ПРЕД НАШИ ОЧИ СЕ ВЕЕ ЗНАМЕТО НА ЦАР БОРИС Левица бара власта да го осуди отворањето на бугарскиот клуб во Охрид
Денеска сме сведоци како се вее знамето на цар Борис, додека немаме никаква осуда од Владата на СДСМ и ДУИ, истакна Јована Мојсоска од Левица.
Политичката партија Левица, која е организатор на протестот во Охрид против отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети”, денеска обвини дека нема никаква осуда од СДСМ и ДУИ за отворањето на клубот.
– Ние сме организатори на протестот против фашистичкиот клуб. Денеска ја поднесуваме и иницијативата за референдум против пробугарскиот предлог. Денеска сме сведоци како се вее знамето на цар Борис, додека немаме никаква осуда од Владата на СДСМ и ДУИ. Напротив, вчера и отворено МНР на Бујар Османи директно застана на страната на промоција на фашизмот и побара да се почитува правото на почитување на сите граѓани, дури и на оние кои негуваат фашистички вредности – изјави генералната секретарка на партијата Јована Мојсоска.
Очекуваат, според Мојсоска, нивниот предлог за референдум да помине и на народот да му се даде можност да се изјасни дали е против „уцените од страна на Бугарија”.
– Ќе се бориме и понатаму. Очекуваме предлогот за референдум да помине и народот како што доликува на една демократска земја да се изјасни против сите овие уцени кои доаѓаат од страна на Бугарија со кои Македонија е принудена да се откаже од своето АСНОМ-ско минато – рече Мојсоска.
Таа додаде дека во текот на вчерашниот ден од страна на полицијата бил вршен притисок врз членови на партијата и дека, како што рече, имало „експлицитно пречекорување на нивните овластувања”.
На протестот во Охрид се приклучија и членови на охридскиот општински Совет од редовите на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ.