ПРАВДАТА Е СЕЛЕКТИВНА ЗА 27 АПРИЛ Политичарите ги заштитија, новинарите извисија
Институциите треба да разберат дека напад на новинар во исто време е напад и врз слободата на говор, правото на граѓаните да се информираат и демократијата воопшто, додаде Чадиковски.
Упадот во Собранието на 27 април 2017 година е најсериозниот инцидент во кој не само што се повредија правата на 20-тина новинари и медиумски работници, туку се повреди правото на јавно информирање на граѓаните.
Новинарите, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) останаа сами да ја бараат правдата пред надлежните судови и истите судови покажаа различен аршин. Не ги видоа виновниците, ниту во насилниците, ниту во државата која не ги заштити, изјави претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски на денешниот собир пред Основното јавно обвинителство со кој го одбележаа Меѓународниот ден за прекинување на политиката на неказнивост на насилството врз новинарите.
– Ни пратија порака „Новинарството не ни треба“. Затоа сме денеска тука, да потсетиме дека правдата за 27 април е селективна, додека политичарите беа заштитени, медиумските работници беа извисени – изјави Чадиковски.
Претседателот на ЗНМ порача дека 27 април останува да биде симбол на неказнивоста кон напад врз новинарите и ги повикаа институциите сериозно и ефикасно да ги истражат сите напади врз новинари и да ги казнат одговорните.
Тој потсети дека без одговорниот пристап на институциите, нападите врз новинарите ќе продолжат, а ќе станат и поагресивни со што може да го доведат во прашање животот на новинарите.
Институциите треба да разберат дека напад на новинар во исто време е напад и врз слободата на говор, правото на граѓаните да се информираат и демократијата воопшто, додаде Чадиковски.
Претседателот на ССНМ, Павле Беловски вели дека ЗНМ и синдикатот како партнерски организации повеќе од пет години работат на идејата преку законско решение се стави крај врз насилството врз новинарите.
– Точно пет години и една недела како јас бев лично нападнат и нашата медиумска екипа. Тоа одекна во јавноста, една година подоцна беше претепана екипата на А1 на Плоштадот „Македонија“. Бевме во политичка криза и граѓаните на нас гледаа како мета, за да можат да испратат порака со тупаници. Затоа ССНМ и ЗНМ не се поколебаа и иницираа законски измени во Кривичниот законик со коi идејата беше да се стави крај на нападите врз новинарите, односно да се санкционираат нападите како напад врз службено лице. Ние и денес после пет години не можеме да зборуваме дека имаме процесирано таков случај, односно дека Обвинителството гонело напаѓач по службена должност, како што е предвидена со таа законска измена, бидејќи Законот сè уште е во Собрание и не е донесен – објасни Беловски.
Тој апелираше до институциите ако правдата за 27 април не е добиена, сега имаат можност да ја поправат таа грешка. Во текот на наредниот период да го изгласаат законот, со кој на медиумите и медиумските работници ќе им овозможи отстапување од законот, односно гонење на насилниците по службена постапка.
– Затоа и денеска стоиме тука, тоа е и симболиката. Да упатиме и до Обвинителството порака дека доколку пратениците набрзо го донесат Законот, ОЈО нема да има повеќе изговор да не ги процесира нападите врз новинарите, односно да не ги гони напаѓачите на кои со ова законско решение ќе им се закани затворска казна – додава претседателот на ССНМ.
Тој порача дека само со законски и системски решенија ќе може да говориме за слободата на информирањето, односно и во пракса ќе се покаже дека европските вредности за кои често се говори можат да бидат имплементирани.
Прашан како го коментира изборниот процес и спречувањето на новинарите да ја завршуваат работата, претседателот на ЗНМ, Чадиковски изјави дека ток бил одбележан со низа инциденти во делот на новинарската работа.
– Едно беше тоа што го кажаа колегите фоторепортери и сниматели во делот на работата на општинските изборни комисии каде што голем дел од нив се однесуваа како да се газди на училиштата и градинките каде што се гласа, а некако е простор што е слободен за снимање и работа – вели тој.
Од друга страна. Чадиковски објаснува дека на многу места имало и вербални притисоци, закани, напади врз новинари и новинари за што тие неколку пати информирале и според него е нешто што не смее да се повтори, а сепак се повторува од изборен циклус во изборен циклус.
Тој додаде дека за овие случувања се информирани МВР и Обвинителството и очекуваат итна реакција, исто како што очекуваат итна реакција за другите тековни напади врз новинари.