ПРАЗНИ СЕ ЗБОРОВИТЕ НА ЗЕЛЕНСКИ ДЕКА Е ПОДГОТВЕН Кремљ ја коментираше изјавата за преговори со Путин
Кремљ денеска ја оцени како празна изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека е подготвен за директни преговори со неговиот руски колега Владимир Путин и со другите лидери за ставање крај на конфликтот.
Речиси три години од почетокот на руската офанзива врз Украина, повиците за мировни преговори стануваат сè поитни со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, кој вели дека сака брзо да го прекине конфликтот, но не претстави конкретен план за тоа.
Украинскиот претседател долго време беше категорично против каков било компромис со Русија, но во последниве месеци тој ревидираше некои точки од својот став, особено поради тешкотиите со кои се соочува неговата армија на фронтот и нејзиното континуирано повлекување.
Зеленски синоќа изрази подготвеност за директни преговори со Путин и други сили доколку тоа е единствената опција за мир за граѓаните на Украина.
Украинскиот претседател не прецизираше кои ќе бидат другите учесници, но претходно британскиот новинар Пирс Морган, кој го интервјуираше, ја спомена можноста за преговори меѓу Украина, Русија, САД и Европската унија.
– Подготвеноста мора да се заснова на нешто. Засега ова може да се сфати само како празни зборови. Сепак, ние остануваме отворени за преговори – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, наведувајќи дека реалноста на теренот треба да го убеди Киев да покаже отвореност и интерес за такви преговори.