ПРАТЕНИЦИТЕ НА АЛТЕРНАТИВА ПРЕД НЕВОЗМОЖЕН ИЗБОР Минатата недела ставија потпис за недоверба на Владата
Членовите на партијата се поделени на оние што се за влегување во составот на новото парламентарно мнозинство, како и на оние што сметаат дека на Алтернатива местото ѝ е во опозиција.
Во партиските тела на Алтернатива започнаа консултациите по состанокот што лидерот на партијата Африм Гаши го имаше со премиерот Зоран заев, околу партиципацијата на оваа политичка опција во власта.
„Синоќа по завршувањето на средбата, претседателот објасни за периодот што следи внатре во партијата. Додека партиските органи не ја завршат расправата и не се донесе одлука, нема што да додадеме“, наведоа од Алтернатива.
Според сознанијата на ТВ Алсат, во оваа партија има поделби меѓу оние кои се „за“ и „против“ влез во Владата. Се наведува дека членовите на партијата се поделени на оние што се за влегување во составот на новото парламентарно мнозинство, како и на оние што сметаат дека на Алтернатива местото ѝ е во опозиција.
Следните денови се користат за допрецизирање на позициите за потоа страните да одлучат дали ќе продолжат со преговорите. Како што објасни премиерот Заев, на средбата се разговарало за прашања поврзани со извршителите, неразвиените региони и социјалните аспекти. Доколку има договор и се прифатат овие услови, ќе биде потребна промена на владината програма. Заев и Гаши рекоа дека не разговарале за министерските позиции.
Средбата на Гаши со Заев не беше коментирана од Алијанса за Албанците која е актуелен коалициски партнер на Алтернатива. ВМРО-ДПМНЕ, пак, жали за Алтернатива доколку реши да ја напушти опозицијата и да стане дел од власта.
Конечната одлука се очекува во текот на следната недела. Заев рече дека кога ќе се осигура дека мнозинството е стабилно, ќе поднесе оставката. Тој најави средба на централното раководство на партијата во вторник на која ќе се официјализира неговото заминување од партијата.