ПРАЗНИЧНИТЕ ЗАБАВИ ПОД ЛУПА Казни ќе летаат за секое прекршување во угостителските објекти
Инспекторите ќе го проверуваат работното време, бројот на гости и почитувањето на забраната за пушење, а граѓаните се повикуваат да пријават секоја неправилност.
Во пресрет на празничната сезона, Државниот пазарен инспекторат најави засилени контроли во угостителските објекти низ земјата, со цел да се спречат злоупотреби и да се гарантира безбедноста на гостите.
Од Инспекторатот велат дека очекуваниот наплив на прослави и приватни забави секоја година носи ризик од прекршувања, поради што надзорите ќе бидат почести и построги.
Инспекторите ќе проверуваат дали се почитуваат правилата за максимален број гости, работното време, забраната за пушење и сите други законски обврски што важат за угостителите.
– Апелираме угостителите да работат совесно и во целост да ги почитуваат законските прописи, особено сега кога се очекува зголемена фреквенција на гости – порачаа од ДПИ.
Од Инспекторатот истакнуваат дека за секое непочитување на правилата ќе следат казни и соодветни мерки, согласно надлежните закони.
Граѓаните кои ќе забележат неправилности може да пријават на телефонскиот број 191 или преку веб-страницата dpi.gov.mk.