ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА Е ПРОЕКТ ШТО НА СКОПЈЕ МОРА ДА МУ СЕ СЛУЧИ Ако некој сонил аванта во тендерот, подобро му е да се расони!

Како можело да се случи два дена пред отворањето на понудите, медиум близок до градоначалничката Данела Арсовска да лиферува информација дека едната од понудите е за 20 милиони евра пониска од другите? Зошто е сменет Перински на денот на отворањето на понудите? Дали некој опасно го саботира најголемиот инфраструктурен проект, за кој се обезбедени 136 милиони евра, од кои 72 милиони евра се грант од Европската Унија?

3,356

Ова е проект што мора да се случи!

Со овие зборови, добар познавач на приликите, човек симпатизер на противничката партија на ВМРО-ДПМНЕ, ја коментира големата кавга што изби помеѓу градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и партијата со чија поддршка дојде на власт. Кавгата почна откако Арсовска го смени директорот на ЈП Водовод и канализација Златко Перински, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, наводно поради „самоволие и несоодветно постапување во постапка за тендер вреден 136 милиони евра“.






– Немам никаков интерес или желба да бранам или да напаѓам било кого. Не ми се блиски ни Арсовска ни ВМРО-ДПМНЕ. Сакам само јавноста да знае дека после цели шест години како солза чиста постапка, водена под целосна контрола на Европската инвестициска банка, без можност за било какви коруптивни и други влијанија, со подарени 69 милиони евра од Европската Унија, со кредитни обврски преземени од централната а не од локалната власт, Скопје едноставно мора да добие модерна пречистителна станица на отпадните води во Вардар – вели извор на Плусинфо, кој побара да остане анонимен.

Имено, ова е прецизната финансиска конструкција на овој проект. Државата добива 72 милиони евра неповратен грант од Инвестицискиот фонд на ЕУ за Западен Балкан, 68 милиони евра кредит од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и 58 милиони евра кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Претходно е одобрен и европски грант од 10 милиони евра, кој ќе се откаже кога државата ќе го земе седум пати повредниот грант. Парите од грантот државата ќе ги искористи да врати дел од кредитите во двете банки.

Познавачите се едногласни во оценката дека освен што станува збор за исклучително поволна финансиска конструкција за еден инфраструктурен проект каков што Скопје не памети со години, ако не и со децении, многу е важно тоа што за проектот вреден 136 милиони евра Град Скопје нема да се задолжи ниту едно евро.

– Тоа е нешто што едноставно не смее да се пропушти – вели нашиот извор.

Проект без маана

Плусинфо денеска консултираше експертски извори и луѓе од различна политичка провиниенција и од различни периоди на „владеењето“ во Град Скопје и во градските комунални претпријатија. Буквално сите се едногласни во оценката дека поведението на градоначалничката Арсовска во случајов е последица или на едно големо недоразбирање или на темелно непознавање на процедурите и на сето она што досега е сторено во овој проект.

А што е сторено?

Многу, велат познавачите. Скопје е една од ретките европски метрополи во кои не се прочистуваат отпадните води. Проектот за кој станува збор е носител на сребрена плакета на Европската инвестициска банка (ЕИБ). За 136 милиони евра, Скопје ќе добие пречистителна станица какви што имаат големите европски метрополи како Минхен или Париз, која ќе прочистува 90 отсто од отпадните води пред да се слеат во Вардар и која ќе биде енергетски самоодржлива.

– На проектот се работи цели шест години, за сега да дојдеме до фазата кога се отвораат понудите на три понудувачи што ја поминале претквалификацијата, во која учествуваа 12 понудувачи. Јавноста треба да знае дека во проектната единица има по двајца претставници на Град Скопје и на ЈП Водовод и канализација и еден претставник од Министерството за животна средина. Тоа се луѓе кои сиве овие години не работат ништо друго освен што се посветени на проектот. Освен тоа, во ЈП Водовод и канализација има претставник на Банката и консултанти кои целосно го мониторираат проектот во сите фази. Јас ви тврдам дека не постои никаква, ама баш ни теоретска можност врз проектот да влијае било кој, било да е од СДСМ или од ВМРО. За секоја кадровска или било каква друга промена, ЕИБ мора да биде известена. Во оваа фаза, кога треба да се отворат понудите на три сериозни компании и да почне процесот на евалуација, секоја промена може опасно да го компромитира проектот во кој веќе се вложени многу пари и труд. Моето мислење е дека некој погрешно ја информирал градоначалничката Арсовска, или ѝ создал погрешни очекувања. Најдобро е таа подобро да се информира и потоа процедурата да ја врати во колосек. Имам информации дека Банката е лута поради оваа збрка, а тоа не е добро – вели нашиот извор.

Има ли лобирање за аванти?

Во кулоарите се шпекулира дека е можно кавгата да е резултат на лобирање и тајни договори на една од компаниите со заинтересираните „играчи“ во Скопје. Неофицијално, трите компании чии понуди требало да се отворат уште во ноември минатата година, се една голема компанија од Турција (наводно со мешовит турско-американски капитал), WTA од Германија и една данска компанија ќерка на светски познатата „Виоли“. Тогаш една од компаниите побарала одлагање. Одлучено е последен рок за доставување на понудите да биде 1 март година. До рокот стасуваат две понуди, а „Виоли“ се откажува.

Уште во саботата, два дена пред отворањето на понудите (сега тие се отворени и се во рацете на Евалуационата комисија), медиум близок до градоначалничката Арсовска лиферува информација дека едната од понудите е за 20 милиони евра пониска од другите. Пробивањето на оваа информација во банкарските кругови се смета за сериозен фаул. Да биде работата уште почудна, Перински е сменет на денот на отворањето на понудите, а со него Арсовска нема директна комуникација некаде од 10 август.

ПЕРИНСКИ: НЕ ЗНАМ КОЈ И СО КАКВА ЦЕЛ ПРОБИЛ ИНФОРМАЦИИ ЗА ТЕНДЕРОТ

Плусинфо од сменетиот директор Перински побара дополнителни објаснувања за целата збрка.

– Ситуацијата веќе ја објаснив. Не можам да коментирам зошто се пробиени тие информации за тендерот и со каква цел. Моја задача, како директор, не беше да ги оценувам понудите, тоа е работа на Евалуационата комисија. Од мене никој не може да добие таква информација или мислење. Процесот го мониторира Европската инвестициска банка. Сите нејзини оценки се дека досегашната постапка е беспрекорна. Вчера добив уште еден допис, во кој ЕИБ потврдува дека процесот до вчерашниот ден е кристално чист. Како ќе биде понатаму, јас навистина не знам. Тоа е прашање за градоначалничката Арсовска – ни изјави кусо Перински.

Независниот извор на Плусинфо уверува дека пробиената информација, без оглед дали е точна или лажна, не менува многу, освен што можеби ја компромитира сликата за нашите институции.

– Откако ќе се отворат понудите, ќе се дознае или ќе се „намириса“ дали се правени обиди за дилови зад грб, како што се шпекулира. Но, јас тврдам дека дури и да е правено такво нешто, правена е сметка без крчмар. Постапката и контролата се такви што не оставаат ниту минимален простор за било какви злоупотреби – тврди тој.

Арсовска да ја врати процедурата во колосек

Во дел од медиумите се тврдеше дека нервозата поради која градоначалничката Арсовска го разреши Перински, а потоа почна лавина од оставки на вмровски директори на скопските јавни претпријатија, избила откако кон крајот на јули во „Водовод и канализација“ стасал допис од Градот Скопје од каде што барале да се смени комисијата што ја прави евалуацијата за избор на изведувач, да се сменат членови на комисијата за надзор и да се смени комисијата за жалби. Перински возвратил со објаснување дека таквите промени мора да ги одобри ЕИБ, која е лидер во спроведување на проектот.

– По обраќањето до Банката добивме мислење дека не е добро во оваа фаза да се менуваат членови на комисијата затоа што тоа ќе значи одложување на проектот, а затоа што државата плаќа 0,5 отсто пенали за задоцнување на работата и ќе го одземе времето во делот на запознавање со техничката евалуација и кон финансиската евалуација која веќе беше завршена. Комисијата за евалуација за надзор ги има завршено и техничката и финансиската евалуација и извештајот е одобрен од ЕИБ. Имаме добиено позитивен одговор од банката. Не може да си играте со европски банки – објасни Перински.

Изворите што ги консултираше Плусинфо советуваат градоначалничката Данела Арсовска да ги повлече своите барања за кадровски промени и да продолжи со процедурата во тесна соработка со проектната единица и со ЕИБ.

– Дополнителната компромитација на проектот значи опасност за грантот од ЕУ, кој е половина од целиот проект. Тоа значи и поткопување на довербата на банкарите во нашите институции, а тоа може да биде погубно – вели нашиот извор.

КОЈ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СИРОМАШНА МЕТРОПОЛА МОЖЕ ДА СИ ДОЗВОЛИ ВАКВО НЕШТО?

Од доаѓањето на власт по ланските локални избори до сега, градоначалничката Данела Арсовска се откажа од неколку инфраструктурни проекти на својот претходник Петре Шилегов, без да понуди соодветна замена. Тие проекти Шилегов ги доведе до фаза пред реализација, но немаше време да почне со изведбата. Ако кон нив се додаде и проектот за пречистителната станица вреден 136 милиони евра, есапот покажува дека Арсовска брзоплето и без многу премислување се откажа од проекти со целосно или делумно затворени финансиски конструкции вредни безмалку четврт милијарда евра.

Кој градоначалник на една сиромашна метропола може да си го дозволи ова, згора во време на светска економска криза и најавена долгогодишна рецесија?

Поврзани содржини