Правда за свињите

Простете што ве прекинувам додека ја бришете детската крв од муцката на рунтавото истрауматизирано кутре, ама дали можеби сметате дека решавањето проблем со пушка в планина е поразлично од решавањето проблем со пушка на улица и дека за првото не вреди да се протестира пред Владата како за второто?

1,427

Замисли да си дива свиња. И Шар Планина да е твојот дом. И да јадеш како свиња, да пиеш како свиња, да се валкаш како свиња. Да имаш и мали диви прасиња кои постојано те имитираат и сакаат да бидат свињи како тебе кога ќе пораснат. Да се чувствуваш слободно и моќно, да го познаваш секое камче и секое изворче. Едноставно, ти да си кралот на животните, оти, јебига, нема лав на Шар Планина.

И замисли сѐ да е така весело и „свињчесто”, а одеднаш, сосема неочекувано, почнува да ти се руши цела планина врз глава. Слободата почнува да исчезнува, се раѓа стравот, се тресе земјата, мириса на смрт. Камчињата не се онаму каде што биле, изворите не изгледаат исто. Ја губиш „кралската“ круна на главата оти веќе не си најсилен. Доаѓа некој многу посилен, со пушка во рацете. И сака да ти пресуди. Оти слушнал дека си болна дива свиња и дека ако не те суреди можеш да му го сотреш родот човечки.






Еден ден го здогледуваш. Му велиш: „не пукај брате, не сум болна, жими мајка“. А тој не сака ни да те чуе, а не да ти поверува. Уплашен е од таа некаква африканска чума за којашто сите предупредуваат дека е присутна. Нанишанува и ти вметнува зрно меѓу очите. Твоите малечки прасиња почнуваат да квичат од тага, па пушкаџијата ги суредува и нив, едно по едно.

И така секој ден. Пукотници се слушаат од Тетово до Гостивар. Дивите свињи, болни или неболни, паѓаат како покосени. Оти така им било пишано.

А каде би им било пишано на друго место ако не во Решението за одобрување на ловење на дивеч под заштита и преземени мерки од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во однос на појавата на африканска чума кај свињите донесено од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство бр.50-8629/1 од 30.08.2022 година и во Решението на АХВ за контролни и заштитни мерки во однос на болеста африканска чума кај свињите бр. 10-2257/2 од 03.08.2022 година.

Ловџиите, со овие две решенија, практично си добиле одврзани раце од државата, а тие, пак, веројатно убедени дека го спасуваат човештвото од нова чума, партал ги прават дивите свињи. На Шар Планина сега нема дива свиња ни за лек. А штом нема дива свиња, логично, не би требало да има ни африканска чума.

Но, што е јакото? Јако е тоа што синоќа пристигна допис до медиумите во кој се вели дека прекинува отстрелот на диви свињи на Шар Планина, оти – пази ова – поминала една година од наредбата за отстрел, а НИТУ ЕДНА ОД ОТЕПАНИТЕ ДИВИ СВИЊИ НЕМАЛА АФРИКАНСКА ЧУМА.

Види богати! Извини Пиги, морално беше?! Прости ми што те цвикнав меѓу очи, поздрави ги малечките, превкусни беа?!

Ова чудо не смее да пројде за три дена и тукутака да се заборави. Не знам како, ама крцкавото диво мевце што си го ручкавте на финта има да ви излезе низ нос! И да се знае чија е одговорноста – кому му текна дека дивите свињи се болни од африканска чума и кој ја издал наредбата за отстрел?! Еј, отстрел! Не зборуваме за лов на дивеч, туку за отстрел. Хитлер!

Јасно ми е дека најгласните активисти за заштита на животните во моментов се зафатени со кучињата-скитници кои во изминатиов период си ги испокршија запчињата каснувајќи ги „несовесните“ луѓе на улица, ама мислам дека и дивите свињи заслужуваат барем малку внимание, особено кога се убивани по наредба.

Простете што ве прекинувам додека ја бришете детската крв од муцката на рунтавото истрауматизирано кутре, ама дали можеби сметате дека решавањето проблем со пушка в планина е поразлично од решавањето проблем со пушка на улица и дека за првото не вреди да се протестира пред Владата како за второто? Или можеби си мислите дека животот на свињата е помалку важен од кучешкиот живот? Или, пак, држите дистанца оти свињата не може да биде милениче? Или дивата свиња не е доволно „истрауматизирана“ од човекот како што се кучињата-скитници, па заслужува отстрел? Ало, отстрел на база на претпоставка!

Имам еден предлог. Ајде да продолжиме да си бидеме луѓе. Оти, ако се одродиме, ќе почнат да нѐ викаат свињи и ќе нѐ бркаат со пушки.

Поврзани содржини