„ПРАВДА“ ЗА РАЗВЕДЕНИТЕ СОПРУЖНИЦИ – А ЗА НИВНИОТ ПЕТГОДИШЕН СИН?! Пет судови, два центра за социјални работи, едно министерство и куп адвокати не можат да најдат начин детето да ја задржи блискоста со двајцата родители
После тригодишна рашомонијада во судовите и во центрите за социјална работа, драмата на разведените Невена и Спасе Спасески од Охрид е на самиот почеток. Пак се одлучува кому да се довери на чување нивното петгодишно дете. Во меѓувреме, без судска одлука, детето е кај мајката, а таткото како под казна - го гледа ретко, сега и под режим како да е најголем злосторник. И никој не сака да помисли дека таа ситуација е штетна и за малолетниот син на разведените родители. Системот целосно крахира. До кога?
„Правда за мајката Невена“. „Четиригодишно дете дадено на таткото насилник“. „Моќници во државата го поддржуваат имотниот татко Спасе“ … Ова се клучните пораки од написите во некои медиуми, со кои се опишува битката на сега веќе бившите сопружници Невена и Спасе Спасески за старателство врз нивниот малолетен син П.С. Повикувајќи се на јавниот интерес, повеќе или помалку пристрасни кон мајката, овие медиуми ја коментираат правната рашомонијада која трае повеќе од три години.
Разочарувачки е фактот што при тоа никој сериозно не бара правда за сега петгодишниот П.С. и не прашува дали тоа дете во овие три години имало можност да се среќава со својот татко, колку често тоа се случувало и во какви околности. Со одлука на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Град Скопје (МЦСР Скопје), но без правосилна и извршна судска пресуда, детето веќе три години живее со мајката, а средбите меѓу синот и таткото се ограничени и често и ускратувани од страна на мајката.
Рашомонијада на која не ѝ се гледа крајот
Приказната почнува во октомври 2022 година, кога односите меѓу сопружниците Невена и Спасе од Охрид видно се влошиле. На 26 октомври 2022 година, Основниот граѓански суд од Скопје го усвоил предлогот на МЦСР Скопје и на охриѓанецот Спасе Спасески му изрекол привремени мерки за заштита – забрана да се заканува дека ќе стори психичко насилство врз Невена и обврска да посетува советувалишен третман за сторители на семејно насилство. Важноста на овие привремени мерки била 6 месеци, а по истекот на тој рок, МЦСР Скопје не барал нивно продолжување.
Интересна е приказната како дошло до тоа на Спасе да му бидат изречени вакви драконски мерки. Правните застапници на охриѓанецот тврдат дека постапката во која нивниот клиент бил оквалификуван како насилник се водела без тој да добие право да каже барем еден збор во своја одбрана. Постапката била поведена исклучиво врз основа на кажувањето на Невена дека Спасе насилно го одзел детето од неа, по што бил сопрен од полициските алфи на пат од Скопје кон Охрид, во близина на наплатната рампа Петровец и бил задржан еден час. Непобитен факт е дека верзијата на Невена за наводното „насилно одземање‘ на детето од страна на Спасе никогаш не е докажана и за тоа против охриѓанецот не е поведена истражна постапка. Против Невена, пак, е поведена постапка за лажно пријавување, која Обвинителството, од засега нејасни причини, подоцна ќе ја повлече.
Како и да е, после овој настан, Спасе сфаќа дека мора да се соочи со фактот дека тука некаде е крајот на неговата брачна заедница со Невена. Впрочем, од почетокот на октомври 2022 година, таа со синот М.П. живее кај своите родители во Скопје. Во ноември 2022 година, Спасе ќе поднесе тужба за развод на бракот, а Невена противтужба. Со оглед на фактот што Невена не сака да контактира со Спасе и не му дозволува на таткото да контактира со синот, МЦСР Скопје на 16 јануари 2023 година, со решение определува термини за видување на детето со таткото.
Во почетокот, средбите на Спасе со петгодишниот П.С. се одвиваат коректно. Затоа, на 7 јуни 2024 година, МЦСР Скопје со посебно решение ќе му дозволи на Спасе повеќе видувања со синот. Дозволено е детето да преспива кај таткото, а определени се и видувања за празници и за летни одмори. Според правните застапници на Спасе, мајката Невена не го почитувала целосно ова решение и често не му го давала детето на таткото, наоѓајќи различни изговори. За овие непријатни случки редовно бил известуван МЦСР Скопје, со цел да ѝ се укаже на мајката дека пропуштените денови треба да се надополнат, нешто што никогаш не е сторено. Петар само еднаш бил кај таткото на летен одмор.
Никогаш неизвршената правосилна и извршна пресуда со која детето е доверено на таткото
На 6 февруари 2024 година, Основниот суд од Охрид, со пресуда, го разведува бракот меѓу Невена и Спасе, склучен во февруари 2020 година. Малолетниот П.С. се доверува на чување, воспитување и делумно издржување кај таткото Спасе Спасески. Од тој момент почнува правната битка за тоа кој од двајцата родители ќе го „добие“ детето.
Постапувајќи по жалба на Невена во делот на пресудата за доверување на детето, во мај 2024 година, Апелациониот суд од Битола ја укинува пресудата на Судот од Охрид и предметот го враќа на повторно одлучување. Во ноември 2024 година, Основниот суд од Охрид повторно детето ќе го довери на чување и воспитување кај таткото Спасе. Невена се жали и на оваа пресуда, но Апелациониот суд од Битола во февруари 2025 година ја потврдува првостепената пресуда на Основниот суд од Охрид, со што таа станува правосилна и извршна.
Таа пресуда никогаш нема да биде извршена и петгодишниот М.П. ниту еден ден нема да дојде кај својот татко, кому му е доверен на чување. Од 23 февруари 2025 година, Невена веќе не го почитува решението на МЦСР Скопје за видување меѓу таткото Спасе и детето. Мајката одбива да постапи согласно со судската пресуда и не сака детето доброволно да го предаде на таткото.
Врховниот суд битката ја враќа на почеток
Во меѓувреме, адвокатите пак имаат полни раце работа. Спасе поднесува предлог за присилно извршување на правосилната и извршна пресуда, пред надлежниот Основен суд во Скопје. Поради многу одлагања и поради неефикасност на Судот, оваа постапка ќе трае од април до јули 2025 година, но без успех. Последен пат скопскиот суд, со полициска асистенција, ќе се обиде да ја изврши пресудата на 14 јули годинава, но Невена нема да ја отвори вратата од својот дом во Скопје.
Невена имала добра причина да постапи така – на тој датум пресудата со која Спасе конечно го добива П.С. веќе била укината со одлука на Врховниот суд, но таа одлука сè уште не била доставена до странките. Постапувајќи по барање за вонреден правен лек, ревизија, Врховниот суд на 3 јули 2025 година ги ревидирал односно ги укинал пресудите на Основниот суд од Охрид и на Апелациониот суд од Битола и предметот го вратил на повторно судење во прв степен во Охрид. Првостепената постапка во охридскиот суд сега е во тек, а следното рочиште е закажано за 9 декември.
Плусинфо, како што нагласивме на самиот почеток на оваа сторија, нема да се впушта во „пресудување“ за тоа кому треба да припадне малиот П.С. и како треба да се расплетка правната рашомонијада, во која се заплеткани дури пет судови – Основниот суд од Охрид, Апелациониот суд од Битола, Апелациониот суд од Скопје, Основниот суд од Скопје и Врховниот суд. Сега е на потег судот во Охрид и треба да се сочека неговата одлука, по што веројатно ќе почне нова правна битка во повисоките судски инстанци.
Она што е побитно во случајов, барем од аспект на интересот на малолетниот П.С. – а тој сепак е најважен! – е неспорниот факт дека во текот на оваа тригодишна судска драма, детето расте без нормални и законски дозволени контакти со својот татко. Таа ситуација е и правно неодржлива: ако веќе не важи судската пресуда со која Спасе го добива својот син на чување, како што пресудил Врховниот суд, дефинитивно не постои судска одлука според која детето е дадено на чување кај мајката Невена.
Во периодот додека безнадежно води постапка за извршување на правосилната пресуда, Спасе се обидува преку МЦСР Скопје да го оствари своето право за видувања со детето, врз основа на претходното решение на овој центар. Но, сега скопскиот Центар веќе не презема дејствија за извршување на сопственото решение, она кое на Спасе му овозможувало да го гледа П.С. почесто, да го зема детето на преспивање, па дури и на одмори. Додуша, имало обиди на двата центра, скопскиот и охридскиот, заеднички да го видат детето во домот на Невена во Скопје, но мајката не им отворала врата и не била достапна на телефон. Во списите од предметот се наоѓаат и важни искази за тоа дека мајката подолго време не го носела детето во градинка (со образложение дека било болно) и не дозволувала контакт на детето со таткото.
Ниту една институција мериторно не постапувала да се надмине оваа ситуација штетна за малолетникот, а медиумите воопшто не го поставуваат прашањето дали е ова во интерес на детето. Во насловите се ламентира за „правда за Невена“, за „насоките на Врховниот суд“ и слично, а правда за петгодишниот П.С. не бара – никој!
Клопка за Спасе на роденденот на неговиот син
Соочени со опасноста против нив да биде поднесена кривична пријава за злоупотреба на овластувањата, одговорните лица во МЦСР Скопје на 14 април 2025 година против Невена ќе поднесат кривична пријава за кривично дело Одземање малолетно лице по член 198 од Кривичниот законик. Таа постапка сè уште е во тек. Центарот во Скопје против Невена ќе поднесе и предлог за определување привремени мерки за семејно насилство, со што ѝ се забранува да врши психичко насилство врз малолетниот П.С., да врши отуѓување на малолетното дете и се задолжува да овозможи непречени видувања и контакти на детето со таткото, како и да го вклучи детето во процес на социјализација.
Дополнително, на Невена ѝ е изречена забрана лично и преку полномошник адвокат или нејзини блиски сродници, да објавува во медиуми и на социјални мрежи било какви објави, со цел да се запазат правата и интересите на детето. На крајот, се задолжува Невена Спасеска да посетува советувалишен третман за сторители на семејно насилство во интегрирано Советувалиште при Прв семеен центар на град Скопје – Хера. Овие привремени мерки се со рок од 6 месеци.
Но, во реалноста ништо не се менува: во 2025 година, Спасе цели седум месеци не може да оствари контакт со својот син. Во меѓувреме, Невена не ја почитува забраната за објава во медиуми и води медиумска кампања против бившиот сопружник. Работат и адвокатите и судовите. Следуваат нови жалби и нови решенија. Основниот граѓански суд Скопје на 18 септември година со решение ќе ги потврди привремените мерки на МЦСР Скопје за семејно насилство од страна на Невена, но постапувајќи по нејзина жалба, Апелациониот суд од Скопје на 15 октомври ќе го укине тоа решение.
Во периодот од крајот на февруари до крајот на септември 2025 година, Невена не го дава детето на таткото. Во овој период Спасе ќе има само две кратки средби со него. Втората средба на Спасе со П.С., на 3 септември, во една детска игрална, по повод роденденот на детето, ќе биде всушност клопка за таткото. Пред оваа средба, Спасе напишал известување до центрите за социјални работи во Скопје и во Охрид, во кое од нив бара сугестија како да му однесе подарок на синот за роденденот. И на Невена ѝ напишал порака, по што, после долги месеци игнорирање, добил одговор дека е организирана прослава на роденденот на 3 септември и дека може да отиде во 18.30 часот.
Чувствувајќи дека нешто не е во ред, Спасе на роденденот ќе појде во придружба на својата мајка, како сведок. Според правните застапници на Спасе, на прославата на роденденот на детето, бил инсцениран инцидент, дека наводно Спасе го нападнал братот на Невена. Овој инцидент, за кој има противречни искази – Невена и нејзиниот брат тврдат едно, а Спасе и мајка му друго – не е документиран, бидејќи надзорните камери во игралната „случајно“ баш тогаш не биле во функција и нема материјален доказ.
После овој настан, Невена тргнува во офанзива, која на крајот резултира со решение на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на град Скопје (МЦСР Скопје) од 15 октомври 2025 година, со кое видувањата меѓу таткото Спасе и синот Петар се организираат небаре охриѓанецот е злосторник осуден за најтешки казниви дела. Така, Спасе добива едночасовни термини, среде работно време (меѓу 11 и 14 часот), а средбите со малиот Петар се одвиваат под надзор, во просторија во Центарот во Скопје. Без оглед на сè, Спасе го почитува ова решение и како и до сега, целосно е посветен на детето. Сите други негови професионални и приватни потреби се во втор план.
Вреди да се спомне и тоа дека Спасе Спасески на 12 мај годинава поднел барање согласно член 87 од Законот за семејството, детето да му биде привремено доделено нему. До денес по ова барање не е постапено. Спасе го обновил барањето на 4 септември, по што МЦСР Скопје ја одбил постапката за времено доверување на детето на таткото, иако биле исполнети сите услови ваквото барање да биде уважено, бидејќи Невена не му го давала детето цели седум месеци. Против ова решение на МЦСР Скопје, охриѓанецот поднел жалба до Министерството за социјална политика, демографија и млади. Одлуката на овој ресор се очекува до крајот на годинава, бидејќи рокот е 60 дена.
Измислен судир на надлежности меѓу центрите за социјални работи во Скопје и во Охрид
Уште еден аспект на правната битка за тоа кој ќе го добие петгодишниот П.С. заслужува внимание, бидејќи покажува како може да се злоупотреби системот.
Пред новата одлука на Основниот суд Охрид, каде постапката е во тек, креиран е измислен судир на надлежности меѓу центрите за социјални работи од Скопје и од Охрид, за тоа кој треба да даде мислење кому да се довери детето на чување. Злоупотребено е едно известување од Министерството за социјална политика, демографија и млади (од 31 октомври годинава), доставено до Невена, во кое се изнесува мислење дека во повторната судска постапка во Охрид, МЦСР Скопје е надлежен да даде мислење кому да се довери детето. Врз основа на тоа мислење – кое е правен нонсенс, бидејќи надлежноста се утврдува со закон, а не со мислење на некое министерство! – скопскиот Меѓуопштински центар за социјални работи деновиве доставил мислење до Судот во Охрид, кое, според очекувањата, е во прилог на Невена.
Правните застапници на Спасе тврдат дека овој потег е незаконски и бараат Министерството да појасни дека ова известување се однесува на надлежноста во други управни постапки, а не на надлежноста за давање мислење за потребите на судската постапка во Охрид. Надлежноста е законска материја и не се менува со известувања од министри, од службеници и од кој било друг. Во случајов, законски е неспорно дека мислење треба да даде Центарот за социјални работи од Охрид.
Кој и зошто ги заплашува одговорните во Центарот за социјални работи од Охрид?
Во меѓувреме, во медиумите се обзнанети информации дека претходниот директор на Центарот во Охрид, Игор Еленчевски, „заработил“ кривична пријава поради спротивставување на ставовите на Министерството. Министерството, како надлежен орган, при извршен инспекциски надзор, наводно утврдило дека Еленчевски, и покрај писмените укажувања, преземал процесни дејствија и испратил мислење до охридскиот суд, „иако за случајот е надлежен скопскиот центар“, тврдат медиумите кои ги пренесуваат мислењата на Невена и на нејзините правни застапници.
Во тие написи има и една ваква експлицитна закана: „Во јавноста се поставува прашањето дали сегашниот директор на Центарот во Охрид, Славчо Ристески, ќе ги повтори чекорите на својот претходник или ќе ги следи насоките што ги дадоа Министерството и Врховниот суд“. Прашањето се наметнува само по себе – а што ако новиот директор не ги следи „насоките“ и ако постапува законски, значи ли тоа дека и тој ќе „заработи“ кривична пријава, како и неговиот претходник?
Согласно со законот, Судот од Охрид веќе побарал мислење од Центарот за социјални работи од Охрид. Со кампањата чија цел е да се докаже дека во случајов надлежен е скопскиот а не охридскиот центар за социјални работи, се врши директен и груб притисок врз ЦСР Охрид да не достави мислење – идејата е луѓето од охридскиот центар, во страв од кривични пријави, или да не достават мислење до судот, или тоа мислење да биде исто како она на МЦСР Скопје. Неофицијално дознаваме дека подлата игра деновиве била засилена со нов инспекциски надзор во ЦСР Охрид.
Дополнителен важен мотив за овој измислен судир на надлежности е опасноста од неповолен исход на повторното судење, односно опасноста од нова пресуда во корист на Спасе, по што Невена би имала уште еден основ за жалбена постапка.
На крајот е почетокот на уште една драма – чија надлежност се правата на детето?
Судското рочиште на 9 декември во Судот во Охрид ќе покаже дали луѓето од надлежните институции ќе постапуваат во согласност со законите и со личен интегритет, одолевајќи на притисоците, во кои, според нашите сознанија, е вклучена и една помала политичка партија од владејачката коалиција. Но, како што рековме на самиот почеток, Плусинфо нема да се впушта во квалификации за актерите во оваа приказна, а посебно нема да изнесува квалификации за мајката Невена (како што во некои медиуми постојано се изнесуваат паушални и клеветнички квалификации за Спасе, за неговиот татко и за други блиски луѓе на нивното семејство). Само Судот има право и обврска да пресуди кому треба да го довери петгодишниот П.С. на чување.
Едно, сепак, мора да се каже јасно и гласно – кому и да му биде доверено детето на чување, судовите и центрите за социјална работа мора да се потрудат тоа непречено да комуницира со двајцата родители. Ниту еден од сопружниците нема право петгодишниот П.С. да го злоупотребува како алатка за казнување на другиот. И таткото, но и мајката која сега го чува детето, мора заеднички да се потрудат тоа да ја добие потребната грижа и поддршка од двајцата. Обврска на сите надлежни институции и на системот во целина е да му овозможат на ова дете да оствари блискост со двајцата родители, бидејќи тоа е клучно за неговиот натамошен развој. Невена и Спасе не се разведени од својот син. Тие засекогаш ќе бидат неговите мајка и татко.
Напомена: Подготвувајќи ја оваа сторија, со цел да се слушне и другата страна, авторот испрати прашања до г-ѓа Аница Цветановска, правна застапничка на г-ѓа Невена Спасеска, со молба одговорите да ни бидат испратени до синоќа (вторник, 2 декември, до 18 часот). До тој термин, одговорите не стасаа. Плусинфо ќе ги објави тогаш кога ќе стасаат, во посебен напис.