи цените на брашното и лебот да се зголемат и не презема ништо против тоа – велат од опозициската партија.
Кој и да ја порачал оваа количина пченица и пченка ќе треба да ја плати по берзанска цена, која расте секој ден. На берзите денеска пченицата се продаваше по цена од 367,75 евра по тон.