ПРЕДАДЕНИ ОД ДОМАШНИ ПРЕДАВНИЦИ И УБИЕНИ ОД БУГАРСКИ ФАШИСТИ Воениот прек суд досудил 10 смртни казни за членови на Карадачкиот и Козјачкиот одред

По иследувањето во Куманово и во Скопје, на 8 и на 15 ноември 1941 година заробените борци од Карадачкиот и Козјачкиот одред биле изведени пред бугарскиот окупаторски Воен прек суд во Куманово и осудени на тешки казни, од кои 10 смртни (подоцна смртна казна била заменета со доживотна робија) и на разни временски казни до 15 години робија. Осудените партизани биле спроведени во централниот затвор во Скопје и по затвори во Бугарија.

1,226

Во 1941 година кај селото Бељаковце, Кумановско, бугарската полиција ја разбила групата (четата) „Карадак на Кумановскиот народноослободителен партизански одред. Притоа, покрај другите, загинале Боро Менков, командант, Перо Георгиев – Чичко, политички комесар и Бајрам Шабани, борец на таа група, кои подоцна биле прогласени за народни херои на Југославија од Македонија.

Одредот бил жртва на домашни предавници






Според „Спомен зборникот на загинатите борци од НОВ и жртви на фашистичкиот терор од Куманово и Кумановско 1941-1945, објавен во 1976 година, од зборното место „Менкова Колиба“, Карадачкиот партизански одред во состав: Боро Менков командат, Перо Георгиевски – Чичо политички комесар, Бајрам Шабани, Магдалена Антова, Киро Бурназовски, Аритон Димковски – Тонко, Наце Ивановски – Буѓони, Благој Думановски – Пецкалија, Славко Георгиевски – Самарџија, Коста Јовчевски, Алириза Јусуфи, Бојан Секирарски, Евица Георгиевска – Кипра, Перо Менков и Бојан Милковски се упатил во правец на карадачкиот терен – Кумановско, со задача да го разгори вооруженото востание и да создаде партизански бази во крајот каде населението било претежно со албанска и турска припадност. На зборното место, коешто се наоѓало во близина на градот, пред построените партизани за значењето од НОБ зборувал командантот на Воениот штаб Дејан Алексиќ.

Борците на одредот се собрале на зборното место „Менкова колиба“, четири километри јужно од Куманово. Одредот бил составен од 15 борци, од кои 12 Македонци, двајца Албанци и еден Хрват.


Менковата колиба

Во раните утрински часови на 13 октомври борците на Одредот пристигнале во реонот на селото Белановце, сместувајќи се во една стара селска воденица, за да се одморат и да го продолжат патот по карадачките села. Дента штабот одржал советување со борците, на кое бил анализиран маршот, а потоа разработен пропаганден материјал индивидуално од секој припадник на Одредот.

На 14 октомври 1941 година, рано в зори, Карадачкиот партизански одред, предаден од домашни предавници, бил опколен и нападнат од бугарската фашистичка војска и полиција. Во борбата против многубројниот и подобро вооружен окупатор загинале командантот и политичкиот комесар, Боро Менков и Перо Георгиевски – Чичо, и борците: Киро Бурназовски, Магдалена Антова, Бајрам Шабани, Аритон Димковски – Тонко и Наце Ивановски – Буѓони. Останатите, меѓу кои и тешко ранет Бојан Секирарски, биле заробени и спроведени во Куманово со старата градска касарна, во која бил сместен бугарскиот окупаторски гарнизон, а потоа во затворот во Околиското полициско управление.

И Козјачкиот одред бил предаден од селските кметови, ѕверски убиен Димче Јовчевски – Еребица

Козјачкиот партизански одред (месност Студена Вода, Кумановско, 12 октомври 1941 – Малотино, 17 октомври 1941) е еден од четирите партизански одреди во Македонија во 1941 година. Заедно со Карадачкиот партизански одред тој е прв партизански одред од Куманово. Бил формиран од 25 борци. Командант на одредот бил Љубомир Здравковски – Гачо, а политички комесар Киро Нацев – Фетак.

Во неговиот состав биле и: Васе Гелев, Боро Божиновски – Прцан, Среќко Петрушевски – Пужаљка, Стојан Георгиевски – Тане, Димче Јовчевски – Еребица, Христијан Тодоровски – Карпош, Киро Менков, Солтир Путински, Стојан Георгиевски – Ага, Боро Јовчевски – Суџук, Филимена Михајлова, Михајло Мургашански, Герасим Димковски – Чвор, Тошо Ангеловски – Ѕидар, Киро Наков, Мирко Трајковски – Ѕука, Гиго Цветсковски, Стојан Додевски – Оџа, Урош Караџински, Александар Јакимовски – Кеке и Трајан Стојмановски – Грне.

Одредот од зборното место „Студена Вода“ тргнал во правец на Козјак, откако пред построените партизани за значењето на НОБ и формирањето на партизански одреди зборувал членот на Воениот штаб Панче Пешев.

Двежејќи се по козјачките села, со цел да се воспостави партизански бази и да создаде услови за борба против окупаторот, Одредот организирал поедини акции на теренот. Така, на 14 октомври бил организиран собир на населението во селото М’гленце, на кој раководителите и борците на Одредот зборувале за значењето на формирањето на партизанските одреди и борбата со фашистичките окупатори.

Споменик во Молотино, Кумановско, на местото каде што е разбиен Козјачкиот партизански одред

На 15 октомври, борците од Козјачкиот партизански одред извршиле акција на манастирот Прохор Пчински, а потоа во приквечерината на 16 октомври се сместиле во една плевна во селото Малотино.

Во раните утрински часови на 17 октомври 1941 година Одредот, предаден од селските кметови, бил окполен од многубројната бугарска фашистичка војска. Во тој судир со окупаторот загинаа борците Васе Гелев и Стојан Георгиевски – Тане, а при спроведувањето на заробените партизани на ѕверски начин бил убиен Димче Јовчевски – Еребица, додека сосема мал број го пробил непријателскиот обрач и не паднал во окупаторските раце (Киро Фетак, Боро Божиновски – Прцан и Среќко Петрушевски – Пужаљка). Во борбата бил ранет Боро Јовчевски. Од селото Малотино заробените партизани биле спроведени во селото Жегљане во училишната зграда, која била полна со бугарска окупаторска војска, а потоа во Куманово.

По иследувањето во Куманово и во Скопје, на 8 и на 15 ноември 1941 година заробените борци од Карадачкиот и Козјачкиот одред биле изведени пред бугарскиот окупаторски Воен прек суд во Куманово и осудени на тешки казни, од кои 10 смртни (подоцна смртна казна била заменета со доживотна робија) и на разни временски казни до 15 години робија. Осудените партизани биле спроведени во централниот затвор во Скопје и по затвори во Бугарија.

Полицијата им забранила на берберите да го вработат Боро Менков

Боро Менков е роден во Куманово, на 5 мај 1919 година, во сиромашно семејство. По завршување на основното училиште, учел берберски занает, како чирак во берберница. Бил истакнат синдикален активист и раководител на штрајкот на берберските работници во Куманово, во 1936 година.

По штрајкот, полицијата им забранила на мајсторите да го примаат Борко Менков на работа, поради што тој морал да замине од градот. Откако безуспешно барал работа низ Белград, заминал во Крагуевац на работа, каде останал од 1936 до 1938 година, и каде учел есперанто.Во Крагуевац ја добил поканата за војска, и по отслужувањето се вратил во Куманово.

Боро Менков

Во 1940 година се преселил во Скопје, каде отворил свој дуќан. По неколку претреси од полицијата, Боро Менков го затворил дуќанот и се вратил во Куманово. Станал член на КПЈ во 1940 година.

По окупацијата на Македонија бил еден од организаторите на НОВ во Куманово. Собирниот центар за оружје се наоѓал во неговата куќа, која подоцна била претворена и во тајна работилница за експлозивен материјал. Во работата помагале и неговите браќа. На 12 октомври 1941 година бил назначен за командант на Карадачкиот партизански одред.

Загинал два дена подоцна, на 14 октомври 1941 година, во борба со бугарската војска и полиција, при разбивањето на одредот.

За народен херој бил прогласен на 20 декември 1951 година.

Перо Георгиевски бил мачен и тепан, организирал работнички штрајкови

Перо Миланов Георгиевски – Чичо е роден во Куманово во 1918 година во занаетчитско семејство. Завршил занаетчиско училиште во 1932 година. Бил шивачки работник. Како член на СКОЈ (од крајот на 1933) и на КПЈ (1934), бил член на Месниот комитет на КПЈ во Куманово во периодот од 1934 до 1936 година, член на Покраинскиот комитет на СКОЈ за Македонија (1935) и секретар на Работничкото културно-уметничко друштво „Абрашевиќ“ во Куманово од 1935 година.

Тој се јавувал и како еден од организаторите на честите работнички штрајкови во Куманово, а во еден момент успеал да одржи говор на говорница, по што веднаш бил уапсен. Во притворот бил мачен и тепан. Во 1936 година бил раководител на Одборот за собирање помош за учество во Шпанската граѓанска војна, а поради апсење во 1937 година не успеал и самиот да замине. Второто лежење во затвор било подолготрајно.

Перо Георгиевски

По отсложувањето на воениот рок, тој станал секретар на МК на КПЈ во Куманово, каде ја извршувал функцијата до 12 октомври 1941 и член на ПК на КПЈ за Македонија. Во јануари 1941 по враќање од партиски состанок, тој бил следен од полиција и бил уапсен. Поради немање докази бил пуштен од затвор по 2 месеци. Во март 1941 дошло до судир со Методија Шаторов поради неговиот опортунистички став за организирање демонстрации на 27 март. Затоа тој самиот ги предводел Мартовските демонстрации во Куманово на 27 март 1941 година. На 12 октомври бил назначен за политички комесар на Карадачкиот партизански одред. Загинал два дена подоцна, на 14 октомври, во борба со бугарската војска и полиција.

Прогласен е за народен херој на Југославија на 11 октомври 1951 година.

Бајрам Шабани ги убедувал граѓаните дека бугарската власт ги пљачкосува и Албанците и Македонците

Бајрам Шабани е роден во селото Липково, Кумановско на 14 октомври 1922 . Потекнувал од сиромашно селско семејство кое во Липково немало доволно земја за обработување. Сирак од шестгодишна возраст, од својата петнаесетта година работел во Куманово како земјоделски и градежен работник и како ковач. Во 1939 година се вклучил во синдикалното движење, а во летото 1941 година станал член на СКОЈ.

Во септември 1941 година Шабани бил дел од групата која, по наредба на кумановската партиска организација, го проучувала просторот на делување на Карадачкиот партизански одред. При престојот на групата во селата, Шабани на албански јазик ги убедувал своите соговорници дека бугарската власт е ненародна и дека ги пљачкосува и Албанците и Македонците.


Бајрам Шабани

На 12 октомври 1941 година кога се формирал Карадачкиот партизански одред, Шабани станал борец на одредот. Загинал по два дена, во борба со бугарската војска и полиција во атарот на селото Белановце, Кумановско, држејќи отстапница на своите другари.

Во моментот кога ја фрлил последната бомба, бил погоден од митралески оган и паднал мртов.

За народен херој бил прогласен на 10 октомври 1951 година.

Уште една крвава одмазда во Штипско, хронологија на масовни убиства

Во 1941 година во селото Крупиште, Штипско, како одмазда за загубената борба, германските фашисти со вперени пушки влегле во куќите и ги собирале мажите од 15 до 60-годишна возраст, а притоа пукале во секој што ќе почнел да бега.

Злосторниците влегувале во куќите и ги гореле заедно со добитокот. Притоа стрелале 49 луѓе. Истиот ден германските фашисти извршиле масакр над населението во кочанското село Уларци. Селото било опожарено и биле стрелани 40 луѓе.

Масовни убиства во Штипско, Кочанско и Повардарието се случиле во периодот од 6 октомври до 7 ноември 1944 година. Тие биле извршени од германскиот окупатор кој веќе ја губел контролата над територијата на Вардарска Македонија и чија Армиска група Е се повлекувала од Грција. Масовните убиства во овој период вклучуваат стрелања кои биле извршени во 16 села во Штипско, Кочанско и во Повардарието, како и во градот Кочани, при што биле убиени вкупно 267 лица. Повеќе од половината од овие убиства, вкупно 137, биле извршени на 14 октомври 1944 година во 9 села во Штипско и во Кочанско. Најмногу настрадале штипското село Крупиште, каде биле убиени 49 лица, демиркапиското село Бесвица со убиени 43 лица, штипското село Горни Балван со убиени 26 лица и кочанското село Уларци со убиени 25 лица.

Во периодот од 6 октомври до 7 ноември 1944 година се случиле следните масовни убиства:

6 октомври во демирхисарските села Бесвица (43 убиени) и Прждево (21 убиен), како и во месноста Прждевски Лаки (8 убиени)

10 октомври во кочанското село Оризари (3 убиени)

14 октомври во штипските села Крупиште (49 убиени), Горни Балван (26 убиени) и Долни Балван (14 убиени), како и во кочанските села Уларци (25 убиени), Облешево (8 убиени), Тркање (7 убиени), Чешиново (4 убиени), Долни Подлог (3 убиени) и Соколарци (1 убиен)

16 октомври во Кочани (18 убиени)

17 и 18 октомври во Кочани (13 убиени)

21 октомври во кочанското село Лепопелци (13 убиени)

3 ноември во штипското село Аргулица (8 убиени)

4 ноември во штипското село Судик (2 убиени)

7 ноември во штипското село Врсаково (1 убиен)

Поврзани содржини