Пред историскиот амбис

590

Во современите демократски општества, пред големи искушенија – а ние де факто сме пред едно такво – ниту една важна државна одлука што директно ја тангира иднината на сите граѓани не се носи наврат-нанос, без најширока мнозинска политичка поддршка, па и плебисцитно изјаснување на народот. Особено во случаи како нашиот, со мноштво нејаснотии, непознаници, дилеми и апсурди, а со очигледни историски консеквенци. И тоа не се (само) фамозните Бугари во Преамбулата, како што вообичаено подметнува власта и нејзините кербери, туку она што доаѓа потоа. А за што никој не говори!

Но, едновремено, во нормалните држави е апсолутно недозволиво користењето на таквите мигови на искушение за јавно заплашување на граѓанинот со некакви санкции, исклучувања од меѓународните процеси и слични идиотизми, за што се користат дури и официјални високи претставници на други земји. Оттука, а како „нормален“ контрапроизвод, и ширењето теории на заговор, психозата на страв кај граѓаните и мислата за предавство, но и грижата за иднината на следните генерации. Сето тоа е евидентно во јавноста низ разни форми (изјави, статуси на социјалните мрежи, колумни, анализи, есеи…), што пак никако не значи отсуство на образование кај интелектуалната елита на земјата (како што дрско импутира еден „професор“ во капларски шинел!) туку отворен сомнеж во искреноста, капацитетите на власта и нејзиниот начин на водењето на процесите.






Во актуелниов во секој поглед (најблаго речено) контроверзен миг за земјата – катастрофална состојба во државата, регионални и европски искушенија, глобално политичко и воено одмерување на силите – власта, и не само таа, настојчиво креира амбиент на страв, на безизлез, но и на чудно подаништво и покорност, играјќи на картата „мала држава“, „мал народ“, „големи сили“, геополитички случувања… и др. „Малоста“ на државата и народот е главна тема и на некакви (и нечии!) чудни „аналитичари“ инсталирани да шират дефетизам, да заплашуваат и да се закануваат – во чие име? – да го нарекуваат граѓанинот со секакви погрдни имиња. Македонскиот јазик има доволно соодветни зборови за таквите луѓе.

Но тие и нивната задача е одамна прочитана и нивната важност за македонската јавност е ништовна. Но важен е историскиот миг и фактот дека веќе нема невини. Нема и не може да има невини поединци, групи и партии бидејќи амбисот е длабок а паѓањето неповратно. И судот на јавноста ќе дојде, кога-тогаш!

Зашто, оваа земја имаше – имаше, во минато свршено време – епохален влог викан 1941-1945 година. Тие години се вистинскиот современ репер за Македонија, но и за Европа, па и за светот. Македонија тогаш го даде својот прилог за Европа и за светот, уште тогаш стана членка на европското демократско семејство. Иако во тоа исто време некои сега многу гласни нови членки беа на другата страна, а некои богами и спиеа. И преспаа чекајќи други да ги ослободуваат. Тоа мора отворено и постојано да се повторува. Ако некој треба да се срами од своето минато, тоа се баш некои од „големите“ европски фактори. Треба да ги именувам тие земји? Не мора.

Тоа што денес никој повеќе не го спомнува периодот 1941-1945 се должи на нашата глупост, но и на „работата“ на оние погореспомнати „елементи“. Оваа власт, на изненадување на сите, само се приклучи на глупоста и продолжи да негира сѐ што беше свето во оваа земја и за којашто илјадници луѓе ги положија животите. И се легитимираа како багра, заедно со нивните кербери, кои немаа(т) почит за ништо. Тие не се ни „остатоци на остатоците“ (Буден) на македонската интелектуална елита туку срам за земјата и нивните претци.

И затоа тие денес ни велат дека сме „мали“, дека граѓанинот е глуп, хистеричен и необразован, не ја разбира меѓународната политика… итн. Заради тоа ние како мала земја сме осудени од вечноста на човековата глупост да пливаме во истиот океан со големите риби, да се гледаме себеси како граѓани-сарделички наспроти гордите, смели „китови“ во големата слика на Универзумот. Ние треба да бидеме исплашени до смрт при помислата на огромната челуст на китот или на трите реда заби во вилицата на белата ајкула. Зашто, големите ги јадат малите, нели? Зашто лага биле приказните за некаква демократија, за некакви обединети, рамноправни нации, за паролата на некогашната француска револуција…, па и за „малите“ локални пароли од времето на 1941-45, па и порано, но и подоцна, нели?

И затоа не ни е дозволено да ја мериме, на пример, „минорната“ Крушевска република, или (не дај боже) АСНОМ, со некои „грандиозни“ историски потфати од форматот на она liberté, égalité, fraternité или паролите против робовладетелството и др.? Но, зошто да не кога токму ние „малите“ учевме од нив „големите“ за човековите права, за слободата, за демократијата…? И зарем „големите“ не ги храбреа „малите“ во нивното национално будење, во нивната борба за независност? И впрочем, кој беше мал а кој голем во онаа 1941 година?!

И затоа ли локалниве геоселски демагози со нивните мали умови упорно, по задача, лаат за „анархичната природа на меѓународниот систем“ против којшто ние, „малите“, не можеме ништо да направиме, па против наша волја нѐ ставаат в кревет со слонови и горили? Токму сега ли е времето за такви „просветлувања“ на македонскиот „глупав“ граѓанин? Други нѐ споредуваат со автомобил што мора да биде туркан одзади за да оди зашто ние – а не власта! – сме неспособни идиоти. Како божем токму ние, граѓаните, управуваме со земјава а не нивните „интелектуално образовани“ ментори и политички „елити“.

И не се воопшто случајни ваквите пројави на „големиве“ македонски „експертски“ лајачи со ограничен видокруг но неограничена лукративна страст да сеат дефетизам, катастрофични сценарија и подаништво како единствена опција. Токму таквите веројатно седат на големите „санти лед“ ладејќи си ги задниците и се обидуваат да командуваат со јавното мислење во „малава“ земја. Но, барем да си го научеле мајчиниот јазик! Ама тој не им треба за мудрувањето за светските процеси, затоа подобро го учат јазикот на насилниците, на „големите“, на слоновите и горилите. Малите им се за потсмев.

Забораваат дека често и малите ја прават историјата. Забораваат на 1903, и (повторно и повторно) на 1941-45 година. И (повторно): кој тогаш беше мал а кој голем? Или и тоа беше историска грешка, како и оваа што сега се испречува пред нивните планови? При што намерно ги забораваат и оние „мали“ ликови од светски формат и нивните победи против „големите“ во борбата за човековите права, за слободата, за демократијата… Намерно забораваат на еден Ганди, Тито, Кастро, Че, Лумумба, Павел, Солженицин, Сахаров, Мартин Лутер Кинг…

И понатаму држат лекции за „големата слика“ во која немало принципи и норми туку имало, види богати, само сила и неправда. И оние „малите“ или ќе ја прифатат или – ќе ги нема?! Се разбира, во ова време-невреме некому токму вакви апокалиптични насилници му требаат. А впрочем, истите тие ни беа октроираните и како воспитувачи на младите, како „експерти“ вакви или онакви, токму ним ова општество им дава награди, им ги вработува семејствата – сите до еден! – па дури и ги плаќа за нивниве испрдоци наметнати со тоги со воинствени зелени бои.

Нивната задача, а всушност „дилема“ што треба нам да ни ја наметнат, е: изборот помеѓу „просперитет и безбедност“. И, наводно, умните по правило ја бирале безбедноста. Но забораваат дека тоа за нас воопшто и не е некаква дилема. Ние зборот просперитет одамна го исфрливме од употреба, а безбедноста нели ја решивме со НАТО?! Или и тоа беше некаква белосветска розова мамка во којашто слоновите и горилите всушност не ви гарантираат ништо?

Оттука, ние сега немаме дилема туку амбис нарекуван – опстанок. Не физички, зашто за кој ѓавол го менувавме името, туку духовен. И тој амбис е поопасен од челуста на китот! И впрочем, чуму ви е безбедноста ако – ве нема? Или безбедноста на слоновите и горилите гарантира поинаков опстанок, оној со заедничка историја, нови имиња, „реформирани“ учебници, „реновирани“ споменици…?

Затоа, исправени пред актуелните страотни дилеми, најмалку што треба да направиме е секојдневно да го откриваме вистинското лице на ваквите странски платеници и кукавици камуфлирани во интелектуални одежди. Без оглед што тие се обидуваат да ги наречат сите други со различно мислење „неуки интелектуалци, политичари и новинари“, тоа не е точно. И не доликува на „интелектуално образовани“ да комуницираат на таков тон. Освен ако – мораат. Но зошто би морале? Имаат долгови за отплаќање?! И кому? И за што?

Но, ако (како што онака „интелектуално образовано“ тврди еден од овие) мора да има „уставни промени под американски и европски диктат!“, од каде сега токму во неговото USA „њама Македонци и њама македонски јазик“? Та нели сме стратешки партнери? И безбедни? И нели источниот ни сосед нема да има нови барања? И тоа ли е целта на тие уставни промени, на коишто ние мораме да се согласиме бидејќи така денес функционира светот во локалните мали умови, бидејќи таков сега бил светскиот систем на слонови, горили и другите диви ѕверови наспроти оние „помали“ животинки?

И дали навистина од другата страна демнат руски мечки и кинески змејови, закочувања на процеси и изолации? И дали тоа треба да нѐ исплаши повеќе од огромниот потенцијален историски амбис што се отвора во непосредното источно соседство? Или всушност оваа багра се плаши дека тогаш ќе секнат европските фондови, а за некои индивидуи и личните надоместоци? Е па тоа веројатно и ќе се случи. Како ли ќе преживеат преварантиве само со локалните плати и пензии?

Извор: Теодосиевски уметност

 

Поврзани содржини