Раководителите во јавната администрација, во царината, во инспекторатите како и поранешните функионери треба да поднесуваат анкетни листови за потекото на имотот, предложи пратеникот Јован Митрески на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
Во Македонија Државната комисија за спречување на корупцијата е единствената институција која има законска обврска да ја истражува имотната состојба на избраните и именуваните функционери. Според законот, избраните и именуваните функционери пред да започнат со вршење на функцијата мора да пополнат анкетен лист во кој ќе ја наведат својата вистинска имотна состојба. Ако антикорупционерите при проверка на анкетниот лист утврдат дека функционерите навеле состојба која не соодветствува со реалната, тогаш може да поведе прекршочна постапка. Но, пратеникот Митрески во интерес на поефективна битка против корупцијата предложи да се прошири листата на поднесувачите на анкетните листови и во раководните структури во администрацијата и други државни служби.
Претседателот на Собранието Талат Џафери претходно информира дека пратениците и службите во Собранието се вакцинирани и со втора доза и дека се планира од наредната седница да бидат во редовната сала, но додаде дека на тоа ќе претходи мислење и оценка од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.
– Таа сала би се отворила и за новинарите, но се зависи од тоа кој ќе биде ставот на државната здравствена комисија – рече Џафери.