Пратениците задолжително да имаат бојадисано јајце и да не бидат облечени како автомеханичари – дел од амандманите што ги доставила опозицијата до Собранието

Не е првпат пратеници да се досетливи и инвентивни кога станува збор за содржината на амандманите со кои на власта се сака да и се укаже дека не треба без консензус да носи некој закон или во случајов измените на Деловникот.

1,478

Пратениците кои се позитивни на ковид-19 при онлајн вклучување на седница на Собранието, пред камерите задолжително да имаат бојадисано јајце. Пратеникот кој поради ковид-19 ќе работи онлајн од дома, да не биде облечен во џемпер, ниту, пак, капа на главата, бидејќи така го нарушува дигнитетот и угледот на Собранието. Пратеникот при вклучување на работа од далечина да не биде облечен во автомеханичарска облека.

Ова се само некои од амандманите кои според СДСМ, ги доставила опозициската ВМРО-ДПМНЕ до Собранието за измените на Деловникот за онлајн работа на Парламентот за пратениците кои се заболени од ковид-19 и тие кои се во изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.






Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, измените на Деловникот предложени од претседателот на парламентот Талат Џафери се неуставни и партијата е на ставот дека за онлајн работа на Собранието прво треба да се пристапи кон измени на Уставот.

Опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијансата за Албанците и Алтернатива доставиле повеќе од 3.000 амандамани на измените на Деловникот.

Меѓу амандманите има и такви кои предлагаат на пример, примената на Деловникот да стапи на сила 30 дена откако Македонија ќе влезе во ЕУ. Деловникот да важи триесет и првиот ден од влезот на земјава во Европската Унија, па 32-от ден…

Не е првпат пратеници да се досетливи и инвентивни кога станува збор за содржината на амандманите со кои на власта се сака да и се укаже дека не треба без консензус да носи некој закон или во случајов измените на Деловникот.

За потсетување, ВМРО-ДПМНЕ со 30.000 амандмани во 2018 година го блокираше Законот за употреба на јазиците. Претходно, ДУИ, за законот за бранителите во 2012 година поднесе 15.451 амандман. Сите се сеќаваат кога за овој предлог закон Талат Џафери, тогаш како пратеникм молчеше со часови на комисиската расправа, користејќи го своето право на збор, потоа читаше книги, а еднаш и ја рецитираше „Очи“ од Ацо Шопов.  ДУИ со 5.000 амандмани го затрупа Собранието и за Изборниот законик за предлогот за една изборна единица. Тогаш Ејуп Алими од ДУИ поднел серија амандмани со кои се менува само датумот на важење. Тој за потсетување, бараше законот да важи од 20 јули 2051 година, потоа поднесува друг амандман, во кој бара да се применува од 11 октомври 2071, па имаше 28 октомври 2080. И така пратеникот во рок од 50 години си ги менувал датумите на амандманите. 

Амандманите за измените на Деловникот сѐ уште се архивираат и потоа ќе треба да се преведат од македонски на албански и обратно за да бидат ставени на комисиска расправа. Ова ќе потрае најмалку една до две недели. Потоа ќе се види колку време ќе треба измените на Деловникот да поминат на комисиска расправа за потоа да се најдат на пленарна седница.

Интенцијата на опозициските партии е да се блокира донесувањето на измените на Деловникот и поради тоа што во нив не е вклучена опозицијата, а пракса е Деловникот секогаш да се носи со консензус.

Допрва ќе биде појасно каква ќе биде стратегијата на власта, дали ќе ги турка измените на Деловникот за да ги донесе без учество на опозицијата или Џафери како предлагач, ако не успее да најде заеднички јазик со опозициските колеги ќе го повлече предлогот за измени на Деловникот.

По илјадниците опозициски амандмани, претседателот на Собранието не се произнесе како ќе дејствуваат во врска со Деловникот.

Поврзани содржини