Праведната поделба на сиромаштијата е лош систем за совладување на рецесијата

Ако нешто ја извлече оваа земја од оваа страшна криза, тоа секако нема да биде социјалистичката логика на праведна распределба на сиромаштијата, туку ефикасната комбинација од домаќинското однесување и поттикнувањето на креативноста, на претприемачкиот дух и на општествената одговорност на лидерите на реалниот сектор на македонската економија.

2,545

Да бидам искрен, не очекував олку амбициозен пакет антикризни мерки од владата на Димитар Ковачевски. Очекував помала одлучност, констернација дури. И покрај и бездруго полезна јавна дебата за тоа дали мерките ќе бидат ефикасни и дали некои од нив се задоцнети или можеби и преуранети, останува импресивниот и истовремено и застрашувачки факт дека пакетот тежи неверојатни 400 милиони евра. Тоа се пари што презадолжената Македонија ги нема и најверојатно ќе мора да ги позајми од странство.

„Тежината“ на пакетот укажува дека ударот на глобалната криза предизвикана од војната во Украина врз нашата економија е страшен. Тој ги потенцира сите нејзини наследени структурни слабости. Ние многу сакаме да си се фалиме, но ноторен факт е дека Македонија е економски фрагилна и увозно зависна земја. Ние не произведуваме ни доволно енергенси, а ни доволно храна, за да ги задоволиме сопствените елементарни потреби. Не произведуваме и ништо друго атрактивно со што би можеле да бидеме конкурентни на странските пазари. Нивото на продуктивност е ниско, цената на трудот е уште пониска, а стандардот е најнизок во регионот.






Во Македонија со години и со децении само се зборува за „структурни реформи“ на економијата и за „поддршка на реалниот сектор“. Но, според висината и особено според структурата на буџетот, според големината на јавниот сектор, според навиките да трошиме туѓи пари за глупости, а секако и според широко распространетата пракса за често директно инјектирање пари „во народот“ (со што се купува наклонетоста на широките народни маси и поддршката пред секои избори), ние всушност се уште сме една млитава социјалистичка економија.

А гледам дека и сега, посебно во контекстот на расправата што да се прави во време на најтешката рецесија после Втората светска војна, голем дел од нашата стручна јавност, а и огромен број фејсбук „експерти“ за политичка економија, упорно ја развиваат тезата дека антикризните мерки мора да бидат „строго таргетирани“ и „праведни“. Народот сака да слушне, а бпгами и слуша, дека товарот на кризата мора да падне врз грбот на богатите, а сразмерно помалку да ги оптовари сиромашните. Тоа се тие остатоци на нашата стара социјалистичка логика, која со право и во „она“ време беше нарекувана систем на праведна распределба на сиромаштијата.

Се разбира, едно е да се зборува, друго е да се дизајнираат спроведеливи „таргетирани“ антикризни мерки. Тешко, а понекогаш и невозможно, е да се избегне „линеарноста“. Како да се обезбеди „таргетирано“ влијание врз цената на горивата и на енергенсите? Може ли да има евтин бензин за сиромашните, а скап за богатите? Или евтина струја за првите, а скапа за вторите? Како ќе се обезбеди правдата? Со ваучери? Со субвенции? Претераното државно субвенционирањето на цената на струјата за т.н. мали потрошувачи, на пример, одамна предизвикува дисторзии на пазарот.

Дилемите се од суштинска природа. Не сум сигурен дека може да се оправда фамата за постоењето еден значаен контингент богати луѓе во Македонија како економски фактор. Кога велам значаен, мислам на група луѓе со чие „таргетирање“ може да се дизајнираат ефикасни и робинхудовски економски политики.

Вчера, на пример, сопственик на тетовска такси-компанија посведочи дека ден по најавата дека такси-превозот би можел да поскапи 10 отсто, повиците се намалиле за половина. Добро, по потекло сум тетоец и знам дека тетовци секогаш сакаат нешто да ушпараат. Но, зарем „богатите“, кои можат да си дозволат да се возат во удобни такси-возила, се исплашиле од најавата на едно такво минорно поскапување, знаејќи дека овој вид превоз најверојатно ќе мора да поскапи најмалку двојно?!

Што ми е поентата? Треба да сфатиме дека војната и рецесијата подеднакво ги плашат и богатите и сиромашните. Всушност, првите реагираат многу побрзо – берзите реагираат експресно, инвеститорите меѓу првите хибернираат, газдите ги замрзнуваат бизнисите и размислуваат за отпуштања итн. Го видовме тоа во најтешките денови на пандемијата. Штедат сиромашните, но штедат и богатите – првите купуваат брашно и зејтин, вторите злато и други нешта што не губат вредност. И едните и другите го прават тоа панично, дури се може.

Да се разбереме. Јас не сум против повикот на Ковачевски да се штеди. Напротив. Не смее да се троши она што се нема, да се пружаат нозете подолго од чергата. Но, не верувам дека е добра идејата да се штеди на тој начин што ќе се дестимулира потрошувачката и кај оние што можат да трошат, односно да купуваат производи и услуги и по повисоки, па и по астрономски цени. Не само што треба да се помириме со „чудото“, туку и треба да се радуваме ако и на вакви цени на горивата не изненади густ сообраќај на скопските улици – тоа ќе значи дека некој ги плаќа (намалените) ДДВ и акцизата и го полни буџетот, па затоа ќе има доволно пари за плати за чиновниците, за пензии, за лекови, за образование … Во оној момент кога ќе видиме празни улици, драги мои, тогаш ќе знаеме дека сите сме навистина во голема неволја.

И кога веќе ги спомнав штедењето и администрацијата, сакам да нагласам дека владата треба многу посериозно да се посвети на најстрога забрана на сите непродуктивни трошоци во јавниот сектор. Такво арчење народни пари во вакво време-невреме треба да се разбере како воена агресија врз Македонија.

Ковачевски упати апел за штедење, но јас мислам дека ќе биде уште подобро да ги „таргетира“ огромните скриени резерви пари во јавниот сектор. Не е доволно да се штеди само на патни трошоци и на репрезентација. Тоа се ситници. Ако кризава потрае уште десеттина дена, Македонија ќе треба да се прогласи замрзнување на било какви нови вработувања во јавниот сектор, а веројатно и замрзнување на платите. Сите потреби можат да се задоволат со внатрешни прераспорeдувања на кадарот и со рационализации.

Дополнително, веднаш мора да се прогласи нулта толеранција за секој државен службеник што недомаќински се однесува со народните пари. А нулта толеранција значи само едно – дека ничие неодговорно и непристојно поведение нема да се толерира и дека секој што постапува поинаку е „агресор“ и затоа мора да си поднесе оставка, да биде разрешен или да добие отказ.

Товарот на економската криза предизвикана од пандемијата во Македонија падна главно на плеќите на луѓето вработени во реалниот сектор на економијата. На многу работници им се намалија платите, а не беше и мал бројот на лицата што останаа без работа. Вработените во државните органи, во здравството, во школството и во целиот јавен сектор, барем во поглед на платите и на ризикот од отпуштања, кризата воопшто не ја почувствуваа.

Македонија не може да си дозволи повторно, за кусо време, во услови на уште пострашна криза, да доживее уште еден таков удар врз реалниот сектор на економијата. Зашто, земја што не произведува добра и услуги и не создава нова вредност, не е самоодржлива и е зависна од странска помош. Таквата земја станува хуманитарен случај, а веќе нема да може ни да се зборува за суверена држава, туку за држава политички проект.

И затоа, поздравувајќи ја амбициозноста со која тимот на Ковачевски се фати во костец со рецесијата, ги повикувам и него и клучните луѓе во неговиот кабинет да размислуваат и за дилемите што ги поставив во оваа куса анализа. Ако нешто ја извлече оваа земја од оваа страшна криза, тоа секако нема да биде социјалистичката логика на праведна распределба на сиромаштијата, туку ефикасната комбинација од домаќинското однесување и поттикнувањето на креативноста, на претприемачкиот дух и на општествената одговорност на лидерите во реалниот сектор на македонската економија.

За Македонецот важи онаа народната – сиромав човек жив ѓавол. Ама, поговорката се однесува на оние што работат, на оние на кои очите четири им играат, на снаодливите и на умните. Не на луѓето кои клатат врата и земаат плата. Тие не се ѓаволи, тие се нашите ангели, што пафтаат со белите крилца и ни глумат доблесни справедливци.

Поврзани содржини