ПРАВАТ ПАУЗА ОД ДВА ДЕНА И ПАК ОДАТ НА БОЛЕДУВАЊЕ Едни те исти вработени земаат боледувања за разни болести
Организацијата на работодавачи на Македонија предлага неколку препораки меѓу кои засилена контрола на издавањето боледувања од страна на матичните лекари.
Намалување на товарот на работодавачите за боледувања од 30 на 7 дена, по што надоместокот ќе биде на товар на Фондот за здравствено осигурување, предлага Организацијата на работодавачи на Македонија по анкета спроведена лани во Македонија.
Оваа мерка би го олеснила работењето на компаниите, би го намалила финансискиот и кадровскиот товар и би ја зголемила ефикасноста и довербата во системот на боледувања.
Истражувањето, реализирано во ноември 2025 година, опфатило 74 компании од сите 8 региони во Македонија. Резултатите покажуваат сериозни предизвици со кои се соочуваат работодавачите, особено во делот на користењето на боледувањата и организацијата на работниот процес.
Анкетата покажува дека просечно низ компаниите релативно мал дел од вработените користат боледување во текот на еден месец. Кај половината од компаниите до ~5% од вработените се на боледување во кој било просечен месец, додека само кај околу 17% од компаниите повеќе од 8% од кадарот е отсутен на боледување на месечна основа. На годишно ниво, повеќето (околу две третини) од компаниите проценуваат дека до 10% од нивните вработени користат барем едно боледување во текот на годината, а само мал број (5%) пријавиле над 20% годишна инциденца на боледувања. Забележливо е дека дел од работодавачите (околу 7–9%) немаат воспоставено прецизна евиденција за овие показатели и не можат да дадат оцена.
Повторувачки боледувања кај исти вработени
Повеќето работодавачи укажуваат на тренд на повторувачки (последователни) боледувања кај истите вработени со различни дијагнози. Конкретно, 29 компании (39%) одговориле дека забележуваат вакви случаи често, а дополнителни 24 (32%) одговориле дека понекогаш се појавуваат такви повторувачки боледувања. Само 21 компанија (28%) немаат забележано појава на серија боледувања со различни оправдувања кај ист поединец.
Постојат две сознанија за причините за ваквите боледувања:
Матичните лекари издаваат различни боледувања или прават паузи од 1 до 3 дена меѓу две боледувања со цел трошокот за боледувањето да падне на товар на работодавачите. Ваквата пракса можеби е поттикната од целта да се намалат трошоците на ФЗО, но во случаи на сериозни заболувања работниците не се во можност да го стекнат правото на инвалидска пензија (не можат да остварат непрекинати 24 месеци со исто боледување).
Постои и раширено сомневање за можна злоупотреба на боледувањето од страна на одделни вработени, кои редат боледувања едноподруго со различни дијагнози за да отсустуваат подолго.
Најчести се боледувањата од 15 дена
Во однос на времетраењето на боледувањата, најчесто застапени се краткотрајните боледувања (до 15 дена) издадени од матичните лекари. Голем дел од компаниите нагласуваат дека работниците главно користат боледувања во траење до две недели, често поткрепени со извештаи од специјалист, наместо долги отсуства.
Неколку испитаници посочиле дека во нивната фирма се среќава феноменот на повеќекратно земање кратки боледувања едноподруго (на пр. серија боледувања од по 10-15 дена), што кореспондира со погореспоменатиот тренд. Спротивно на тоа, продолжените боледувања над 15 дена (кои се одобруваат од лекарските комисии на Фондот) ретко се најзастапени – многу мал број компании навеле дека долгите боледувања се почести од кратките. Приближно 12% од испитаниците оцениле дека имаат подеднаква застапеност и на кратки и на долги боледувања во својата евиденција.
Препораки од работодавачите
Организацијата на работодавачи на Македонија предлага неколку препораки, кои се наменети пред сѐ за надлежните државни институции (Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Министерството за труд и социјална политика и др.), но и за другите засегнати страни.
Се предлага засилена контрола на издавањето боледувања од страна на матичните лекари. Потребно е да се воспостави поефикасен надзор над работата на матичните доктори во делот на отворање боледувања. Компаниите масовно бараат поголема контрола, верификација и казнени мерки кога лекарите неоправдано издаваат боледувања. Се препорачува ФЗО да спроведува почести инспекциски контроли на издадените боледувања, особено кај лекари со статистички невообичаено голем број отворени боледувања.
Треба да се разгледа можноста за воведување второ мислење (преглед од независен лекар) за боледувања кои предизвикуваат сомнеж. Испитаниците предлагаат да се санкционираат и лекарите и вработените доколку се утврди злоупотреба – на пр. преку опомени, парични казни или во екстремни случаи одземање лиценца на докторот и дисциплински мерки за работникот. Посебно внимание да се посвети на боледувањата отворени само по телефонски разговор со лекар, без физички преглед – оваа пракса треба да се ограничи или укине со протоколи.
Работодавачите предлагаат целиот товар за нега на дете да премине на Фондот, бидејќи тој вид отсуство не е поради болест на самиот вработен.