Не успевате да го пријавите детето за вакцинација? Еве што треба да сторите!
Оние деца кои немаат здравствено осигурување, или немаат одбрано матичен лекар, исто така ќе може да се вакцинираат, а информации за термините ќе може да добијат директно на вакциналните пунктови каде ќе се одвива вакцинација на деца – се вели во одговорот од МЗ.
Од петок ќе почне вакцинација на деца над 12 години со „Фајзер“, додека родителите/старателите од денес до четврток ќе се пријават на веб-страницата vakcinacija.mk. Сепак, уште од самиот почеток некои од родителите се соочиле со проблем при пријавувањето.
До нашата редакција пристигна поплака од страна на една мајка која сакала да ја пријави својата 13-годишната ќерка на vakcinacija.mk, но и покрај успешната регистрација, таа добила порака дека нејзината ќерка не е пронајдена во базата на пациенти, податок кој бил изненадувачки за мајката.
– Преку медиумите дознавме дека треба да ги пријавиме електронски децата доколку сакаме да се вакцинираат. Имавме успешен обид, но веднаш потоа ми пристигна електронска порака во која не информираа дека таков пациент не е пронајден. Малку бев изненадена од ова, па не знам што треба да направиме за да ја вакцинираме нашата ќерка – ни објасни скопјанката Марија.
Од Министерството за здравство за Плусинфо информират дека во системот „Мој термин“ веќе се регистрираат малолетни лица (деца од 12-16 години) кои сакаат да се вакцинираат.
– Родителите или старателите доколку наидат на проблеми при пријавувањето, на своето дете, да го проверат статусот на евидентирање на децата, односно дали истите се осигуреници во базата на ФЗО на РСМ. Оние деца кои немаат здравствено осигурување, или немаат одбрано матичен лекар, исто така ќе може да се вакцинираат, а информации за термините ќе може да добијат директно на вакциналните пунктови каде ќе се одвива вакцинација на деца – велат од Министерството за здравство.
Денеска министерот Венко Филипче изјави дека откако ќе се види заинтересираноста со регистрирањето на сајтот, ќе се закажуваат термини за вакцина по распоред, бидејќи, како што потенцираше, една вијала содржи шест дози.
– Кога еднаш ќе се отвори вакцината на „Фајзер“, мора да се вакцинираат шест лица бидејќи во вијалата има шест дози и ако се јави едно или две деца, голем е ризикот одреден број вијали да се фрлат, а тоа не сакаме да се случи. Родителите ќе може до четврток да ги регистрираат децата и од петок ќе почне апликацијата на вакцините – рече Филипче по посетата на Поликлиниката во Шуто Оризари каде што е отворен нов пункт за вакцинација.