ПРЕЧЕКОТ НА 2020 ГОДИНА ЧИНЕЛ 300.000 ЕВРА Концертот на Дино Мерлин скапо ги чинел скопјани, обвини ВМРО-ДПМНЕ

Андоновски презентираше Договор на Град Скопје со МКЦ за исплата на активности поврзани со дочек на Новата 2020 година, вреден 9.660.000 денари.

249

Прославата на Новата 2020 година која што според Петре Шилегов требаше да чини нула денари, ги чинела скопјани 300.000 евра, обвини денеска Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потсети дека Шилегов прво рекол дека пречекот „ќе чини нула денари и Градот за тоа нема да плати“, а во септември 2020 рекол дека платил 80.000 за Дино Мерлин, како и дека пари од Градот биле дадени за бројни настани меѓу кои и за пречекот на ракометарите.






Првиот договор што Андоновски го презентираше денеска изнесува 9,66 милиони денари, а со Анексот цената на договорот е плус 40.000 евра.

Андоновски презентираше Договор на Град Скопје со МКЦ за исплата на активности поврзани со дочек на Новата 2020 година, вреден 9.660.000 денари. Договорот опфаќал изнајмување техничка опрема 1.500.000 денари, други оперативни трошоци 800.000 денари, сместување на учесници, транспорт, авторски надоместоци, маркетинг. Дел од овие средства во висина од 1.300.000 требало да се дадат како аванс за отпочнување на предновогодишни активности, а другите пари да бидат дадени по концертот, до 15.03.2020 година. Договорот е потпишан од Шилегов и од директорот на МКЦ Русе Арсов.

– На овој договор, пак, следува АНЕКС 2 со кој што се опфаќа измена на деловите – Изнајмување техничка опрема и од 1.500.000 денари станува 6.500.000 денари, пет милиони денари повеќе, а ставката Други оперативни трошоци од 800.000 денари станува 3.160.000 денари. Така, договорот за организација меѓу Скопје и МКЦ станува потежок и со анексот вреди 12.020.000. Договорот од 157.000 евра станува речиси безмалку 200.000 евра, односно 40.000 евра повеќе – рече Андоновски.

Тој објаснува дека има дел во којшто се крши договорот и МКЦ спротивно на Закон за јавни набавки го избрало здружението Дирекција за култура и уметност на Скопје како коорганизатор на концертот на Дино Мерлин.

– На МКЦ должноста му е да го обезбеди главниот изведувач Дино Мерлин и неговиот оркестар, како и преку спонзорства и донации да се обезбеди хонорарот за Дино Мерлин. И еве го договорот со Дино Мерлин, каде хонорарот е 100.000 евра во нето сума. Ова е Трошковникот на Дирекцијата чиишто пари се обезбедени со Анекс 2 кој видовме дека има напумпани цени. Најголем дел од нив оди за изнајмување техничка опрема, 2.460.000 денари за Берар – техничка поддршка и 2.648.805 денари за ДВД ПЕТ техничка поддршка. Тоа се вкупно 5.109.605 или над 83.000 евра за две фирми за техничка поддршка за настан организиран од МКЦ – рече Андоновски.

Речиси еден милион денари зела Дирекцијата за реализација, со што сумата се искачила на цели 100.000 евра. Колку за Дино Мерлин, толку за озвучување само за две компании.

– Една од фирмите, ДВД ПЕТ е истата фирма блиска на Шилегов од којашто и Универзалната сала изнајмувала опрема иако таа не работи со години, но и фирма за којашто Дирекцијата за заштита на конкуреннцијата смета дека е фаворизирана и дека по тој основ во континуитет добила 41 тендер од МКЦ, Универзална сала и од други институции, во вредност од 1.500.000 евра. И за ова поседуваме документи кои докажуваат дека оваа фирма е фаворизирана од градските институции – рече тој.

Андоновски вели дека Договорот и анексот на Шилегов со МКЦ чинат 200.000 евра, а договорот со Дино Мерлин е јасен и чини 100.000 евра.

– Прашање е дали воопшто има спонзори или фирмите добро познати на Шилегов кои заработиле милионски суми заради фаворизирање, биле покритие за пари од Градот да бидат дадени како наводна донација за концертот – праша Андоновски и најави ревизија на работата на Шилегов.

Поврзани содржини