Правна дилема: Дали Османи и Димитров имале овластување да потпишуваат протоколи со Бугарија во врска со Францускиот предлог?

Овој текст се однесува на спорниот процес околу усвојувањето на Францускиот предлог и двата протоколи што ги потпишаа министрите за надворешни работи. Првиот протокол со Република Бугарија е потпишан од страна на Никола Димитров, а вториот од Бујар Османи. Во фокусот е прашањето дали постоело соодветно и законско овластување за потпишување на овие документи, кои директно се однесуваат на националните и државните интереси на Република Македонија.

1,224

Овој текст се однесува на спорниот процес околу усвојувањето на Францускиот предлог и двата протоколи што ги потпишаа министрите за надворешни работи.

Првиот протокол со Република Бугарија е потпишан од страна на Никола Димитров, а вториот од Бујар Османи.






Во фокусот е прашањето дали постоело соодветно и законско овластување за потпишување на овие документи, кои директно се однесуваат на националните и државните интереси на Република Македонија.

Во секоја уставна и демократска држава, јасното разграничување и почитување на овластувањата е основен предуслов за владеење на правото.

Оваа поделба на надлежности не е само формална процедура, туку гаранција за легитимноста и правната сигурност на сите постапки на извршната власт.

Во таа насока, како правно свесен граѓанин, ја поставувам оваа дилема пред јавноста и институциите, со надеж дека ќе биде разгледана со неопходната сериозност од страна на надлежните органи.

Овластување за преговори (правен концепт и граници) – Овластување за преговори не значи овластување за потпишување

Овластувањето за водење преговори е првата, но не и конечна фаза во меѓународниот правен процес. Правно гледано, овластувањето за преговори е мандат што му се дава на државен претставник да иницира дијалог, да преговара и да разменува идеи со цел да се постигне преддоговорна или рамковна согласност.

Меѓутоа, ова овластување не вклучува и право на финализирање и склучување обврзувачки меѓународен договор или било каков друг документ.

Законот и Уставот јасно пропишуваат дека склучувањето на меѓународни договори или било какви други обврзувачки меѓународни документи бара посебно, изречно и документирано овластување – најчесто доделено со одлука на Владата и/или ратификација од страна на Парламентот.

Меѓународно право и Виенската конвенција за договори

Според чл. 7 од Виенската конвенција за правото на договори (1969), која ја ратификувала и Република Македонија, за валидно склучување на меѓународен договор потребно е лицето што го потпишува да има „full powers“ – изречно овластување од страна на државата.

Ова овластување се доделува или на високи функционери (како Претседател, Претседател на Владата, Министер за надворешни работи) или преку специјална доверба (најчесто со одлука на Владата).

Доколку склучувањето е направено без такво овластување, договорот и било каква друга форма на документ не создава обврски за државата, освен ако подоцна не бидат ратификувани.

Практична примена: Министрите и протоколите со Бугарија

Јавно достапните информации укажуваат дека Владата на Република Македонија наводно дала овластување за преговори на министрите Османи и Димитров, но не е јасно дали постои официјално и законски валидно овластување за потпишување обврзувачки протоколи.

Ова е клучно прашање, бидејќи содржината на тие протоколи ги засега фундаменталните национални интереси – идентитет, јазик, историска вистина, образование, културен идентитет.

Отсуството на јавно достапен документ или одлука за склучување обврзувачки документ, како и недостигот на консултации или ратификација од страна на Собранието, отвора сериозни прашања за уставноста и законитоста на постапките и на потпишаните документи.

Во контекст на овластувањето можеме да говориме и за овластување можеби дадено без внимателна проценка односно Владата формално може и да го овластила министерот, (во што лично не верувам) но тоа не значи дека таа постапила со доволна анализа и грижа.

Одлуката може да биде правно формална, но политички и национално штетна, а тоа е сосема легитимна основа за дебата, критика и правна ревизија.

Јавна и уставна одговорност на Владата и Собранието

Во интерес на правната сигурност и довербата во институциите, Владата и Собранието мораат јасно и транспарентно да одговорат на следните прашања: Дали постои конкретна одлука на Владата за овластување на министрите да потпишат обврзувачки протоколи?

Дали Собранието било консултирано или го одобрило потпишувањето на овие протоколи? Врз основа на кој правен акт министертите ги потпишале протоколите?

Правни и институционални последици

Доколку се утврди дека министрите немале соодветно овластување за потпишување на протоколите, следуваат сериозни правни постапки.

Правната логика на уставниот поредок бара: Уставниот суд да ја испита уставноста и законитоста на постапката; Јавното обвинителство да провери евентуална злоупотреба на службена положба; а Собранието да расправа за последиците врз државната обврзаност и меѓународната позиција на државата.

Почитување на правото како услов за легитимитет

Правото не дозволува експериментирање и импровизации, а најмалку т.н. „овластувања кои се подразбираат по дифолт“. Овластувањето или постои и е законски валидно – или не постои.

Овластувањето мора да биде јасно, изречно и законски документирано. Четврто нема. Секое потпишување на обврзувачки меѓународен документ без соодветна правна основа го доведува во прашање легитимитетот на тој акт и може да создаде сериозни државни и политички ризици.

Ова не е обична правна процедура. Ова е прашање што го допира суверенитетот, достоинството и интегритетот на државата.

Доколку дозволиме министри или други функционери самоволно и надвор од процедурите да склучуваат обврзувачки правни акти и други документи во име на државата, тогаш самата идеја на правна држава е доведена во прашање. Затоа, ова не е личен напад или политички став. Ова е правна дилема која бара одговор.

Оваа правна дилема не е прашање на политика, туку на владеење на правото и почитување на уставните норми. Јасно е дека Владата, а особено Министрите за надворешни работи, морале да ги почитуваат сите законски процедури и овластувања, како и да ги штитат и унапредуваат националните и државните интереси.

Иато така ова не е само техничка процедура – ова е тест за капацитетот на државата да се води според владеење на правото. Ако се покаже дека обврзувачки документи се потпишувале без правна основа, тоа отвора прашања за легитимноста на тие акти, но и за капацитетот на институциите да штитат суверенитет и правен поредок.

Затоа, апелирам до Владата: објавете ја целата документација за протоколите, објаснете го процесот на овластување и овозможете јавна и институционална проверка. Само така ќе се поврати довербата во институциите и ќе се заштити уставниот интегритет на Републиката.

П.С. Во однос на другите прашања и дилеми со многу факти и аргументи во првата следна прилика, а тие прашања се следни:

  • Дали Владата и Претседателот на државата „не воделе сметка“ за штетноста на Францускиот предлог и Протоколите?
  • Водената постапка во која прво Собранието го усвојува Францускиот предлог, а потоа Владата го прифаќа истиот на своја седница, создава правна нелогичност и сомневање за јасноста на улогите и овластувањата. Владата треба да има претходна изјава или став, а не „повторно усвојување“ по Собранието.
  • По однос на прашањето дали последниот збор треба да го има Собранието и дека за ваков важен документ е потребна јавна дебата па дури и референдум.
Поврзани содржини