ПРАТЕНИЦИТЕ РАСПРАВААТ ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ Заседава Постојаната анкетна комисија за човекови права
На седницата се присутни подносителите на претставката, родителите и блиски на загинатите, а воведното излагање го почна мајката Марија Петрушова.
Во Собранието почна седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, на која се разгледува претставка на здружението „16-ти март“ за трагедијата во Пулс во Кочани, во која загинаа 63 луѓе, а над 210 се повредени.
На седницата се присутни подносителите на претставката, родителите и блиски на загинатите, а воведното излагање го почна мајката Марија Петрушова. Таа во име на здружението „16-ти март“ побара вистинска правда за загинатите која како што рече е „важна за сите деца во Македонија“. За трагедијата, Петрушова кажа дека е резултат на системски пропусти и корупција, по што побара случајот да се разгледува како прекршување на основните човекови права особено правото на животот.
Во говорот наведе дека е симптоматично што се опфатени само поранешни функционери, а не и функционери кои сега и во времето на трагедијата ја извршувале конкретната функција. Петрушова наведе дека смета како со обвинението и со истрагата се опфатени само службеници од пониско ниво.
– Државата драматично потфрли во борбата со корупција, големите остануваат над законот, наведе Марија Петрушова.