ПРАВДАТА БАРА ФОКУС И ДОКАЗИ, А НЕ СПЕКТАКЛИ Како постапуваа судовите после најпознатите пожари во ноќни клубови во историјата

Секој обид да се истера лажна правда, низ судски спектакли и со процесни прекршувања, на крајот се претвора во судски маратон. А и судските маратони завршуваат со пресуди кои се фокусираат на лицата кои се објективно кривично одговорни за трагедиите.

47

Зачудувачки е колку правдата е едноставна, кога обвинителниот акт ќе се постави во реален правен контекст. Барем тоа го покажуваат светските искуства од судски постапки против лица кои во последниве децении се осудени по различни основи, поради пожари со голем број на жртви во ноќни клубови и дискотеки.

Колку и да е болна трагедијата, искуствата покажуваат дека правниот систем на крај мора да одговори на едно суштинско прашање: дали обвинителниот акт ќе доведе до јасна, докажлива и правично распределена одговорност.






Во предметот за дискотеката „Пулс“, Јавното обвинителство опфати 35 физички и 3 правни лица, што го прави еден од најобемните обвинителни процеси во ваков вид трагедии – но, не само во Македонија, туку и во светот. Токму поради тоа, дел од правната јавност сè почесто го поставува прашањето дали толку широкото обвинение може да ја доведе правдата до јасен епилог или евидентен е ризикот процесот да се претвори во долготраен судски маратон.

Светските искуства за процеси поврзани со пожари во ноќни клубови покажуваат дека исходот речиси секогаш зависи од тоа дали обвинението успева да ја концентрира одговорноста кај оние што имале директна контрола врз безбедноста, а тоа и најчесто биле сопствениците на објектите, организаторите на настаните и лицата што ја активирале опасноста.

Најголемата несреќа со пиротехника во историјата на САД

Еден од најпознатите примери е пожарот во клубот „The Station“ во Вест Ворвик во сојузната држава Род Ајленд на 20 февруари 2003 година. Пожарот избувнал за време на концерт на рок-бендот Great White. Нивниот тур-менаџер активирал мала пиротехничка ефект-сцена на почетокот на настапот. Искрите од пиротехниката ја запалиле лесно запаливата акустична полиуретанска пена што била поставена на ѕидовите и на таванот околу сцената. Огнот се проширил со неверојатна брзина. За помалку од една минута чадот веќе се ширел низ излезите, а за 5 – 6 минути целиот клуб бил во пламен. Во клубот имало околу 462 луѓе, далеку над некои проценети безбедносни капацитети. Во паниката, повеќето посетители се обиделе да излезат преку главниот влез, што создало тесно „грло“ и масовно туркање. Епилогот на најсмртоносната несреќа со пиротехника во историјата на САД е 100 загинати и 230 повредени.

Иако трагедијата била страшна, кривичната одговорност на крајот се фокусирала на три лица – менаџерот на бендот кој ја активирал пиротехниката и двајцата сопственици на клубот. Случајот завршил со признанија на прифаќање на одговорноста и со затворски казни (15 години затвор, од кои 4 години ефективна казна), што овозможило релативно јасен правен епилог наместо масовно судење со десетици обвинети. Вреди да се додаде дека покрај кривичните процеси, биле поднесени десетици граѓански тужби против сопствениците на клубот, бендот, производителот на запаливата пена и против телевизиска екипа што снимала концерт, а вкупната спогодба за отштета со жртвите и нивните семејства достигнала околу 176 милиони долари.

Трагедијата што доведе до пад на владата во Романија

Слична трагедија се случила на 30 октомври 2015 година во клубот „Colectiv“ во Букурешт, кога пиротехника на концерт ја запалила акустичната изолација на таванот и предизвикала пожар во кој загинале 64 млади луѓе, а 140 биле повредени. Во клубот имало 300 до 500 луѓе, иако објектот бил лиценциран за многу помал капацитет. Пожарот предизвикал паника, а тесниот излез ја отежнал евакуацијата.

Во Романија случајот предизвикал и огромна политичка криза и пад на владата. Судскиот процесот во Романија траел со години, под силен притисок од јавноста, Сепак, конечната пресуда повторно ја концентрирала одговорноста во ограничен круг обвинети. Осум лица биле правосилно осудени, меѓу кои сопствениците на клубот и лица поврзани со безбедноста. Осуден е и поранешниот градоначалник, кој издал дозвола за работа.

Најголема затворска казна од 11 години и 8 месеци затвор добил еден од сопствениците на дискотеката, додека сите осум обвинети се осудени на вкупно околу 60 години затвор. И покрај комплексноста на случајот, судскиот епилог повторно бил фокусиран на лицата што имале директна контрола и одговорност за функционирањето и за безбедноста на објектот.

Последиците од трагедијата во рускиот град Перм

И пожарот во ноќниот клуб „Lame Horse“ во рускиот град Перм на 5 декември 2009 година е една од најсмртоносните катастрофи во ноќни клубови во Европа. Трагедијата има многу сличности со случаите што ги опишуваме во оваа анализа и кои се слични на трагедијата во Кочани — повторно пиротехника во затворен простор, запаливи материјали и преполн клуб (околу 300 луѓе). Во пожарот загинале 156 луѓе, а повеќе од 130 биле повредени.

Слично како и на стартот на судската разврска на кочанската трагедија, руските власти покренале голема истрага и обвинија повеќе лица: сопствениците на клубот, организаторите на огнометот, локални инспектори за пожарна безбедност и службеници кои издавале дозволи. Во 2013 година рускиот суд изрекол повеќе затворски казни, при што најстрогата казна ја добил ко-сопственикот на клубот, кој бил осуден на 9 години и 10 месеци затвор. Други обвинети — вклучувајќи организатори на пиротехниката и службени лица — добиле казни од 4 до 6 години затвор. Неколку пожарни инспектори биле осудени за небрежност и злоупотреба на службена должност, бидејќи претходно знаеле за прекршувањата.

Иако во истрагата биле опфатени и лица од инспекциските служби, судските пресуди на крај ја фокусирале главната одговорност кај сопствениците на клубот и кај организаторите на настанот, односно кај оние што дозволиле употреба на пиротехника во небезбедни услови.

Трагедија и судска драма во Бразил долга 12 години

Трагедијата во ноќниот клуб „Kiss“ во бразилскиот град Санта Марија на 27 јануари 2013 година е една од најсмртоносните катастрофи во историјата на ноќните клубови во светот. Слично како и случаите во САД и во Романија, пожарот почнал од пиротехника во затворен простор и за неколку минути се претворил во масовна трагедија. Пожарот избувнал за време на концерт на бразилски бенд, кој настапувал пред голем број студенти. За време на настапот биле активирани пиротехнички ефекти, а искра ја запалила полиуретанската акустична пена на таванот. Според истрагата, повеќето жртви не загинале од пламенот, туку од труење со чад и со гасови кои се ослободувале при согорување на пената. Во клубот имало повеќе од 1.000 луѓе, што било значително над безбедносниот капацитет на објектот. Епилогот е 242 загинати млади луѓе и повеќе од 600 повредени.

Маратонскиот судски процес траел речиси девет години, а во 2021 година бразилски суд донел пресуди против четири лица: двајца сопственици на клубот и двајца членови на бендот кои ја активирале пиротехниката. Изречени се затворски казни од 14 до 22 години. Но, во 2022 година бразилски суд ја поништил пресудата поради процесни неправилности, што значело дека случајот мора повторно да се разгледува. Тоа предизвикало огромно незадоволство кај семејствата на жртвите и јавноста. Во 2025 година, цели 12 години после трагедијата, судот ги потврдил затворските казни, но безмалку ја преполовил нивната должина, со што конечно се затворил еден од најдолгите судски процеси поврзани со ваков вид трагедии.

Неславни „шампиони“, од Филипините до САД

Се чини дека апсолутен шампион по должината на судскиот процес е пожарот во клубот „Ozone Disco“ во Кезон Сити на Филипините во 1996 година, кога загинале 162 лица. Истрагата покажа сериозни пропусти во безбедносните стандарди, меѓу кои тесни излези, пренатрупаност и недостиг од противпожарни системи. Судската постапка траела речиси две децении, но конечните пресуди повторно ја утврдија одговорноста кај сопствениците и кај управителите на објектот.

Инаку, историски најпознат пример за ваков вид трагедија е пожарот во клубот „Cocoanut Grove“ во Бостон во 1942 година. Во најголемата катастрофа со пожари во ноќни клубови во историјата, загинале 492 луѓе, главно поради комбинација од запалив декор, заклучени излези и пренатрупаност. Иако трагедијата доведе до големи промени во безбедносните стандарди во САД, кривичната постапка повторно се фокусирала на сопственикот на клубот, кој бил осуден за убиство од небрежност.

Трите клучни поуки од најпознатите случаи

Иако овие трагедии се случиле во различни историски периоди, во различни земји и и во различни правни системи, од судските епилози можат да се извлечат важни поуки, кои можат да помогнат и при менаџирањето на процесот за трагедијата во Кочани, во насока на брз судски епилог, правда и сатисфакција за семејствата на жртвите.

Пред сè, без оглед на сите обиди за покренување мега-процеси, меѓу другото и за да се предизвикаат промени во безбедносните процедури, политичка одговорност за корупција и слични ефекти, кривичната одговорност сепак се фокусира кај оние кај таа реално постои и може да се докаже: тоа се главно сопствениците на објектите и организаторите на настаните, како и кај други лица кои имале директна контрола и одговорност за безбедноста и за условите во кои се одвивале трагичните настани.

Дури и во случаите кога трагедиите предизвикуваат значителни политички консеквенции – пат на владата во Романија и страшна „перестројка“ во Русија по наредба на Путин после трагедијата во Перм, на пример – правните разрешници на случаите се движат во рамките на фокусираната и индивидуализираната кривична одговорност. Кај ваквите трагедии обвинителниот акт мора да го следи директниот причинско-последичен синџир на одговорност. Само така судските процеси добиваат јасен епилог.

Втора важна поука е следнава: секој обид да се истера лажна правда, низ судски спектакл и со процесни прекршувања, на крајот се претвора во судски маратон. Типичен пример за тоа се судењата во Бразил и на Филипините. За жал, начинот на кој кај нас сега е дизајнирана правната разврска на случајот „Пулс“ – едно централно обвинение кое опфаќа 38 обвинети лица и три посебни обвиненија со кои се опфатени вкупно 23 полицајци – просто најавува четири одвоени маратонски судски процеси.

Не само семејствата на жртвите и повредените, туку и другите засегнати, добронамерната јавност, па и злонамерните манипуланти од секаков вид, едноставно, не можат да чекаат со години судовите да дефинираат кривична одговорност во четири различни процеси, а потоа за истите теми да расправаат повисоките судови, до финалните пресуди. Затоа, од голема важност е прашањето на кривичната одговорност да се индивидуализира и да се фокусира на лицата непосредно одговорни за трагедијата.

Третата поука се надоврзува на двете претходни и не доведува во врска со пристапот за кој се определија швајцарските власти, во менаџирањето на правната постапка по трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана: едно од клучните прашања е обесштетувањето на жртвите и тоа не мора да чека кривични пресуди – со вонсудски постапки на семејствата и на повредените може да им се пружи извесна сатисфакција, правна сигурност и поддршка. Тешко на нив ако се доведат во ситуација со години да чекаат да бидат обесштетени ако судот ги задолжи кривично одговорните солидарно да им ги надоместат штетите, како што тоа обично и бива. Во однос на ова прашање, паметно е, разумно е и чесно е да се постапи поинаку.

Поврзани содржини